1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кругот изгледа имал квадратура, oткриле во Софија

11 јуни 2022

Трите услови за Македонија што Кирил Петков ги постави „едноставно и јасно“ ја вратија Бугарија онаму од каде што, всушност, и не излезе од 2019. Па дури и подалеку. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4CYb1
Bulgarien Premierminister Kiril Petkov
Фотографија: BGNES

„Бугарија има три јасни барања по прашањето на Северна Македонија. Почитување на рамковната позиција што ја усвои бугарскиот парламент, вклучување на Бугарите во уставот на РСМ за да се заштитат нивните права и трето, да се спроведе договорот за добрососедство. Едноставно и јасно“.

Изгледа дека бугарскиот премиер Кирил Петков во некои тајни сеанси на харвардските друштва ја открил формулата како да ја најде квадратурата на кругот, па некни, еден ден откако од неговата влада дезертираше партијата на Слави Трифонов, како да се Њутнови закони ги објави „трите јасни барања“ на Софија. „Едноставно и јасно“.

Минатата недела на ова место прашавме дали Македонија премногу веруваше во Кирил Петков. Изгледа дека тие дилеми во меѓувреме во значајна мерка беа расчистени. Тоа прашање сега балистички се префрли во самата Бугарија, барем во нејзиниот либерален интелектуален и политички круг. Можеби сега најсоодветно би било да се постави прашањето – дали либерална и европска Бугарија премногу веруваше во Кирил Петков? Барем што се однесува до прашањето за Македонија и помошта за Украина.

Трансформацијата на Петков, дојден на крилата за борба против корупцијата и претставен како војсководец за конечно приклучување на Бугарија кон европското и атлантското пространство, е зачудувачка од декември кога беше избрана неговата влада до денеска. Има тука политичка логика – во обид да ја спаси владата која е во слободен пад (бугарските колеги новинари речиси веднаш ја опишаа како „франкенштајнска коалиција“), тој се сврте кон она што на почетокот не му прилегаше – кокетирање, дури и повеќе од тоа, со тврдите националистички групации. И, за жал, се изгуби во таа врева наместо да покаже лидерство. На крај, може да заврши ни со штитот ни на него.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Македонија, колку и да се труди, колку и добива неверојатно многу информации за тоа што се случува во бугарското општество и политика, не може до крај да ги разбере ваквите лупинзи. Се разбира, оние кои се однесуваат на прашањето со Македонија. Како што не може до крај да разбере како Софија, која организраше толку надежен самит на ЕУ и Западен Балкан во 2018-та, сега да се претвори во главен кочничар на евроинтеграцијата на регионот. Не е тоа ни едноставно ни јасно.

Можеби сте заборавиле што пишуваше во рамковната позиција на бугарското собрание усвоена во деновите кога Емануел Макрон го стави она неславно вето за почеток на преговорите со Македонија во октомври 2019. И која сега Петков ја поставува за прв услов. Ако сте заборавиле, еве мало потсетување на неколку параграфи од неа:

- Скопје да декларира вербална нота до ОН дека името Република Северна Македонија се однесува само на територијата на државниот ентитет Република Северна Македонија, а не и на географскиот регион Северна Македонија, чиј еден дел се наоѓа и во Бугарија;

- процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунистички режим репресирани поради бугарското самосознание;

- иницирање процес за расветлување на вработените во денешна Република Северна Македонија во безбедносните служби на поранешна Југославија;

- преземање систематски мерки за отстранување на табли и натписи на споменици, плочи и текстови кои отворено поттикнуваат омраза кон Бугарија, на пример, оние кои содржат квалификации како „бугарски фашистички окупатор“;

- постигнување конкретни резултати во работата на историската комисија во однос на периодот на нашата заедничка историја до 1944 година, вклучително постигнување договор за Гоце Делчев, ВМОРО-ВМРО и Илинденско-Преображенското востание;

- одржувањето на добрососедските односи и особено - спроведувањето на билатералните договори со земјите-членки на ЕУ (Бугарија и Грција) се составен дел од важечките услови и ќе се оценуваат според Поглавјето 35 од преговорите;

- Поглавјето 35 треба да биде меѓу првите отворени и последни затворени поглавја од преговорите, за да се осигура дека спроведувањето на овие услови се следи најдолго во рамките на процесот на пристапување во ЕУ;

- во однос на јазикот да се користи фразата „официјален јазик на Република Северна Македонија“. Во случај на апсолутна неопходност од употреба на терминот „македонски јазик“ во документите и ставовите на ЕУ, секој пат треба да се појаснува со ѕвездичка под линија - „согласно уставот на Република Северна Македонија“. Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешната југословенска република по нивната кодификација по 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета како признание од бугарската страна за постоењето на т.н. „македонски јазик“, одделен од бугарскиот;

- Република Северна Македонија треба да се воздржи од водење политика, без оглед на нејзината форма, на поддршка и охрабрување на барањата за признавање на т.н. „македонско малцинство“ во Бугарија.

Има уште детали од оваа долга рамковна позиција. Како и генералниот заклучок: „Бугарија не треба да дозволи интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ да биде придружена со европско легитимирање на антибугарската идеологија спонзорирана од државата. Препишувањето на историјата на еден дел од бугарскиот народ по 1944 година е меѓу столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам“.

Сега, освен овие, благо речено, зачудувачки услови, се додаваат вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав (што не е во рамковната позиција), а како трето по ранг (наместо приоритетно) и спроведувањето на Договорот за добрососедство.

Dimitar Kovacevski und Kiril Petkov in Rom, Italien
Дали Македонија премногу веруваше во Кирил Петков? (на фотографијата од лево кон десно: македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, македонскиот премиер Димитар Ковачевски, бугарскиот премиер Кирил Петков и бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска во Рим, 23.05.2022)Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Кога беше усвоена оваа рамковна позиција понатиот бугарски антрополог и општествен аналитичар, Ивајло Дичев, напиша: „Бугарија го фрли камчето. Тоа се вика ‘рамковна позиција’. Мислев дека инаетењето е во суштина поради коските на Гоце Делчев, но работата се покажа далеку полоша. Најбезумен ми изгледа пасусот за јазикот... Затоа што македонскиот бил поврзан со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година. Што претпоставува ваквиот лупинг? Во нашиве популистички времиња, оние што ќе признаат постоење на македонски јазик ќе бидат остро напаѓани од медиумската полиција. Претставете си сличен ултиматум од Италија кон Шпанија: при споменување на изразот шпански јазик да се стави ѕвездичка со која ќе се објасни дека тој произлегува од латинскиот, сопственост на нашата татковина“.

- повеќе од авторот: Кога ветото се претвора во слабост

Неодамна, луцидниот бугарски политиколог, Евгениј Дајнов, се обиде да внесе разумност во бугарскиот националистички лонец, пишувајќи ги овие зборови во својата колумна за весникот „Дневник“:

„Според ‘рамковната позиција’, Бугарите бараат од Македонците да се сменат имињата на неколку стотици улици; да тргнат некои спомен плочи, да признаат дека биле Бугари до 1944 година кога Македонците ги создале југословенските комунисти; да извршат лустрација (која самата Бугарија не ја спроведе), а таму каде што во пишани документи се споменува ‘македонски јазик’ да објаснат дека тоа е дијалект на бугарскиот јазик. Нема држава во светот која официјално ќе прифати дека нема народ на нејзината територија, дека нема историја и дури нема ни јазик. Не постои таква држава, бидејќи не може да има. Следствено, нема шанси државата Северна Македонија некогаш да се потчини на бугарската ‘рамковна позиција’“.

Kanzler Scholz reist auf den Balkan
На прсти може да се избројат оние што мислат дека германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Скопје и Софија ќе донесе некакво самовилско стапчеФотографија: Michael Kappeler/picture alliance/dpa

Ниту Дичев ниту Дајнов не се најважен дел од мејнстримот на бугарската политичка мисла, ниту дел од јадрото на бугарската политика. Иако многу често се појавуваат на телевизиите и другите медиуми. Но очигледно е дека популизмот и национализмот толку многу ја имаат опседнато најсиромашната држава во ЕУ, што и такви надежни харвардски технократи, како Кирил Петков (а и неговото алтер его, министерот за финансии, Асен Василев) се откажаа од лидерство за да можат полесно да јаваат на бранот. Се разбира, за да опстане владата, а и тие во политиката. „Едноставно и јасно“ – како што рече Петков.

- повеќе од авторот: ЕУ со полна брзина оди кон бездна на Балканот

Секако, чуда се случуваат. Но на прсти може да се избројат оние што мислат дека германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Скопје и Софија ќе донесе некакво самовилско стапче, па Европската унија (а и Берлин) ќе успее да зачува дел од нејзиниот кредибилитет во регионот и ќе пронајде решение. Петков вчера не беше на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Солун со другите регионални лидери (а и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел). Во Солун отиде министерката за надворешни работи во оставка, Теодора Генчовска. Владата треба да се спасува, ако може да се спаси. А и треба подготовка да се пречека Шолц.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар