1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лула осуден на 9,5 години затвор

ЕМФ /агенции
13 јули 2017

Поранешниот бразилски претседател Луиз Инасио Лула да Силва е осуден на девет и пол години затвор во скандалот со корупција поврзан со државниот нафтен концерн Петробрас.

https://p.dw.com/p/2gRJF
Brasilien Luiz Inacio Lula da Silva und Dilma Rousseff
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Peres

Екс претседателот на Бразил, Луиз Инасио Лула да Силва, е прогласен за виновен во првиот од петте процеси за корупција. Тој е осуден на девет и пол години затвор поради корупција и перење пари. 71-годишниот Лула има право да се жали на пресудата и дотогаш ќе остане на слобода.

Во судскиот процес се утврдуваше вмешаност на Лула во корупцискиот скандал кој го тресе државниот нафтен концерн Петробрас. Според судот, градежниот концерн ОАС им подарил на Лула и на неговата сопруга луксузен апартман во крајбрежниот град Гуаружа и го реновирал за околу половина милион евра. За возврат, Лула на ОАС му обезбедил договори за работа со Петробрас.

Brasilien, Petrobras Schild
Во скандалот околу Петробрас се вмешани голем број бизнисмени и политичариФотографија: picture alliance/CITYPRESS 24

По соопштувањето на пресудата, Работничката партија на Лула оцени дека е тоа „напад врз демократијата“ и врз Уставот на земјата.

Корупцискиот скандал ја тресе бразилската политика со години. Во него се вмешани голем број бизнисмени и политичари. Петробрас давал договори за работа на градежни и други фирми, а фирмите за возврат исплаќале мито за политичари и партии.

Лула е најпознатиот политичар кој досега е осуден во врска со скандалот. Се проценува дека пресудата би можела да му ги расипе плановите за политички камбек на претседателските избори наредната година. Во времето на владеење на Лула, од 2003 до 2010 година, Бразил доживеа голем економски бум. Левичарската влада и нејзните социјални програми им помогнаа на милиони Бразилци да се спасат од сиромаштија. И покрај тоа што неговото политичко наследство е оштетено поради скандалот со Петробрас и други афери, Лула и натаму е многу популарен меѓу Бразилците.