1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија гори поради своите Болсонаровци!

30 август 2019

Земјата ни е депонија, шумите ни се исечени, планините незаштитени, реките се драматично загадени, а истото важи за нашите полиња, нашите долини, нашите земјоделски површини. Колумна на Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3Ojmh
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Копно! Грета пристигна во Њујорк преминувајќи го Атлантикот со еколошки едреник, каде ќе се обрати на самитот на ООН за климата. Сите ја сакаме Грета и со право аплаудираме на нејзините симболични патувања, биле со воз или со едреник. Но, чудото од дете се обраќа и на возрасните, а возрасните имаат поинакви обврски и задачи, мораат да мислат на реалистичните еколошки решенија, на оние практичните. Убава и симпатична провокација е да се премине Атлантикот со едреник, но тоа е луксуз кој обичниот човек не може да си го дозволи, резервиран за милионерите и оние кои имаат време и пари за фрлање. Се наоѓаме во ерата кога милијарди луѓе секојдневно патуваат до своето работно место и сведоци сме на масовен туризам, кои зависат од автомобили, бродови, авиони кои работат на дизел, а предизвикот е како макар и минимално да се намали ослободувањето на јаглерод диоксидот кои овие превозни средства го предизвикуваат. Екологизмот и амбиентализмот се денес преважни за да се падне во замката на снобизам. Едрилиците, особено прекуокеанските, се историски превозни средства кои се врзуваат за богатите класи и категории.

И покрај тоа ми се допаѓа младата Грета, затоа што додека планетата гори од Амазонија до Сибир, од Ангола до Балканот, таа се обраќа со еден едноставен јазик на времето во кое живееме и ги освојува насловните страници на светските медиуми. Но, луѓе, ние имаме кратка меморија!

Читајќи деновиве за трагедијата на политичкиот и еколошки криминал на Болсонаро во Амазонија, се потсетив на ликот и делото на синдикалецот и еколошкиот активист Кико Мендес. На 22 декември 1988 година, лидерот на екологистите за спас на Амазонија беше застрелан од двајца убијци по нарачка на локален „фазендерос“, како што во Бразил ги нарекуваат латифундистите или големите сопственици на земја. Пред 31 година! 31 година знаеме за состојбите во Амазонија, сите овие години светот знаел и ништо не направил.

За што зборуваме, за што зборува светот овие три децении, спомнува ли некогаш од каде и како почнуваат големите човечки катастрофи кои ѝ ги нанесуваме на природата?!

Ова важи и за нас - колку помала земјата, всушност толку и повеќе нештата ни се пред очи. Да се потсетиме дека пред точно 10 години во Македонија од страна на дрвокрадци беше убиен шумскиот полицаец Игор Цветковски, а двајца негови колеги беа ранети. Три години пред тоа во Липково беа убиени двајца шумочувари. И ден-денес слушаме за напади врз овие луѓе, кои слабо платени и уште послабо опремени се мета на нападите на дрвокрадците или уништувачите на нашите шуми. И што правиме околу тоа?! Зборуваме ли воопшто? Најдени ли се убијците на Игор?! Подигната ли е нашата свест и заштитата на нашите шуми или животната средина? Верувам одговорот добро го знаете.

Еколошка драма во Македонија

Додека гореше шумата околу Велес, нешто што се поклопи со пожарите во Амазонија, видовме голем емотивен набој од хорот луѓе кои се молеа за Бразил или за Велес. И емотивниот набој не може да се игнорира во овие моменти. Но, мора да дојдеме и до некои прецизности, до некакви факти, до реални бројки за димензијата на нашето уништување, за да можеме да дејствуваме. Засега можеме да се задоволиме од зголемениот квантитет на емотивна реакција кај луѓето, но тоа што навистина ни треба е научна работа и политички труд, кои конечно би дале некакви резултати на терен. Не можеме да останеме постојано на владиното „ќе“, затоа што тоа само ја зголемува конфузијата и овозможува работите да продолжат по старо, оставајќи ги луѓето да се снаоѓаат како што знаат.

И сигурно не можеме актуелната жална состојба за еколошката драма во Македонија да ѝ ја натовариме само на оваа власт. Овде, како и во Амазонија, земјата се пеплосува, дрвата се сечат, шумата се опустошува најмалку три децении. Но, можеме и требаме да претендираме поголема динамика, подобра координација, поголема грижа и јасно квантифицирање на проблемите со кои се соочуваме. За жал, тоа не се случува ни со оваа власт.

Ако ви текнува во март и април месец имавме рекорден број на пожари низ целата држава. Преку 128 пожари само во март, изгорена беше површина од над 2.800 хектари, опожарени околу 3.300 метри кубни дрва, а трајно се изгубија неколку шуми како оваа сега во Велес, да не зборуваме за цели еко-системи и животински видови. Тогаш власта, неспособна да се соочи со проблемот, се повика на својата омилена политичка нарација. Министерот Спасовски обвини дека во пожарите имало политичка позадина, дека некој намерно палел депонии и шуми за политички цели, за дефокус или наштетување на власта. Станувало збор за тероризам. И што направија околу ваквиот тероризам?! Беа ли ова само лажни вести и евтина политичка пропаганда?!

На 5 март Владата најави серија реформи во системот за справувања со кризи. Но, денес гледаме, 6 месеци подоцна, дека ништо не е постигнато на тој план. Пожарот во Велес ни покажа дека и покрај инволвирањето на голем човечки потенцијал и механизација, координацијата повторно потрфлила. Ова го признаа одговорните на терен. И сега повторно ветувања!

Дрвокрадци, криминалци, политичари

И натаму ни треба време да се соочиме со поразителните бројки за нашата опременост околу соочување со пожарите. 30 територијални противпожарни единици во земјата имаат само 220 возила за противпожарна заштита. Просечната старост на овие возила е 27 години. Дури 154 од 220-те возила (70%) се произведени во минатиот век. Најстари се две возила од 1966 година, кои ги поседуваат Струмица (од марката ФАП 13) и Валандово (од марката ТАМ 5500).

За споредба, министерствата и општините имаат на располагање 2.645 патнички возила, што значи дека на секое 12-то патничко возило доаѓа по едно противпожарно. За разлика од патничките возила кои главно се купуваат од буџетски пари, значаен дел од специјалните противпожарни возила се добиени како донации.

И пак се поставува прашањето - дали политиката обрнува внимание на овие состојби? Колку хектари изгорена или исечена Македонија се тема на денот во преговорите помеѓу СДСМ и ВМРО за Законот за ЈО? Еден, половина хектар, ниту еден хектар?! И ова не е евтино морализирање, ова е состојбата на теренот, ова е нашата реалност.

Испаѓа дека и Македонија има свои Болсонаровци, и следбеници на Болсонаровци. Затоа што најголемиот еколошки криминал се прави пред сѐ од сиромашните, кои горат или крадат дрва, потоа од организираниот криминал, кој на диво ги сече шумите, потоа од локалните и државните политичари и нивните тесни економски интереси. Еве, нашите Болсонаровци кажуваат дека проектот за гасоводот одлично поминал низ Водно. Можеби затоа сега во набрзина донесената нова Студија за валоризација на заштитено подрачје парк-шума Водно, планираат да му ја намалат заштитната површина и да му го намалат заштитниот степен, правејќи ја шумата во Гази Баба законски позаштитена од едно Водно.

Сите општини и градоначалници влегле во границите на Водно, сите чепнале од планината. Мали и големи Болсонаровци, како оној Кочо што гради брани уништувајќи ја природата, како Мерко кој ги гори трските или Усеини кој подигнува дивоградби и прави цемент на Охридското крајбрежје. Ама такви Болсонаровци ги имаме на илјадници, особено во урбанистичката мафија толерирана и фаворизирана од политиката.

И во опозиција и на власт, луѓето од политичкиот врв се на врвот на пирамидата која ја уништува нашата кревка и ограничена природа. Плачеме за Амазонија откако нашите шуми ги испосековме или испогоревме, ги искасапивме за полнење на џебовите на некогашните и актуелните соработници на Груевски, бил тоа Мицкоски или Анѓушев.

Македонија не пошумува

Деновиве излезе уште една поразителна информација. Ај што шумскиот фонд се намалува и шумите ни горат, ај што кражбите на шумското богатство се во подем, туку Македонија веќе не пошумува. Во периодот помеѓу 1980 и 1989 година, во Македонија биле пошумени вкупно 76.587 хектари површина, повеќе отколку вкупно во трите наредни децении: во периодот од 1990 до 1999 биле пошумени 32.041 хектари, во следната деценија 2000 - 2009 година - 19.924 и во последната деценија од 2010 до 2019 година биле пошумени само 11.801 хектари површина.

Еколошката драма и добро познатиот проблем со аерозагадувањето не застануваат тука. Граѓанската 02 иницијатива пред два месеца алармираше дека од Планот за чист воздух на Владата со кој до крајот на 2020 ќе го намалеше аерозагадувањето во Скопје до 50%, а во другите градови од 30 до 50%, ништо не е реализирано. Од планот речиси ништо не е реализирано, само некои козметички ставки. Од Програмата за 2019 ништо не е реализирано, а не е објавена јавна набавка за ниту една од предвидените намени и средства.

Отровните ПМ10 честички се мерат само на 5 од вкупно 18 мерни станици од Државниот мониторинг на квалитетот на воздухот, додека најопасните канцерогени честички ПМ2,5 се мерат само со еден од вкупно пет мерачи. Важно Градот Скопје ќе добие уште една фабрика од тешката индустрија во кругот на Скопска Железара.

Други колумни од авторот:

(Thinker Tailor Zaev Spy) Зошто никој не го спасува војникот Заев?

Човечноста и отпорот на Тони Морисон

Пак ќе повторам, граѓаните и активистите не можат за сѐ да ѝ замерат на актуелната власт, сите сме свесни дека ова се проблеми кои се решаваат на долги патеки. Но, револтот постои не само заради слабите резултати, туку затоа што оваа власт продолжува со истите катастрофални политики од времето на режимот, додека и понатаму ништо сериозно не презема против еколошкиот криминал, загадувањето и перпетурирањето на тесните економски интереси на сметка на животната средина и на грбот на граѓаните кои ги гласале и заради нивните еколошки ветувања.

Нема ден граѓаните и активистите да не алармираат, но и да се борат, да нудат решенија за драматичната еколошка состојба во Македонија. Ако на некое поле може да се каже дека граѓаните нудат конструктивна критика, се заложуваат во сѐ поголем број, протестираат, пишуваат, па дури и чистат таму каде државата потфрлува, тогаш тоа е токму на овие теми. Срамно е да се има вака силен сојузник и таа растечка енергија да не искористи за целосна мобилизација во оваа земја, или за дефинитивно разбистрување на еколошките приоритети во државата. Земјата ни е депонија, шумите ни се исечени, планините незаштитени, реките се драматично загадени, а истото важи за нашите полиња, нашите долини, нашите земјоделски површини.

Бесмислено е веќе да се говори за левица и десница. Но, кога ќе кажеме дека левицата е изгубена, екологијата и заштитата на животната средина се најдобриот доказ. Уништени заради профит и заради неспособност. Не ми е до морализирање, тоа е само лесен начин човек да глуми чиста совест. Во овие конфузни времиња една работа е јасна: Грета, Мендес, Ристиќ, како и сите свесни македонски граѓани и активисти се на исправната страна. Болсонаро, Кочо, Мицкоски, и власт која не реагира, се на погрешната. Добро е да се потсетиме дека некогаш е едноставно да се лоцира - кој е во право, а кој не е.