1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кула од карти

Елизабета Милошевска-Фиданоска13 декември 2007

На конференцијата за климата на Бали и натаму трескавично се бара согласност за договор за заштита на климата. Ако не се договориме, кулата од карти ќе падне, изјави шефот на Секретаријатот за клима на ОН, Ив де Бор.

https://p.dw.com/p/Cb20
Фотографија: AP
На конференцијата на индонезискиот остров, Бали, во оптек е повторно нов предлог - документ. Во него, според извори во Советот за клима на ОН, се наведени и конкретни бројки - до 2050 година испуштањето издувни гасови треба да се намали за 50% во споредба со нивото од 2000 година за да се постигнат зацртаните цели во заштитата на климата. Освен тоа, во документот, се “прима на знаење“ дека индустриските држави опфатени со Кјото-процесот, сакаат да ги намалат емисиите на издувни гасови за 25 до 40 проценти под нивото до 1990 година. Текстот што е во оптек предвидува и почеток на преговори за опширен и ефективен светски договор за заштита на климата. Овој преговарачки процес би требало да заврши до 2009 година, на конференцијата за климата што треба да се одржи во Копенхаген.
Најголем аплауз за германскиот министер за екологија
На конференцијата на Бали, европските држави и Германија, поддржувани од редица земји во развој, настојуваат во текстот што ќе произлезе од конференцијата, да бидат наведени конректни бројки и проценти за намалување на издувните гасови. Против се пред се‘ САД, но и Јапонија, Канада и Австралија.
Германскиот министер за екологија, Зигмар Габриел, кој на конференцијата зборуваше еден час и го доби најголемиот аплауз од сите говорници, меѓу другото рече: “Целта - издувните гасови до 2020 година да се намалат за 30% не смее да биде доведена во прашање. Во спротивно, ние како индустриски земји, ќе ја загубиме веродстојноста. Конкретно и обврзувачко намалување на издувните гасови треба да прифатат и колегите од САД.“
Шефот на делегацијата на САД, Паула Добријански, пак, вети: “САД се определени да го дадат својот удел во напорите за заштита на климата.“
Многу отворени формулации
Американците сеуште имаат резерви кон предлог-документот што треба да произлезе од конференцијата на Бали. Шефот на секретаријатот на ОН за клима, Ив де Бор, на еден ден пред завршување на конференцијата рече дека е загрижен поради тоа што преговорите течат тешко и поради тоа што уште голем број прашања и формулации во документот се отворени.