1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата „произведува“ се‘ побогати и се‘ посиромашни луѓе

Џенифер Фрашчек / Елизабета М. Фиданоска16 мај 2013

Економската и финансиската криза ја заострува социјалната нееднаквост, покажа новата студија на ОЕЦД. Организацијата предупредува дека мерките за штедење може да го заострат проблемот.

https://p.dw.com/p/18YsX
Фотографија: picture-alliance/dpa

Јазот меѓу сиромашните и богатите не се појави со почетокот на кризата, но според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), тој оттогаш се продлабочува. Нееднаквоста на бруто приходите во државите на ОЕЦД во периодот од 2008 до 2010 година се зголемиле повеќе отколку во дванаесетте години претходно, се вели во новата студија на ОЕЦД. Барем така е во повеќето земји, нагласува ОЕЦД-експертот Михаел Ферстер во разговор за ДВ.

Германија е исклучок. Во земјата не само што разликите во приходите се помали во однос на просекот во ОЕЦД, туку и бруто платите во првите три години од кризата, како кај оние што добро заработуваат, така и кај граѓаните со ниски приходи, се зголемиле, иако тоа зголемување е многу мало, вели Ферстер.

Една од причините за тоа е воздржаноста на синдикатите во тарфините преговори, објаснува тој. „Во годините пред кризата, во периодот од 2000 до 2005 година, поради тоа доаѓаше до екстремно зголемување на разликите во приходите, имаше се' полоши услови на вработување. Врвот на оваа состојба е достигнат во 2005-2006 година. Работните места што оттогаш се создадени, во голем дел, се регуларни вработувања, со платени социјални придонеси.“

OECD - Michael Förster
Михаел Ферстер, ОЕЦДФотографија: OECD

Освен тоа, Германија како земја ориентирана кон извоз, профитираше од слабото евро, додава Ферстер. Многу претпријатија, на пример, на тој начин можеа да ги понудат своите производи поевтино од конкуренцијата. Но, сепак - во Германија и натаму има сиромаштија. Според студијата на ОЕЦД, во 2010 година речиси 9 проценти од Германците биле сиромашни. Со тоа земјата е во средина на листата, со процент понизок од просекот на ОЕЦД, кој изнесува околу 11 проценти.

Релативна и апсолутна сиромаштија

Што е воопшто сиромаштија? Таа во истражувањата најчесто се утврдува преку определен приход. Кој заработува помалку од тоа е сиромашен. ОЕЦД за мерило ја зема просечната плата во секоја земја. Со оглед на тоа што оваа вредност и со тоа границата на сиромаштија постојано се менува, се зборува за релативна сиромаштија.

Во кризните години, според ваквата дефиниција, процентот на сиромашните во државите на ОЕЦД се зголемил само малку. Експертот Ферстер, затоа смета дека поверодостојни се бројките на апсолутна сиромаштија. Притоа, како граница на сиромаштија се зема просечната плата од одредена година, во случајов 2005 година, и се гледа колку проценти од населението во кризните години паднале под таа граница. Особено се погодени Италија, Шпанија и Грција, значи земјите кои се високо задолжени и чиј курс на штедење тешко го погоди населението.

Infografik Deutschland im Mittelfeld (Armut)
Процент на луѓе кои живеат во релативна сиромаштија

Пари немаат пред се' младите

Во земјите во криза, но и не само таму, проблеми со пари имаат пред се' младите, вели Ферстер. И во тој дел Германија е исклучок, затоа што голем број млади добиваат работно место. „Но во повеќето други европски земји младите луѓе и младите семејства со деца претрпеа особено многу загуби“, вели Ферстер. Наспроти тоа, од кризата се помалку погодени лицата на возраст над 60 години.

Ферстер гледа можни решенија пред се' во образовната политика. Се покажува дека високо образовно ниво на населението е гаранција за тоа дека јазот меѓу луѓето со високи и ниски приходи нема да стане голем. Кристоф Шредер од Институтот на германската економија (ИВ) во Келн има сличен став и нагласува дека треба да има повеќе можности за целодневно згрижување на децата, за токму самохраните родители да имаат поголеми можности да ги спојат професијата и семејството.

„Поголема социјална помош не е решение“

Луѓето не можат да се извадат од сиромаштија со повеќе социјални услуги, оценуваат Ферстер и Шредер. „Не е точно дека земјите кои даваат најмногу социјални услуги имаат и најмал број сиромашни“, укажува Шредер.

Социјалните системи на почетокот на кризата можеле нешто да помогнат, дополнува Ферстер, но сега на потег е политиката. А таа, како што нагласува Ферстер, мора да ја земе критички под лупа и својата политика на штедење, зашто во спротивно јазот меѓу богатите и сиромашните ќе се зголемува. Особено е важно мерките на штедење да не одат премногу на товар на најсиромашните.