1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Краток спој на Белград и Загреб

Ивица Петровиќ/сн1 јуни 2016

Односите на Србија и на Хрватска се на најниско ниво во последните 15 години. Иако постојат некои сигнали, Загреб сѐ уште не откажува од блокадата на преговорите со ЕУ. Како ќе се одвива натаму ситуацијата?

https://p.dw.com/p/1Iy8p
Фотографија: DW

Мрачниот момент во српско-хрватските односи е тема на рефлексиите и на министрите во српската влада во заминување. Министерот за надворешни работи во техничката влада, Ивица Дачиќ, оцени дека не разбира зошто Хрватска инсистира на формирање некакви тимови за билатерални преговори кога постојат комисии на таа тема веќе неколку години. Дачиќ наведува оти тие комисии воопшто не работат и за тоа ја обвинува Хрватска која, како што вели, „со години ги опструира тие преговори,и се обидува тие разговори да ги подигне на политичко ниво“. Дачиќ исто така нагласи дека во меѓувреме немало ни состаноци на државните секретари во министерството за надворешни работи, ниту на замениците министри - и оти наскоро нема ни да има.

„Точно е дека тие комисии се основани пред неколку години и тоа за некои прашања кои се споменати, како исчезнатите лица, сукцесијата, прашањето на границите и.т.н. И точно е оти тие не работат, но затоа не би ја обвинувал само хрватската страна“, истакнува за ДВ Александар Попов, директор на новосадскиот Центар за регионализам. „Иако се знаеше дека Хрватска побрзо ќе влезе во ЕУ и на тој начин ќе го зајакне својот уценувачки потенцијал, нашата страна не покажа доволно иницијатива тие комисии да се сретнат. Таква иницијатива не постоеше дури ни во времето кога имавме далеку подобри односи со Хрватска. А сега сѐ стана работа на висока политика, бидејќи Хрватска сака, доколку попушти околу поглавјата 23 и 24, тоа да го компензира на некоја друга страна.“

Aleksandar Popov Politologe aus Serbien
Александар Попов, директор на новосадскиот Центар за регионализамФотографија: DW/D.Gruhonjić

Замрзнати односи - проблемите остануваат

„Околу одреден број билатерални прашања навистина не постои никаков напредок“, оценува за ДВ Александра Јоксимовиќ, директорка на Центарот за надворешна политика. „Ова на што сега присуствуваме е продолжение на реториката од хрватската предизборна кампања, кога вниманието од економските проблеми е свртено кон она што меѓу нас граѓаните полесно се прифаќа-,а тоа е прашањето на односот кон Србија и Србите. Се покажа оти тоа не е лесно да се контролира сега кога завршија изборите и дека таа негативна реторика излезе од контрола. Секако, во тоа придонесе и судската пресуда за Војислав Шешељ, така што имавме проблеми кои стигнуваа од различни насоки.“

Кога станува збор за забелешките на Ивица Дачиќ дека Хрватска ги опструира разговорите, Александар Попов забележува оти Србија и Хрватска веќе 4 години имаат практично замрзнати односи. „Како може да очекувате дека проблемите ќе се решат ако само за тие 4 години имаа спорадични и речиси изнудени посети на одделни претставници. Тоа е навистина ниско ниво за две соседни земји кои имаат многу причини да разговараат“, вели Попов. А фактот дека Хрватска сака тоа да го подигне на политичко ниво има врска и со внатрешната ситуација во Хрватска. „Таму има една нестабилна влада, која е прашање дали ќе опстане. Блокадата на поглавјата 23 и 24 беше потребна за да се покаже како некој може на таков начин да ја услови Србија“, вели Попов.

„Мислам дека Хрватска нема одлучено каква регионална политика ќе води и дали таа има намера и натаму да игра негативна или конструктивна улога кога станува збор за европските интеграции во регионот“, вели Александра Јоксимовиќ. „Тука, значи, не мислам само за односот кон Србија, туку и на односот кон БиХ. Дополнителен проблем е тоа што ЕУ, зафатена со своите проблеми, донекаде го запостави Западен Балкан и гледаме дека таму каде што немаше доволно присуство на меѓународниот фактор имаме ескалација на криза, како на пример во Македонија.“

Serbien Kroatien Tomislav Nikolic und Kolinda Grabar Kitarovic
Претседателите на Хрватска, Србија и Словенија - Колинда Грабар-Китаровиќ, Томислав Николиќ и Борут Пахор во Загреб, во ноември минатата годинаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Bat

Пропуштени подобри можности

Парадоксален е фактот дека односите меѓу двете земји се на најниско ниво во период кога власта во Србија, барем декларативно, покажува поголем степен на заинтересираност за добри односи во регионот. Александар Попов употребувајќи израз поврзан со електричната енергија, истакнува дека тука „станува збор за краток спој или за различни фази“. Во период кога во Србија на власт во 2012 година доаѓаше, така да се каже, патриотска опција, на власт во Хрватска беа социјалдемократите (СДП). Тогаш се очекуваше дека кога во Хрватска ќе победат патриотските сили, дека тие подобро ќе се разбираат со властите во Србија и оти ним во меѓусебните контакти никој нема да може да им забележи за недоволен патриотизам. „Меѓутоа, аналитичарите погрешија во проценката, бидејќи овој ХДЗ не е оној на Санадер, кој беше некаков десен центар. Во Хрватска , по победата на ХДЗ, политичката ситуација се радикализира, започна прогон на политичките противници, беше рехабилитирана НДХ. Србија во таа ситуација стана некој вид колатерална штета, бидејќи на неа се покажуваше тој патриотски капацитет“, вели Попов.

Александра Јоксимовиќ забележува дека политичката криза во Хрватска дополнително ја компликува ситуацијата. „Прашање пред сѐ е дали сегашната влада, која е неодамна формирана, ќе успее да преживее. А сметам дека нејзиниот пад никому не му е во интерес. На Србија не ѝ одговара тоа бидејќи во таков случај нема партнер со кого може да разговара на хрватска страна. Во таков случај е илузорно да се очекува да се започне со решавање на сите натрупани проблеми меѓу двете земји.“