1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лела. Монтреал. Новинарство.

Гилда-Ненси Хорват
7 август 2021

Новинарството може да го промени животот, уверена е Лела Савиќ. Таа смета дека застапеноста на малцинствата во медиумите е човеково право.

https://p.dw.com/p/3ydae
Lela Savic Journalistin Roma-Aktivistin
Фотографија: Privat

„Мислам дека неодмерената застапеност на општествено запоставените групи во медиумите е проблем од сферата на човековите права“. Лела Савиќ е новинарка и живее во Канада. Таа е уверена дека медиумите имаат големо влијание врз тоа како се чувствуваат луѓето, а влијаат и врз нивните одлуки и животен пат.

Тоа особено се чувствува во ромската заедница, вели Лела за ДВ и предупредува од последиците од честопати всадената омраза на припадниците на мнозинството во општеството врз перспективите на младите Роми: „Многумина од нас не веруваат дека може да имаат успешна кариера, затоа што сме невидливи на многу нивоа. Поголемиот дел од медиумите не сфаќаат колкава штета нанесуваат кога ги игнорираат маргинализираните групи.“

Лела е уверена дека нешто би се променило кога би имало повеќе видливи примери од заедницата: „Ако сакаме општествена промена, тогаш ќе мора да почнеме од медиумите. Новинарството во тој контекст може да постигне многу, затоа што влијае врз сфаќањата и вредностите на општеството.“

Повеќе: УКА-извештај: 800 страници за антициганизмот во Германија

Борба против стереотипите и лагите

Како главна уредничка на Svato и La Converse, Лела се залага за новинарство кое со самоопределени наративи од заедницата придонесува за зајакнување на репрезентирањето на Ромите и другите маргинализирани групи.

Лела е самоуверена и работи на остварување на целите. Тоа не било отсекогаш така. Овие особини се резултат на долгогодишната консеквентна работа и посветеност. Родена во Србија, како дете морала да ја напушти земјата поради почетокот на војната. Во Канада доаѓа на шестгодишна возраст. Желбата да биде новинарка ѝ се јавува на 16-годишна возраст, како реакција на тоа како Ромите биле претставувани во медиумите: „Беше измачување да се гледа како Ромите се претставени во новинарството и филмовите на Кустурица и Гатлиф. Егзотизирани перспективи од аспект на Гаџите (оние кои не се Роми, н.з.). Тие се базираат на стереотипи и лаги и во мене растеше потребата да ставам крај на ваквата форма на отчовечување преку автентични, самоопределени наративи.“

Лела завршила студии по психологија и комуникации. Но, желбата да замине во новинарството никогаш не ја напуштила. Затоа прво волонтерски работи за локална радио станица. Претходно се пријавила на конкурси за неколку работни места во комуникациската бранша, но и покрај квалификациите, наишла на „стаклени тавани (метафора за феноменот кога припадници на одредена национална група не се искачуваат на раководни позиции, н.з.) и ситемски бариери“.

Lela Savic Journalistin Roma-Aktivistin
Иако има веќе надминато многу пречки, Лела професионално сѐ уште се чувствува редуцирана на своите културни корениФотографија: Privat

„Остварување на сонот“

Најсилната мотивација за да продолжи да го следи својот сон дошла неочекувано - Лела станала мајка и одлучила да студира уште еднаш за на својата ќерка да ѝ биде пример каков што заслужува: „Како да ја воспитувам својата ќерка дека може да си ги оствари соништата, ако јас самата не го правам тоа? Како таа воопшто некогаш да се осмели да сонува, ако реализацијата на соништата се чини како привилегија која повеќето од нас не можат да си ја дозволат?“

Тоа биле тешки времиња за неа како самохрана мајка, која, се разбира, морала и да работи за да преживее. Кога ќерка ѝ наполнила 14 месеци, Лела се вратила во клупите - двапати неделно цели две години. Добила и втора диплома, овојпат во браншата за која долго сонувала - новинарство.

Лела во својот живот постојано морала да согледува колку е тешко кога не си богат или не си дел од високото друштво. Тоа е и една од причините поради кои таа посебно се ангажира во социјално запоставени квартови.

„Се обидувам преку раскажување приказни во медиумите да ги доведам Ромите и другите запоставени групи од маргините на општеството во видливиот центар.“

Повеќе: Вилијам. Њујорк. Самодоверба.

Расизам во медиумите

Иако има веќе надминато многу пречки, Лела професионално сѐ уште се чувствува редуцирана на своите културни корени, на пример кога е изложена на расистички коментари во медиумската бранша. „Предложив сторија за Ромите во еден мејнстрим медиум. Бев прашана дали тоа можеби не е конфликт на интереси. Дали некој од мнозинството во општеството би бил прашан вакво нешто? Дали е конфликт на интереси кога белците секојдневно известуваат за белци?“

Лела објаснува дека овој пример добро илустрира колку се пристрасни дел од главните уредници и колку е мала свеста во редакциите за позицијата на запоставените групи. Поради тоа, нејзиниот став честопати не се прифаќа како став на експертка, туку само како на лице кое е погодено од одреден проблем: „Сум држела предавања за претставувањето и медиумската пристрасност во САД, Европа и Канада. Сепак, ме сфаќаат како активистка. Имам чувство како дел од луѓето во медиумите да не ми веруваат и постојано ја доведуваат во прашање мојата позиција во оваа бранша.“

Лела е горда што е новинарка. За да остане доследна на своите принципи, таа дури и одбива да потпишува петиции. За неа инклузијата на „обоени перспективи“ не е работа за активизам, туку е следниот логичен чекор кон автентично новинарство.

Повеќе: Ромите се посебно на удар кога општествата се поларизираат

Мисија и визија

На прашањето каков совет би ѝ дала на ќерка си, Лела ја цитира претприемачката Карла Харис: „Оди онаму каде што ќе бидеш славена, а не само толерирана“. Освен тоа, Лела би ѝ советувала на својата ќерка и да има самодоверба и никогаш да не се извинува за она што е.

Во секој случај, Лела сака да ја продолжи мисијата - да го направи новинарството место на праведна застапеност. Таа сака да создаде професионална редакција која ќе биде водена од BIPOC-новинари (црнци, припадници на индигени народи и небелци, н.з.) и која ќе може да им конкурира на мејнстрим-медиумите.

Лела Савиќ е основачка на франкфонскиот медиум La Converse, а има работено и за Journal Metro во Монтреал, во сферата на политиката и човековите права. Била активна и во редакцијата на истражувачкиот магазин Enquete, La Presse на Си-Би-Си, а редовно држи предавања и на универзитети во Канада, САД и Европа.

На romblog.net овој портрет е објавен на три јазици: германски, англиски и ромски.