1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лица се заразуваат по вторпат, кривата не се исправа

30 октомври 2020

Македонските болнички капацитети во моментов се под голем притисок. Се подготвуваат и дополнителни одделенија

https://p.dw.com/p/3kdQD
Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во земјата се јавуваат случаи на лица кои по вторпат се заразуваат од корона вирусот. Првпат се заразиле за време на пролетниот/летниот бран, имале бројни симптоми и се излекувале (дел дома, дел во болнички услови). Иако биле излекувани, потврдено со два негативни теста, но и со општата здравствена состојба, сега повторно ги добиваат истите симптоми и тестирањата покажуваат дека се позитивни.

Прв ваков случај беше пријавен во август, кога штипјанец на возраст од 46 години, кој еднаш бил излекуван од Ковид -19, за кратко време повторно се зарази. Вториот пат состојбата му беше уште посериозна, и беше префрлен на болничко лекување.

Поради големиот наплив на новодијагностицирани во октомври, ваквите случаи остануваат во сенка, и засега нема одговори дали се води евиденција и анализа за нив. Уште пролетта шпански лекари алармираа дека дел oд пациентите кои успешно го завршиле лекувањето со негативни тестови, подоцна повторно биле позитивни. Лекарите сметаа дека не станува збор за секундарна инфекција, туку за случаи на „враќање/будење на вирусот", поради слаба имуна реакција. Објаснувањето беше дека „кога имуната реакција ќе успори и ослабне, вирусот кој останува во некој резервоар во телото, успева да се разбуди и да се врати“.

Повеќе:

Живот со маска

Нов вид на коронавирус од Шпанија се шири низ Европа

Со катанец против Ковид -19: Европа ги враќа рестрикциите

Обезбедени дополнителни одделенија

Домашните здравствени власти имаат уште повеќе причини за загриженост доколку новиот засилен бран покрај нови случаи таргетира и еднаш излекувани. Особено, ако тоа се случува во време кога кривата на зараза се’ потешко или воопшто не може да се исправи, а целта е бранот да се успори за да не колабираат здравствените системи.

Македонските болнички капацитети во моментов се под голем притисок. До вчера во модуларната болница сместена веднаш до Клиниката за инфективни болести беа слободни само неколку места, па, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, сега нови пациенти ќе се примаат на Клиниката за неврологија и на Клиниката за дерматологија, каде што има пристап до централен довод за кислород. Дополнителни болнички легла се обезбедени во Институтот за белодробни заболувања и во ГОБ „8 Септември“, како и на интерните одделенија во повеќе болници.

„Дополнителни одделенија се веќе подготвени. И болнички легла има доволно, и кадарот е подготвен да работи со пациенти со Ковид-19. Апелирам да се почитуваат новите мерки. Се изгласа измената на Законот за заштита на населението од заразни болести. Мерките кои се сега во сила се мерки кои се имплементирани во цела Европа - ограничениот капацитет на пополнување во јавниот превоз, задолжително носење маски на отворено, затворање на угостителските објекти во 23 часот, и препораката да се работи од дома и онлајн, е нешто што доколку се почитува може сериозно да ја намали трансмисијата на вирусот“, рече министерот.

Venko Filipce
Филипче: Дополнителни одделенија се веќе подготвениФотографија: Petr Stojanovski/DW

Дали дополнителните капацитети ќе бидат доволни за хоспитализирање на сите што ќе имаат потреба од болничко лекување, ќе покажат новите здравствени биланси. По завчерашните 870, вчера имаше 862 новодијагностицирани. Во болниците низ земјата до вчера беа хоспитализирани околу 670 пациенти, најмногу на Инфективната клиника во Скопје - над 150, од кои 110 на кислородна поддршка, а на механичка вентилација ниту еден пациент. Во ГОБ „8 Септември“ има 50-тина од кои двајца пациенти се на респиратор.

Помош за прекуграничен транспорт на болни

Земјите во регионот размислуваат за полски болници и спортски сали адаптирани за сместување на полесните случаи. Но, членките на ЕУ од вчера имаат и други опции. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави 220 милиони евра помош за прекуграничен транспорт на болни од Ковид- 19 лица за да се спречи колапсот на здравствениот систем во најранливите членки на Европската унија.

„Комисијата ќе мобилизира 220 милиони евра за прекуграничен трансфер на заболени“, изјави претседателката на ЕК на прес-конференција по виртуелниот самит на кој лидерите на ЕУ вчера разговараа за епидемиолошката состојба.

Таа посочи дека состојбата со Ковид-19 е загрижувачка и дека е потребно брзо да се дејствува.

„Ширењето на инфекцијата ќе ги преплави нашите здравствени системи ако не постапиме брзо“, рече фон дер Лајен.

За успешна борба против пандемијата таа посочи четири елементи: размена на најдобрите искуства, масовно тестирање, апликации за следење на контактите, и вакцинации. ЕК во моментов преговара со четири фармацевтски компании за обезбедување вакцини против Ковид-19, откако веќе е постигнат договор со три. Откако ќе биде верификувана, вакцината ќе биде дистрибуирана истовремено до сите земји-членки, во количество според нивниот удел во вкупното население на Унијата.

С. Македонија се надева дека истовремено ќе добие дел од тие вакцини, благодарение на иницијативата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, презентирана пред македонскиот премиер во септември годинава.

„Премиерот на Грција изрази подготвеност дека како членка на Европската Унија ќе побара и за Северна Македонија и Албанија вакцината да биде организирана преку нив, затоа што обично оди за земјите членки, па потоа за кандидатите. Ако може тоа побрзо да се организира за нас 15-20 дена порано е добредојдено, зошто да не? За мене тоа се изрази на пријателство“, изјави премиерот Заев минатиот месец, по посетата на Атина.