1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ловци на лажни вести

Барбара Везел
11 февруари 2017

Холанѓаните рачно ќе ги бројат гласачките ливчиња по изборите, од страв од руско влијание. Ангела Меркел е мета на напади од европските десничарски екстремисти преку ширење лажни вести. Како може Европа да се заштити?

https://p.dw.com/p/2XFIM
Verlegung US-Panzerbrigade nach Polen
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Bielecki/PAP

Четири години откако последните американски тенкови ја напуштија Европа, на 12. јануари оваа година во Полска беше префрлена 3. американска тенковска бригада. Колоната, која од Бремерхафен тргна кон источната граница на Полска, ја сочинуваа преку 3.000 војници, 87 тенкови и стотици возила. Присуството на камери и фотографи на јавноста ѝ овозможи да го следи движењето, што беше планирана политичка порака до Москва.

Чудесно мултиплицирање на тенковите

На една десничарска веб-страница во сепаратистичкиот дел од Источна Украина во тие моменти се случуваше чудесно множење на тенковите. „Донбас Њус Ејџенси“ јави дека САД преместија 3600 тенкови на границата кон Русија, дека станува збор за масивен воен марш насочен против Русија.

Бен Нимо од тинк-тенк организацијата „Атлантски совет“ припаѓа на групата од околу 400 експерти, која на Работната група на Службата за надворешни работи на ЕУ, составена од само 11 члена, ѝ помага во идентификувањето на лажни вести. Тој го покажува патот на веста за тенковите, начинот на кој таа се презема од една на друга интернет-страница и се инструментализира. „Донбас Њус Ејџенси до бројката од 3600 тенкови дошла со помош на вистински извор. Имено, ако се сумира бројот на сите возила, вклучително и оние резервните кои се наоѓаат во Холандија, се доаѓа до бројката од 3600. Но, во нив влегуваат и џипови, приколки, сѐ можно.“ Значи, целата колона по кратка постапка е предекларирана во тенкови. 

Во тоа се огледа целната намера на објавувањето лажни вести. „Тоа е типично за лажните вести: постои едно вистинско јадро, а околу него се намотува еден куп ѓубре“, вели Нимо.

USA Benn Nimmo
Бен Нимо од Атлантскиот советФотографија: DW/L. Scholtyssyk

Патот низ интернет

Потоа веста за тенковите се појави на канадска интернет-страница која шири теории на заговор. Таа ја закити со наслов: „Политичко лудило“. Приказната беше дополнително надуена, пренесена на други проруски веб-страници и конечно преземена од руската новинска агенција Риа новости.

Тоа е решавачкиот чекор, нагласува Нимо, зашто со тоа новинската агенција на лажната вест ѝ дава веродостојност. Експертот потоа можел да го следи натамошниот пат на веста за тенковите до земјите од поранешниот Советски Сојуз, во Летонија и на веб-страницата на норвешки комунисти, која крајно ја отстранила согледувајќи ја нејзината неверодостојност. „Тука се крие главната опасност: лажните вести ја добиваат веродостојноста на оние кои ја шират, а не на првичниот извор. А Риа новости на информацијата ѝ даде привид на вистина.“ 

Како да се сузбијат лажните вести?

Покрај пропагандата од руска „кујна“, безбројни лажни вести циркулираат од причина што некои луѓе со вакви веб-страници остваруваат рекламни приходи. За да бидат идентификувани, објаснува Нимо, треба да се бараат докази и патот на веста да се следи чекор по чекор, до нејзиниот извор. „Обвинувањето за ширење лажни вести има голема тежина, тоа мора да се докаже.“ Во меѓувреме, повеќе европски влади, како германската и француската, формираа сопствени служби за детектирање лажни вести.

Но, во принцип, тврди Нимо, секој кој има познавања за интернетот, може да „лови“ лажни вести. „Не мора да се биде технолошки експерт, туку да се има време, да се познаваат социјалните медиуми и начинот на кој тие соработуваат.“

Сепак, за расветлување на сериозни и еклатантни случаи, се потребни експерти, кои пак во уметноста на разоткривање треба да ги воведуваат и заинтересираните граѓани. Колку поголем број луѓе се занимава со тоа, во толкав размер се зголемува и стапката на разоткриени лажни вести и се намалува нивното политичко влијание. Експертот нуди и уште еден совет: „Клучот е во емоциите. Ако некоја вест предизвикува чувства, бес или одбивност, наместо да стигне до разумот, тогаш е потребна нејзина проверка.“ 

Screenshot dninews.com
Патот на лажните вести најчесто почнува од портал со сомнителна репутацијаФотографија: dninews.com

Непријатели на Европа


„Опасноста е во тоа што владите на одредени земји сакаат да ја минираат ЕУ. Русија е најважниот пример, но прсти меша и Турција“, потенцира Марк Пиерини од „Карнеги Европа“. Ситуацијата се влошува со тоа што сега се надоврзуваат и одделни сомнителни информации од американската влада. 

„Русија вложува огромен број луѓе и пари во ширењето лажни вести, ЕУ и нејзините членки тука не можат да држат чекор. Значи, потребна е помош од сите, медиумите и цивилното општество, а посебна внимателност е нужна пред избори.“ Зашто, оваа модерна форма на пропаганда за некои влади стана политички инструмент.

Но, според Марк Пиерини, лажните вести од руски извори не се толку опасни: „Јас повеќе стравувам од информациите кои доаѓаат од Националниот фронт од Франција, од Орбан од Унгарија и другите кои се блиски до Русија и се финансирани оттаму. Тие на пример, на луѓето им раскажуваат дека надвор од ЕУ и без еврото ќе им биде многу подобро. Тука лежи вистинската опасност, со оглед на девалвираноста на конзервативните партии.“