1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над 40 илјади граѓани ќе ги добијат новите лични карти

ДТЗ
21 август 2021

Од денеска ќе продолжи печатењето и издавањето лични карти. Проблемот ќе се реши со донесување на подзаконски пропис, во услови на блокирано Собрание.

https://p.dw.com/p/3zHup
Nordmazedonien Pässe
Фотографија: Fatos Musliu/DW

Над 40 илјади граѓани ќе ги добијат новите лични карти, на кои чекаат цело лето. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека е надминат проблемот, поради кој не можеше да се печатат документите со новото име на државата - Северна Македонија и дека веќе од денеска ќе продолжи печатењето и издавањето лични карти.

Владата на оваа тема расправаше на седница, на која единствена точка на дневен ред беше информација за надминување на актуелната состојба во врска со издавање на обрасците на новите лични карти.

-повеќе на темата: На избори со истечени лични карти?

„Соодветно на информацијата, Владата го задолжи министерот за внатрешни работи да ги преземе сите потребни активности за донесувањето на подзаконски пропис согласно овластувањето од Законот за лични карти и да го усогласи со одредбите од Законот за употреба на јазиците со што се овозможува непречено издавање на обрасците за барање за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање лична карта, образецот за личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот за водење на евиденцијата за издадени лични карти“, соопшти Владата. 

Според Спасовски, подзаконскиот пропис ќе биде објавен во  „Службен весник", и со тоа ќе се овозможи веднаш да започне печатењето и издавањето на личните карти на граѓаните согласно нивните поднесени барања.

-повеќе на темата: Граѓаните можат да здивнат- пари од банки и од штедилници ќе можат да се подигнат со пасош или потврда од МВР

Според последните информации, станува збор за над 40 илјади граѓани коишто во текот на летото добиле термин, аплицирале, се фотографирале и платиле за нови документи, но не добија лични карти. Проблемот се провлекуваше со месеци наназад и им го отежна секојдневното функционирање на граѓаните. Тие не можеа да добијат нова лична карта поради собраниските лавиринти во коишто заглави предлогот за етничката графа во документите. Многумина поради настанатиот проблем не можеа да подигнат пензија, бидејќи банките не ги признаваа потврдите издадени од МВР, а дел од граѓаните беа спречени и да заминат на одмор поради немање валидни документи. Во пресрет на есенскиот попис и изборите во октомври, се наметна и прашањето како ќе се гласа на изборите со документи на коишто им е истечена важноста. Премиерот Зоран Заев завчера ја најави можноста оние кои не ќе можат да ги обноват истечените лични карти, да може да гласаат со нив на престојните локални избори. Во меѓувреме и банките и штедилниците им излегоа во пресрет на граѓаните и ја најавија можноста дека граѓаните со истечени документи ќе можат да го користат нивните услуги или со валиден пасоши, или пак со потврдата издадена од МВР. 

-повеќе на темата: Етничката припадност се поблиску до влез во личните карти

Власта изминатиов период ја обвини политичката партија Левица за блокирање на предлог законот за лични карти, по барањето на Беса и етничката графада влезе во новите документи.  Предлог-законот за лични карти е блокиран, со повеќе од 1.500 амандмани поднесени од опозицијата, а 1.200 се од партијата Левица. Блокадата започна со имплементацијата на законската обврска за менување на името на државата во документите - во Република Северна Македонија од 1 јули 2021 година.

„Ова законско решение не прецизира ништо друго освен тоа дека и кај личните карти од 1 јули треба(ше) да се применува уставното име на државата и да се применуваат одредбите од законот за јазиците, односно сите заедници што живеат во државата имаат право на личен документ на сопствен јазик“, објаснуваат од МВР. 

Личните карти со старото уставно име, од влегувањето во сила на новиот Закон за лични карти, ќе можат да се користат до 12 февруари 2024 година.