1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

КСЗД ќе изврши увид во клубот „Иван Михајлов“

4 август 2022

Наводите на бугарски медиум дека „власта ќе изврши претрес“ се паушални и неточни, вели Весна Бендевска, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

https://p.dw.com/p/4F61s
Mazedonien  Bitola
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Kaufhold

Властите во Скопје наредија претрес на  Културниот центар „Иван Михајлов“.  Со ваков наслов на текст, подоцна преземен и од други медиуми, бугарски Бгнес објави дека на 4-ти август во 12 часот Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) ќе врши претрес во  бугарскиот културен клуб во Битола,  за што претходно бил известен претседателот на здружението, Љупчо Георгиевски. Притоа медиумот објави и дел од писмото што го испратила КСЗД.

„Додека трае постапката по кој било предмет, КСЗД не дава подетални информации, почитувајќи го правото на презумпција на невиност, но и почитувајќи ги одредбите од Законот за заштита на лични податоци“, објаснува Весна Бендевска, членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Но, во конкретниот случај, за предвидениот предмет, јавноста беше известена од бугарски медиум(и), а притоа, случајно или не, без дистинкција меѓу „увид“ и „претрес“.

„Интересно е што во бугарскиот медиум беше објавен и дел од официјалната писмена комуникација меѓу КСЗД и  Здружението,  што упатува на веројатноста дека тие им ја обезбедиле истата. Во овој момент, Комисијата, без да навлегува во детали, може да потврди дека на 28.07.2022 година го известила Здружението дека на 4-ти август, во 12 часот, ќе изврши непосреден увид во нивните простории, иако има право да врши и ненајавени увиди, доколку процени дека тоа е неопходно. Во овој случај, проценката беше дека увидот треба да се најави за да се обезбеди присутност на членови од таа организација. Наводите што ги пласираше бугарскиот медиум кои имплицираа дека ‘власта ќе изврши претрес’ во тоа здружение, се паушални и неточни“, вели Бендевска.

Таа е известителка за овој предмет, во кој се постапува по претставка добиена од Здружение на граѓани.

Nord Mazedonien, Vesna Bendevska
Весна Бендевска, членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијаФотографија: Privat

„Претставката за заштита од дискриминација е поднесена од едно здружение на граѓани против друго здружение, за дискриминаторско и вознемирувачко однесување против по основ на национална и етничка припадност. Согласно сo Законот за спречување и заштита од дискриминација, доколку претставката ги содржи потребните елементи, Комисијата е должна во рок од 5 дена, да побара изјаснување од лицето (физичко или правно) за наводите содржани во истата. На овој начин, законот им го обезбедува правото на потенцијалните дискриминатори да се произјаснат по претставката и да поднесат докази и документи дека не го сториле наведеното дело“, објаснува Бендевска.

Не пресудува, туку препорачува

Согласно со член 29 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата има право да врши непосреден увид во документација и простории во сите правни лица, државни органи, единици на локална самоуправа и јавни установи и служби. Тие се должни да ги достават бараните документи или да обезбедат пристап до простории, доколку КСЗД го побара тоа. Ваквата обврска на субјектите произлегува и од фактот што Законот предвидува прекршочна одговорност доколку не се почитуваат одредбите на членот 29.

Согласно со Законот, Комисијата во рок од 60 дена од почнувањето на постапката треба да даде Мислење дали утврдува или не дискриминација. Доколку се утврди дискриминација, Комисијата ПРЕПОРАЧУВА начин на отстранување на повредата на правото на еднаквост, а утврдениот дискриминатор е должен да постапи по препораката во рок што ќе го утврди Комисијата - од 30 дена до најдолго шест месеци, во зависност од природата на случајот.

„Затоа, наводите дека Комисијата поднесува ‘тужби, ‘жалби’, дека врши ‘претреси’, дека ‘пресудува’ за говор на омраза (што е кривично дело со кое се занимава ЈО) и слично, се целосно  неточни и паушални  и предизвикуваат непотребно дезинформирање на јавноста“, потенцира Бендевска.

Доколку утврдениот дискриминатор не постапи согласно со Препораката во утврдениот рок, Комисијата поднесува барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.

Најмногу претставки по основ на сексуална ориентација

КСЗД е независна институција. Изборот на членовите го врши Собранието на РСМ, со мандат од пет години. Комисијата е колективно тело кое одлучува со мнозинство гласови. Комисијата избира претседател од редот на членовите, со мандат од една година, односно, претседателството е ротирачко. Софтверот за работа по предмети го врши распределувањето на предмети за членовите на Комисијата.

Пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) право да поднесе претставка за заштита од дискриминација има секој граѓанин што се почувствувал дискриминиран по некоја дискриминаторска основа, или здруженија, фондации и синдикати што имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група граѓани.

Според досегашните податоци, во вториот квартал од годината до КСЗД биле доставени 13 претставки за заштита од дискриминација врз основа на етничка припадност. Две од нив биле доставени од физички лица, а 11 доставени од едно здружение на граѓани. Од нив, Комисијата во два случаи утврдила вознемирувачки говор по основ на етничка припадност, извршен на социјални мрежи. Во еден случај, Комисијата не утврдила елементи на вознемирувачки говор. Пет претставки Комисијата ги отфрлила заради неуредност, кога поднесувачот не доставил адреса на потенцијалниот дискриминатор. Постапувањето по останатите претставки е во тек.

Во вториот квартален извештај, КСЗД утврдила значително зголемување на бројот на претставки поради вознемирувачки содржини кои се пласираат на социјалните мрежи, но најголем процент од нив биле по основа на сексуална ориентација и родов идентитет.