1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Техника

Лијанг за ДВ: Хуавеи му служи само на напредокот

Ханс Шпрос
20 декември 2019

Кинескиот технолошки концерн Хуавеи се нуди како опремувач за мобилната мрежа 5Г, но компанијата се смета за безбедносен ризик. Главната уредничка на ДВ, Инес Пол, разговараше со шефот на компанијата Лијанг Хуа.

https://p.dw.com/p/3V6E8
Liang Hua, Huawei Vorstandsvorsitzender
Лијанг Хуа тврди дека Хуавеи ќе бележи раст и натамуФотографија: DW/Jun Yan

Во кампусот на кинескиот телекомуникациски концерн Хуавеи, во кинеската крајбрежна метропола на југот од земјата Шенжен, има многу млади луѓе. Сите се со дуксери, џинс и патики, ретко кој е со костум. Секој ден има пауза за ручек која се користи за мала дремка на наоколу поставените душеци. Зградата во која го правевме интервјуто со претседателот на компанијата, Лијанг Хуа, е прилично едноставна – локацијата за интервјуто не беше специјално избрана за да нѐ импресионира со помпезност. Нашиот домаќин е пријателски настроен, водиме краток учтив муабет. Не е потребно долго објаснување за поводот за разговор – кинескиот технолошки лидер е под американски санкции и стана налик на симбол за тешкотиите со кои Европејците се соочуваат во релациите со Кина: од една страна им е потребна, од друга ги плаши.

Недоверба во Западот

Хуавеи е една од водечките компании кои овозможуваат ултра брз 5Г-стандард во протокот на податоци. 5Г важи за клучна технологија за автоматизирано возење, за дигитализирани процеси во фабриките, за „смарт сити“ и многу други. Но, многу западни земји имаат недоверба кон Хуавеи. Дел од експертите сметаат дека Хуавеи и покрај тоа што е приватна компанија, на крајот мора да ги следи и спроведува насоките на партиското раководство. Американскиот претседател Доналд Трамп во мај издаде наредба за забрана на дистрибуција на производи од Хуавеи од страна на американски компании, освен ако тие немаат посебна дозвола за тоа.

Interview Huawei Chairman Liang Hua
Шефот на Хуавеи, Лианг Хуа во разговор со главната уредничка на Дојче веле, Инес ПолФотографија: DW

„Може да станеме независни од САД"

Лијанг Хуа не крие дека американските мерки задале тежок удар на компанијата. „Наш највисок приоритет е да обезбедиме опстанок на компанијата." Тој е уверен дека тоа и ќе им успее. „Кога САД го ставија Хуавеи на црната листа, компанијата беше како дефектен авион. Но, успеавме безбедно да го вратиме дома", вели тој.

Хуавеи ќе продолжи да расте и без бизнисите во САД, уверен е Лијанг. Кинеско-американскиот трговски спор немал влијание на бизнисите на Хуавеи, тврди тој. Според него, компанијата уште посилно ќе се концентрира на земји и региони каде што веќе е присутна и таму ќе генерира раст. На пример, во Европа. Но, токму таму актуелно е контроверзна дебатата дали Хуавеи треба да добие налог за изградба на 5Г-мрежата. САД се обидуваат да вршат притисок врз европските сојузници да го исклучат Хуавеи. Но, во Шпанија на пример, Хуавеи веќе е вклучен во градењето на мрежата. Во Германија, Франција и Велика Британија има силен отпор спрема вклучувањето на Кинезите во безбедносно релевантна дигитална инфраструктура.

„Задршките спрема Хуавеи немаат подлога“

Интервју со шефот на Хуавеи на англиски јазик

Кога му се споменуваат таквите задршки, Лијанг Хуа прво одговара со набројување на многуте предности од аспект на клиентот кои се аргументи за Хуавеи и неговата „водечка улога” во унапредувањето на 5Г-технологијата. Но, што е со Националниот закон за тајните служби врз основа на кој Хуавеи може да биде присилен да прибира податоци за своите клиенти и да ги стави на располагање на раководството во Пекинг?

„Хуавеи во минатото никогаш не добил налог да испорачува податоци на државата. Дури и да добиеме таков налог во иднина, не би го исполниле“, ветува првиот човек на компанијата.

Вели дека Хуавеи во сите земји ги исполнува барањата од законите за заштита на лични податоци. Хуавеи како опремувач немал пристап до податоци на корисниците. „Сигурен сум дека германските оператори и надзорните органи се во состојба да ги заштитуваат податоците на германските корисници", вели Лијанг Хуа. Компоненти од Хуавеи веќе се составен дел од 4Г-мрежата.

„Позитивната улога на Ангела Меркел“

Лијанг ја фали улогата на канцеларката Меркел во дебатата за 5Г и Хуавеи во Германија. Под водството на Меркел владата не се фокусира на потеклото на еден производител, туку сите понудувачи добивале ист третман.

„Таквиот пристап е позитивен за развојот на комуникациската инфраструктура во Германија", вели Лијанг.

Хуавеи беше предмет на критики не само заради потенцијалниот безбедносен ризик како опремувач на операторите, туку и како важен испорачател на технологијата за препознавање на лица која во Кина е најразвиена и меѓу другото се користи за контрола на Ујгурите во Шинџијанг. Секако дека имало дебати како и кај секоја нова технологија, изјави директорот Лијанг. Но, на неговата компанија, според него, ѝ е важен човечкиот напредок и зголемување на општата благосостојба. А, препознавањето на лицата можело да даде важен придонес во тој сегмент, како на пример за пораст на продуктивноста и подобрување на општествената политика.

Главната и одговорна уредника на ДВ, Инес Пол, на крајот на средбата го поставува последното прашање: „ДВ, односно медиумот за кој работам јас, во Кина е блокиран. Нели би било прекрасно да може ова интервју да се гледа на пример на смартфони на Хуавеи?“ 

„Да, тоа би било супер“, одговара Лијанг Хуа.