1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Крвавата трага на германскиот Калашников

Бенџамин Најт
16 мај 2018

Во Штутгарт започнува судскиот процес против германскиот произведувач на оружје Хеклер и Кох. Фирмата од Оберндорф со своите модели Г-3 и Г-36 стана синоним за проблематичното вооружување во делови од светот.

https://p.dw.com/p/2xnI0
Sturmgewehr G36 Heckler und Koch
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Weißbrod

Во Штутгарт им се суди на поранешните водечки менаџери од фирмата „Хеклер и Кох“. Предмет на судењето е илегална продажба на 1.000 автоматски пушки Г-36 во Мексико меѓу 2006 и 2009 година која никогаш не ја одобриле германските власти. Конкретно, станува збор за кршење на Законот за контрола на продажба на оружје.

Разорните последици од оваа илегална продажба на најдраматичен начин се покажаа на 26 септември 2014 година, кога автобус полн со студенти по педагогија во Игуала го нападна полицијата. Шестмина студенти се убиени, 40 се ранети, 43 едноставно исчезнаа. Како илјадници други за време на војните меѓу разни нарко-картели. Се верува дека полицијата исчезнатите студенти, кои биле ангажирани во борба против нарко-картелите, ги предала на локалната банда „Гуерос Унидос“, која ги убила студентите, а нивните тела ги запалиле и закопале.

Германски и мексикански новинари веќе наредната година открија оти студентите се убиени со оружје од производителот „Хеклер и Кох“. Еден документарен филм на германскиот јавен сервис АРД докажа дека оружјето било употребено во делови од Мексико за кои германската влада не дозволува извоз на оружје. Исто така, е докажано оти стручњаци од „Хеклер и Кох“ во забранетите подрачја дури ја обучувале полицијата.

Повеќе:

-Мексиканските студенти убиени со германско оружје?

Но и покрај тоа откритие, поминаа две години до почетокот на процесот. Од покренувањето на обвинението од страна на активистот Јирген Греслинг, борец против трговија со оружје, поминаа дури 8 години.

Г-3: Глобален бестселер

Овој процес е само можност да се укаже на фирмата која во последните години го преплави светот со своето смртоносно оружје. Сѐ започна во 1949 година во Оберндорф среде Шварцвалд. Легендата вели оти основачот Едмунд Хеклер, кој дотогаш бил инженер во Маузер, фабрика која ја снабдувала германската војска за време на Втората светска војна, новата фирма ја започнал со машини од локалниот погон на Маузер кои успеал да ги сокрие од сојузниците.

Автоматската пушка Г-3 како ретко кој било друг производ од „Хеклер и Кох“ го покажува влијанието на оваа фирма во светските конфликти.

Bundeswehr Schnellfeuergewehr G-3 von Heckler und Koch
Моделот Г-3Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Rehder

Проектирана за потребите на новонастанатиот Бундесвер, Г-3 на крајот на 50-тите години од минатиот век ја започна својата кариера која ова оружје го направи популарно речиси како Калашников АК47. Стотици илјади, ако не и над милион луѓе ширум светот загинаа од ова оружје. Со оглед на тоа дека ако добро се одржува, пушката може да остане во функција и неколку децении, Г-3 помина низ рацете на буквално секоја терористичка организација и екстремна милиција на сите континенти. 

Повеќе:

-Турски геноцид со германско оружје

-Курдите продаваат „на црно“ германско оружје

Во период кога тогашна Западна Германија имаше многу помалку рестриктивни закони за продажба на оружје, Г-3 се извезуваше во 80 земји во светот. Но, вистинската кариера на Г-3 започна откако „Хеклер и Кох“ издаде лиценци за производство на овој бестселер во 15 земји. Германија така преку франшиза стана извозник во сите подрачја кои подоцна станаа кризни жаришта. Меѓу земјите кои добија лиценца за производство на Г-3 се и Иран, Мексико, Мјанмар, Пакистан, Филипини, Турција и Саудиска Арабија. Сите овие земји се или вмешани во директни конфликти или водат заменски војни преку организации како Хезболах. Поради тоа речиси е невозможно да се процени колку парчиња Г-3 во моментов се во оптек - се зборува за 7 до 10 милиони.

Г-36: Уште посмртоносен наследник

Успешната приказна на Г-3 ја повтори наследничката - Г-36 која, исто така, освен во рацете на војниците на Бундесверот, се најде и таму каде што не треба. Оваа пушка е предмет на судењето кое започна во Штутгарт.

Г-36 првпат е произведена во 1997 година. Со оглед на тоа дека законот за извоз на оружје во меѓувреме стана построг, лиценца за производство беше издадена само во Саудиска Арабија и во Шпанија. Со Мексико, исто така, се преговараше за лиценца за производство, но преговорите беа запрени во моментот кога земјата во 2006 година ја претстави својата автоматска пушка ФХ-05 која на многумина необично им личеше на Г-3. Овој сомнеж , исто така, е предмет на истрагата која би требало да покаже дали Хеклер и Кох тајно ја продале во Мексико.

Sturmgewehr HK 36
Моделот Г-36Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Weißbrod

Но и покрај релативно кратката „кариера“ и сега многу порестриктивната политика на извоз на германско оружје, Г-36 пронајде пат до многу легални и нелегални армии ширум светот. Ова оружје може да се најде во Египет, но го имаше и во арсеналот на либиската војска за време на владеењето на Моамер ел Гадафи. Курдските борци на северот на Ирак исто така во својот арсенал ги имаат овие германски пушки, како и војската и полицијата на Саудиска Арабија.

Меѓутоа долгогодишните протести против продажбата на оружје, претстојниот судски процес и сето медиумско внимание околу судењето поради трагичната улога на Г-36 во Мексико, досега не остави некој преголем впечаток кај одговорните во „Хеклер и Кох“. Сепак нешто се придвижува. Непосредно спроти судењето, пред неколку дена, фирмата од Оберндорф издаде соопштение во кое се дефинира промена на деловната политика. „Нашите производи отсега ќе бидат испорачувани на држави кои исполнуваат јасни критериуми. Тоа вклучува земји кои се членки на ЕУ или на НАТО, или пак имаат одредени договори со овие организации“. Тоа сега практично значи дека етичките стандарди на „Хеклер и Кох“ се повисоки од оние на германската влада.