1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криминалот со пензиите во рацете на Обвинителството

Костадин Делимитов
28 јануари 2019

Купувала ли минатата власт пензионерски мир со пари на осигурениците? Јавноста е бесна. Се бара одговорност за проневера на 19 милиони евра од пензискиот фонд!

https://p.dw.com/p/3CJvl
Mazedonien Land und Leute -  Gesundheitsversicherung Fond in Skopje
Фотографија: DW/ P. Stojanovski

Кратењето на парите за идните пензионери е скандал за кој се бара одговорност што е можно побргу. Објавата за злоупотребата тешка 19 милиони евра во јавноста предизвика вистински шок, но и револт. Кој дозволил и кој молчел вакво нешто да се случува со години е дилемата на која засега нема одговор. Министерството за труд и социјална политика денеска до Основното јавно обвинителство достави кривична пријава против непознат сторител и сите документи од анализата на пензискиот систем со која беа откриени неправилностите во распределувањето за дел од идните пензионери:

„Темелните истражувања на пензискиот систем кои ги направи Министерството за труд и социјална политика со меѓународните финансиски институции за првпат по 12 години откри дека кај 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб. За нив воопшто не се распределувале средства во приватниот (втор) столб, иако осигурениците ги исполнувале условите. На овој начин директно им било скратено правото за остварување повисока пензија на овие 12.000 идни пензионери. Така, еден осигуреник со просечна плата има изгубено околу 95 илјади денари во период од 2007 до 2018 година“, соопштија од Министерството.

Mazedonien Land und Leute -  Gesundheitsversicherung Fond in Skopje
Фотографија: DW/ P. Stojanovski

Директорот на Фондот за ПИОМ молчи

Институциите се затечени. Дел молчат, дел се правдаат дека никој немал увид во она што се случувало во период од безмалку една деценија. Вработени во Фондот за ПИОМ за Дојче веле коментираат дека се шокирани од објавата на скандалот. Јавно не сакаат да коментираат ништо и упатуваат на директорот Шаип Зендели. Дојче веле повеќепати се обиде да стапи во контакт со Зендели за да го праша каде завршиле парите на осигурениците, но тој не одговараше на повиците. Од приватните фондови  се правдаат.

„Друштвата за управување со пензиски фондови се само приматели на податоци за распределени членови и тие немаат евиденција за нововработените лица за кои треба да се изврши распределба. Пензиските друштва ги добиваат информациите за распределените членови од Фондот на ПИОМ, согласно Законот во кој јасно е дефиниран начинот на распределба на истите. Ние како приватно друштво немаме информации колку пари треба да му се префрлаат на некој член. Ние имаме увид колку средства влегуваат, но не и дали се тие доволни согласно бруто платите кои ги примаат вработените. Тие податоци ги немаме. Не знаеме колкави плати имаат вработените. Дури ние немаме ниту информации каде работат. Од ПИОМ само го  добиваме она што им е префрлено од страна на работодавачите, а што тие го одвојуваат како дел кој треба да заврши кај нас“, изјави за Дојче веле Предраг Милошевски, директор во „КБ Прво пензиско друштво".

Повеќе: Дали пензискиот брод плови кон банкрот?

Вчудовидени и синдикатите

Каква е структурата на вработените кои се оштетени засега е непознато. Од Министерството детектирале само бројка од 12.000, но немаат точни податоци дали сите вработени се од државниот или пак и од приватниот сектор. Податоци нема ниту во синдикатите:

„Изненадени сме од ова што го слушнавме. Досега до нас не пристигнале поплаки од наши членови, така што ќе сочекаме да видиме какви ќе бидат резултатите од истрагата, па доколку е потребно ќе реагираме. Државата најави обесштетување“, коментира Пеце Грујовски од УПОЗ, синдикатот на вработените во управата и правосудството.   

Она што е чудно е што пензиските фондови имаа обврска да испраќаат таканаречен зелен плик до граѓаните со информација за тоа колку пари имаат на сметката, а МАПАС - Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ја контролираше нивната работа. 

„Очигледно дека не сите вработени го добивале овој документ, или пак не реагирале. Слушам сега дека виновни биле и граѓаните кои требало да гледаат што им пишува во извештаите. Тоа можеби држи, но не може да се очекува сите граѓани да се доволно писмени за да можат да препознаат. Што правеле во Фондот, што правеле во МАПАС како регулатор кој треба тие работи да ги уредува, следи и детектира? Дополнително што лично и познавам доста луѓе што воопшто и не добиваат какво било известување. Ова е недозволиво“, коментира за Дојче веле даночен експерт.

Mazedonien Land und Leute -  Gesundheitsversicherung Fond in Skopje
Фотографија: DW/ P. Stojanovski

Пензискиот фонд со поголем дефицит отколку што се мислеше

За дел од експертите скандалот е дополнителен аларм за вистинската состојба во која се наоѓа пензискиот фонд:

„Ова практично ни открива дека Фондот за ПИОМ имал повисок дефицит од оној што досега се прикажувал во јавноста. Затоа што не ги префрлале парите во вториот столб, изворниот дефицит што се прикажувал бил помал бидејќи останувале повеќе пари. Но сега тие пари се некаде и тоа треба да се утврди. Порано тие не биле прикажувани, но сега тоа ќе мора да се прикаже. Со тоа дефицитот ќе се зголеми и ќе мора да се најдат и обезбедат пари дополнителни за тие да се покријат“, коментира економскиот експерт Благица Петрески.   

Повеќе: Лаги за пензионерите: Реалното на ВМРО-ДПМНЕ, нереално за ММФ

Владата обвини дека претходната власт го злоупотребувала пензискиот систем во политички цели. Цела деценија не биле креирани политики врз основа на бројки и факти, туку пензискиот систем бил ставен во функција на избори, при што се давале пари кога требало да се „купат“ пензионерите.

Министерката Мила Царовска при обелоденување на скандалот соопшти дека во периодот од 2007 до 2017 година непромислено биле намалувани стапките на придонес, биле намалени заменските стапки, се форсирало вработување без плаќање придонес и имало ненавремени трансфери на придонесите од ПИОМ кон индивидуалните сметки на осигурениците:

„И покрај впечатокот дека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ имало поголем раст на пензиите, бројките тоа не го покажуваат“, предупреди министерката Мила Царовска.

Mazedonien Ministerin für Arbeit und Soziales, Mila Carovska
Министерството за труд и социјална политика до Основното јавно обвинителство достави кривична пријава против непознат сторител: на фотографијата министерката Мила ЦаровскаФотографија: Ministerium für Arbeit und Soziales, Mazedonien

Владата сега ќе обесштетува 12.000 осигуреници, за што во буџетот се предвидени 19 милиони евра. Или, по околу 40.000 денари за секој од нив. Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска не сакаше да коментира ништо подетално за случајот. Тој изјави дека во рамки на Буџетот за годинава се распределени пари колку што побарале министерствата, а дали за аферата се знаело кога бил подготвен буџетот не знаеше да каже.

„Буџетот за годинава е подготвен според барањата на институциите. Министерството за труд и социјални работи добило онолку колку што побарало за пензиската реформа за создавање одржлив пензиски систем и намалување на ризиците за исплата на пензиите за сегашни и идни пензионери", изјави Тевдовски.

Повеќе: Македонија, пензионерски рај што тоне во долгови!

За расчистување на дилемите ќе се чекаат резултатите од истрагата. Во период кога се детектирани неправилностите директори на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување биле Исни Јакупи, Амет Даути, Беким Незири и Шаип Зенељи. Додека пак министри за труд и социјална политика биле Џељаљ Бајрами, Спиро Ристовски и Диме Спасов.