1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крајбрежјето на САД во вонредна состојба поради „Метју“

БГ
7 октомври 2016

Милиони луѓе се евакуираат од атлантското крајбрежје на САД каде ураганот Метју веќе ги остави првите траги. Најсилниот удар се очекува во текот на денов. Претседателот Обама прогласи вонредна состојба

https://p.dw.com/p/2QzXu
USA Florida Vorbereitungen aus Hurricane Matthew
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Samad

Оркански ветрови и поројни дождови од синоќа го заплиснаа југоисточниот брег на САД, каде веќе со денови беа во тек масовни евакуации и подготовки. Ураганот Метју донесе ветрови со брзина од речиси 200 километри на час и се очекува да погоди површина од неколку илјади милји на атлантскиот брег на САД.

Два милиона луѓе добија предупредување да се засолнат во внатрешноста на земја поради најсилната бура која го зафати брегот на Атлантикот во последната деценија. Метју веќе однесе најмалку 280 животи во карипските острови Хаити и Куба.

„Оваа бура е монструм“, предупреди гувернерот на Флорида Рик Скот. „Ќе се молам за безбедноста на сите“.

Бројот на домови и бизниси кои остануваат без струја расте од час во час. До рано во петокот, нивниот број се искачи на над 200 илјади. Се очекува ураганот со сета сила да го погоди брегот во раните утрински часови, а потоа да продолжи кон север. Во деновите од викендот најсилниот удар се очекува во државите Џорџија и Јужна Каролина.  

USA Hurricane Matthew in Florida
Масовен егзодус на луѓето од крајбрежните региони на САДФотографија: picture-alliance/dpa/ZUMAPRESS

Масовен егзодус

Милиони луѓе во Флорида, Џорџија и Јужна Каролина добија известување да ги напуштат своите домови, а автопатите се претворени во еднонасочни булевари со цел да се избегнат турканиците и да се забрза егзодусот. Само од Флорида заминаа околу 1,5 милиони луѓе.

Ураганот имаше потенцијална сила од четврта категорија, но утрово ослабна и се води како трета категорија, од вкупно пет. Експертите велат дека најголемата опасност не е од орканските ветрови, туку од надоаѓањето на морската вода која може да поплави цели заедници долж брегот на Атлантикот.

Претседателот Барак Обама прогласи вонредна состојба во трите погодени држави, со што ослободи пари од сојузнуиот буџет и персонал кој треба да им помогне на граѓаните. 

Haiti Hurrikan Matthew Zerstörung
​Ураганот однесе над 280 животи во ХаитиФотографија: picture-alliance/dpa/O. Barria

Повеќето аеродроми во регионот се затворени, а откажани се над 3.000 летови.

Илјадници луѓе се сместени во училишта кои се претворени во засолништа, како и во некои хотели.

Ураганот изминативе денови помина низ карипскиот регион оставајќи пустош зад себе. Властите во Хаити информираат за 280 загинати со очекување бројот да расте, поради тоа што немаат пристап до многу изолирани области.