1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приватните фирми резервирани за идејата за простување камати

Костадин Делимитов
18 февруари 2021

Од Синдикатите велат дека најголем дел од долговите на граѓаните се кон ЕВН и БЕГ, но оттаму со резерва гледаат на владината идеја за простување на каматите. Експерти критикуваат дека се промовира нееднаквост

https://p.dw.com/p/3pZ4b
Mazedonien Skopje Arbeiter
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Приватните компании во Северна Македонија со резерва го примија апелот на премиерот Зоран Заев и тие да се вклучат во отписот на камати и плаќање на рати за заостанати долгови на граѓаните. Синдикалците сметаат дека тоа е добар начин да се стави крај на праксата на наплаќање огромни камати од граѓаните, но експертите не се убедени дека мерката има социјална и пазарна издржаност. 

Во екот на пандемијата, според последните податоци, без работа останале над 18 илјади граѓани во земјата. Вкупната бројка на лица кои активно бараат работа во С. Македонија достигна 160 илјади луѓе. 

Владата донесе одлука да им помогне на граѓаните со простување на каматите за долгови над три месеци, а за заостанатите долгови, ќе се понуди можност за плаќање на 12 рати. Оваа мерка е дел од петтиот антикризен пакет кој откако помина во Владата, чека на виза во Парламентот. Според најавите, таа ќе се однесува на сите долгови и камати и ќе биде обврзувачка за јавните претпријатија и општините, но не и за приватните компании. Или во превод, мерката ќе биде од корист на граѓани кои имаат долгови за комуналии од типот на неплатена вода, комунални услуги, ѓубрарина, данок на имот. Но не и за долгови по основ на неплатена струја, парно, или телекомуникациски услуги.

Премиерот Зоран Заев при презентирањето на мерките ги повика и приватните компании согласно нивните можности да се приклучат и да покажат одредена солидарност.

А како ќе постапат тие, засега е неизвесно. Дојче веле направи мини анкета кај дел од клучните компании кои засега се без конкретен став. Најповиканите, ЕВН и БЕГ АД, каде според информациите има акумулирано најголем долг засега не конкретизираат ништо подетално:

„Во моментот кога ќе има официјална одлука од Владата на РСМ, ЕВН секако дека ќе ја разгледа и ќе одлучи. ЕВН Македонија и во минатото се приклучила кон владините пакети и кампањи кои имале за цел олеснување на плаќањето на долговите на граѓаните. Меѓутоа, овие пакети не се покажале сосем функционални во смисла на комплетни и систематски решенија на проблемот со заостанатите долгови. Сепак, останува да се одлучи по разгледување на официјалната одлука од Владата“, соопштија за Дојче веле од австрискиот оператор.Со сличен став се и во БЕГ АД, компанијата која се занимава со дистрибуција и снабдување на топлинска енергија:

„Пред да излезе со официјален став, БЕГ АД ќе ја почека официјалната објава на петтиот пакет мерки на Владата на РСМ и ќе изврши анализа од аспект на ефектите врз потрошувачите и компанијата“ соопштија за Дојче веле од БЕГ АД. 

-повеќе на темата: Простувањето долгови е „морален хазард“

Во фаза на размислување и анализирање се и во телекомуникациските компании кои засега не сакаат да конкретизираат ништо.

„Како ќе се одлучи засега немаме став. Иако и досега ние повеќепати им излегуваме во пресрет на нашите корисници со разни поволности. Но кај нас немаме посериозни проблеми од овој аспект оти ретко кој во денешно време одлучува да остане без телефон или интернет поради не плаќање сметки“, коментираат од еден од телекомуникациските оператори во државата.

Жртви на камати

Колку точно граѓани се заглавени во долгови нема прецизен податок. Со конкретни статистики не располагаат ниту синдикатите, кои ја поздравија ваквата одлука на владата и изразија надеж дека приватните компании би се вклучиле во поддршката. Инсистираат на решение, макар и системско за да нема сериозни проблеми од овој аспект:

„Најголем дел од долговите се кон БЕГ и ЕВН. Колку точно немаме податок, но бројката е огромна. Проблемот е што има огромни камати. Пред некое време бевме сведоци на случај за 12 илјади долг за парно, со камата од 120 илјади денари. Тоа е премногу. Затоа и бараме промени во законот за облигациони односи со кои би се ограничила каматата на ниво на висина на долгот. Така ќе нема злоупотреби, но и чување на пример на стари неплатени сметки во фиока и „билдање“ на камати. Мора да се најде решение“, коментираат за Дојче веле од Конфедерацијата на синдикални организации.

Mazedonien Skopje Baugerüst
Над 18 илјади луѓе во С. Македонија останале без работа поради пандемијата на коронавирусотФотографија: DW/Petr Stojanovski

Во очекување на конечната одлука и на приватните компании тие се мобилизираат за конкретни активности:„Ние апелираме да се вклучат и приватните, а кога ќе стапи законот за помошта во сила, ќе одат граѓани кои имаат долгови и на шалтерите на приватните компании за официјално да побараат таква поволност. Па ќе видиме како ќе одговорат оттаму. Друга можност немаме“, коментираат од синдикатот.

Промоција на нееднаквост

Дел од експертите немаат дилеми дека среде пандемија социјалниот аспект треба да биде врвен приоритет на помошта која ја одвојува државата, но во конкретниов случај имаат и забелешки:

„Мерката е во ред, но она што е проблематично во неа е тоа што таа промовира нееднаквост. Таа се однесува на сите што не плаќале, дури и на оние кои имаат пари а не плаќале, кои едноставно покажувале неодговорност во обврските кон јавните претпријатија. Ние не слушнавме податок за структурата на оние што должат, затоа сметам дека едноставно не им треба простување на камати и долгови на сите. Мора да има воведување на одредена максимална граница на месечните приходи за оваа мерка навистина биде социјална. А не да се плаќа неодговорното однесување и на доста добростоечките граѓани“, реагира Здравко Савески, активист за социјални права. 

-повеќе на темата: Се заканува ли бран од стечајни постапки?

Дополнителен проблем според него е што на ваков начин се прават и загуби за фирмите кои од некаде ќе мора да се надокнадат: „Се простуваат долгови, а тоа се пари, кои од некаде ќе треба да се надокнадат. А гледаме дека тие се главно од задолжување, па така проблематичен е и ефектот на ваквите мерки, оти долговите пак ќе мора да ги плаќаат граѓаните. Вклучително и оние на кои им се простуваат долговите. Дополнително, се стимулира и состојба на нерентабилност на фирмите и потоа стануваме сведоци на аргументи дека нема друго чаре освен нивна приватизација, а видовме дека за дел од јавните претпријатија се најавува приватизација. Затоа треба да се внимава и сериозно да се анализираат ваквите мерки, оти на крајот граѓаните се повторно тие што плаќаат“, коментира Савески.

Мерката за репрограмирање на долговите ќе се реализира преку објава на јавен повик во времетраење од пет месеци во рамки на кои граѓаните ќе побараат репрограмирање на долговите. За да стане оперативна, таа мора да го помине и собранискиот филтер. Инаку ова не е прв пат да се носат одлуки за простување или бришење на камати. Во изминативе години неколкупати се предлагаа закони за отпис или репрограмирање на долговите. Во периодот на пандемија, една од првите мерки беше и можноста за одложување на плаќање на ратите за кредити кон банките, а одреден период беа замрзнати и активностите на извршителите.