1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на играта на ДУИ со седење на две столици

Зоран Јордановски
8 октомври 2016

Не му е лесно на Али Ахмети - за кого и да се определи, ќе загуби. Од што се навредени пратениците на ВМРО ДПМНЕ? Меѓународните олеснувачи, дефектот и ефектот. Цехот го плаќа Македонија. Колумна на Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/2R2MU
Ali Ahmeti mazedonischer Politiker in Berlin
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Во Македонија маските одамна се паднати и одамна е јасно кој е кој, кој е за што. Затоа не е никакво изненадување дека Собранието одби да го продолжи мандатот на СЈО и да гарантира безбедност за заштитените сведоци. Демократскиот капацитет на пратениците во Собранието завршува онаму каде завршуваат партиските и нивните лични интереси. Како да немаат баш јасна претстава за значењето на пратеничката функција, на пошироката општествена одговорност?! Како судбината на државата да е нечиј туѓ интерес, туѓа работа?! Однесувањето на пратениците на ВМРО ДПМНЕ практично значи одбрана на криминалот под плашт на некаква си принципиелност или навреденост оти од Јанева бил ставен под прашање нивниот легитимитет. Парадоксот е што тоа директно го сугерираат токму разговорите на нивната сопартијка, екс-министерката Јанкулоска забележани во „бомбите“. Ни наводната врзаност на пратеници и функционери од ВМРО со потпишани меници уште при изборот веќе не може да биде оправдание. Што, ќе им бидат активирани на сите или на многумина, ако гласаат според совест, а не под партиски диктат? Тогаш имаат шанса да го разобличат судството не како партизирано, туку како узурпирано за интересите на неколкумина. Другото можно оправдување – да не ѝ наштетат на својата партија спроти вонредните избори – не држи вода дотолку што поголема штета ѝ се нанесува на партијата со застанување на страната на осомничените, сега веќе и обвинети за криминални поведенија. Во ВМРО ДПМНЕ има доволно патриотски ориентирани луѓе со повисок демократски капацитет и политичка култура. Отворање на патот за нив преку ослободување од стегите на тајфата на Груевски добро би ѝ дошло на партијата и на нејзиното ментално здравје.

За ДУИ угоре високо, удолу длабоко

За ВМРО ДПМНЕ има спас и излез оти сепак не е загрозена во македонскиот дел од десниот партиско-политички спектар. Но, има ли спас за ДУИ? Раководството не ја согледа опасноста од растечкото незадоволство од неговата политика. Тоа сега резултира со основање нови партии на македонските Албанци кои ќе привлечат дел од традиционалните гласачи на ДУИ. Али Ахмети и друштвото околу него без поштедени во порано објавените „бомби“, но тоа не значи дека не се присутни во материјалот што го обработува СЈО. Во меѓувреме во јавноста протекоа некои навистина „валкани“ снимки на наводни интимни разговори на истакнати членови од врвот на партијата. Кој ги пушти? Со каква цел? Како предупредување? Тука ли треба да се бара одговорот за однесувањето на пратениците на ДУИ при гласањето во парламентот за барањата на СЈО? Но, со недавањето на претходно вербално ветената подршка на СЈО, оваа партија си отвори проблем на друга страна. ДУИ ризикува да ја загуби американската поддршка. Таа беше пресудна за „востаниците“ од 2001 подоцна да стигнат до коалиционен партнер во владата, откако Ахмети прво беше тргнат од „црниот список“ на Стејт Департментот. Долго време ДУИ предводено од Ахмети седеше на две столици и беше во „брак од интерес“ со ВМРО ДПМНЕ и во „љубов“ со Американците. Проблемот на Ахмети е што тие две столици почнаа да се оддалечуваат една од друга, а тој не може да се реши за едната или за другата; угоре високо, удолу длабоко. За Ахмети, токму како и за Груевски, се чини, истекува рокот на употреба.

Превидите на олеснувачите

Јас само и натаму се чудам како сево ова што се случува од постигнувањето на Договорот од Пржино не можеа да го предвидат олеснувачите во процесот на негово постигнување, уште повеќе оти имаа шанса за поправен испит во периодот помеѓу пишман-согласноста лани во јуни и дефинитивната во јули. Иако според западни стандарди индициите за тешки злоупотреби на власта и криминал, што произлегуваат од тајно сниманата комуникација презентирана преку таканаречените „бомби“, вообичаено би морале неодложно да водат кон судска и политичка разврска, тоа на Балканот не е вообичаено. А тоа мораше да им биде јасно на западните претставници во Македонија, како и на нивните шефови во Вашингтон, Брисел и уште неколку европски престолнини. Сметам дека нема место за вадење во врска со нивниот дел од одговорноста за развојот и продолжувањето на кризата – специјално во Македонија и специјално со тајфата предводена од Никола Груевски. Потсетувам: доволно предупредување беа неговата оцена и третманот на мартовскиот договор за расветлување на настаните од „црниот“ 24. декември  2012 како „тоалетна хартија“?! Основниот проблем на Договорот од Пржино е што со него не е воспоставен и специјален суд, ниту е предвидена заштита за сведоците – токму она што го бара Катица Јанева, а го отфрли парламентот. И тука нема бегање од одговорноста на олеснувачите, оти Брисел во таканаречените „извештаи за напредокот“ во евроинтеграцијата одамна ги стави под лупа и состојбите во македонското правосудство. Практичниот резултат од пропустите во Договорот од Пржино е дека осомничените за злоупотребите и криминалот добија време да си организираат одбрана и диверзии на работата на СЈО, како и да ги уништат доказите. Не сакам ни да помислам дека станува збор за свесно вграден дефект во Договорот, но тоа предизвика токму таков ефект. Дополнителните поправки се секогаш покомпликувани, нивната цена повисока. А цехот не го плаќа меѓународната заедница, туку Македонија и нејзините граѓани.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски

Љубопитен сум што ќе донесе посетата на еврокомесарот Хан на Македонија. Ќе биде ли конечно јасен и недвосмилен или пак ќе го дообјаснуват портпаролите на Комисијата на ЕУ? Ќе се сретне ли Груевски со него, или ќе заглави некаде на враќање од САД, па ќе се разминат, како што обично му се случува кога е предвидливо дека му претстојат непријатни разговори? Од одговорите на овие прашања ќе може да се „прочита“ и развојот на настаните во периодот до датумот за предвидените избори, а и потоа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема