Либија ќе биде правна држава
13 септември 2011Исламот ќе биде основа за законите во Либија по соборувањето на Моамер Гадафи, изјави синоќа лидерот на Преодниот национален совет Мустафа Абдел Џалил во своето прво јавно обраќање во Триполи.
„Нема да прифатиме никаква екстремистичка идеологија, ниту на десната ниту на левата струја. Ние сме муслимани, исповедуваме умерен ислам и ќе останеме на тој пат“, истакна Џалил на Плоштадот на мачениците во Триполи.
Кршење на човековите права
Тој наведе дека ослободувањето на Либија е чудо што се случило со минимални загуби.
Во меѓувреме организацијата Амнести Интернешнл во најновиот извештај ги обвини и бунтовниците поради мачење Африканци, за кои се сомневале дека биле странски платеници на страната на диктаторот Моамер ел Гадафи. АИ побара од либиските привремени власти да преземат мерки за да се запрат убивањата и ликвидациите и употребата на тортура, како начин за изнудување признание.
Во својот извеш АИ констатира дека поголемиот број од насилствата во Либија се дело на лојалистите и оние кои се уште се борат на страната на Гадафи. Во насилството што ним им се припишува се насилното задржување на цивили и напади врз невооружени луѓе, но се забележува дека постојат случаи на сериозни и тешки насилства, во кои се вклучени и оние што се борат против режимот на соборениот либиски водач.
Злодела на цивили?!
АИ во извештајот бара од Привремениот национален совет на Либија темелно да ги истражи сите насилства и да се спротистави на ксенофобијата и на расизмот.
Министерот за правда на привремените власти Мохамед ал-Алаги изјави дека сите вакви примери се дело на вооружени цивили, а не на припадниците на бунтовничките сили. Според неговото објаснување станува збор за „погрешни постапки“, но инсистира дека тие „никако не може да се квалификуваат како воени злосторства“.
Автор: ЖА/ ГЧ/ дв/ миа
Редактор: Александра Трајковска