1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Краток курс за украинскиот национализам

18 јуни 2022

Украинскиот национализам е сложен историски феномен. Се појави како желба на Украинците да создадат своја држава на „крвавите земји“. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/4CspV
Припадници на украинските националистички движења на марш во октомври 2021 година
Припадници на украинските националистички движења на марш во октомври 2021 годинаФотографија: Efrem Lukatsky/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Знаеме речиси сѐ за рускиот наратив околу Украина и мотивите на Владимир Путин зошто ја почна бруталната инвазија. Знаеме за приказните за демилитаризација, за денацификација што ги шири пропагандата на Кремљ. Знаеме за рускиот националистички наратив, во кој Украина не е ниту посебна нација, ниту пак посебна земја – дека сето тоа се, всушност, руски луѓе и руска земја.

Третиот наратив во пропагандата на Кремљ е украинскиот национализам. Тој, наводно, го има киднапирано украинското општество, не само сега туку и децении наназад и ја труе државата и сите луѓе што живеат во неа. Во војнава бајракот на жестокиот национализам беше ставен во рацете на озлогласениот Азовски баталјон. Колку навистина постои тој украински национализам и дали во драматичните приказни за агресијата е потценет или пренагласен. Македонската јавност малку знае за неговото потекло и развој. Дали е тоа борба за независност на украинските земји, дали за омразата кон другите народи. И зошто во неговото минато има многу мрачни моменти.

Затоа, еве еден кратка историја на украинскиот национализам.

Овде речиси не се знае, но пред нешто повеќе од една година, во Украина започна силна јавна дебата околу парадата на ултранационалистичките групи во Киев во чест на украинската СС-дивизија позната како 1. Галициска. Стотици луѓе маршираа во центарот на главниот град со знамињата на украинската доброволечка единица формирана во април 1943 година, како дел од Вафен СС.

Парада во Киев во чест на дицизијата 1. Галициска во април 2021 година
Парада во Киев во чест на дицизијата 1. Галициска во април 2021 годинаФотографија: Efrem Lukatsky/AP/picture alliance

Претходните години во пограничниот град кон Полска, Лавов, редовно се одржуваа церемонии и паради во чест на таа дивизија. Тие процесии беа само маргинално следени, но демонстрациите во главниот град Киев предизвикаа многу поголем интерес. Руската пропаганда доби извонреден терен и го надува настанот непропорционално. Го осудија и Израел и Германија, го осуди и претседателот Володимир Зеленски и неговите сопартијци. Од него се оградија и општинските власти во Киев.

Со години, руските државни медиуми пумпаа пораки за „фашистичкиот режим“ во Киев и за парадите со факели во Украина во чест на националистичкиот украински лидер во 1930-тите и 1940-тите, Степан Бандера. Кампањата го достигна врвот на 21 февруари во говорот на рускиот претседател Владимир Путин до нацијата, во кој тој ја обвини Украина за „геноцид на речиси четири милиони жители на Донбас кои не се согласуваа со пучот… и се кренаа против национализмот и дивиот, агресивен неонацизам“.

Раѓањето на украинскиот национализам

Идејата за украинско самоопределување може да се следи во 19. век, во време кога низ цела Европа се појавија националистички движења. Во Европа, со исклучок на Балканот, национализмот се засноваше околу тврдењето за посебен јазик. Раните украински националисти исто така веруваа дека уникатниот украински народен јазик, различен од рускиот и полскиот, е основа за украинскиот народ.

Повеќе од авторот: Колкав животен простор ѝ треба на Русија

Додека модерната идеја за украинскиот национализам потекнува од Киев и источна Украина - тогаш под руска империјална власт - национализмот како масовно движење се разви во западна Украина, која тогаш беше под австроунгарска власт.

Австрија, по 1867 година, ги призна правата на националните малцинства, како што се Украинците (тогаш наречени Рутени). Западните Украинци можеа да основаат свои училишта и да добијат политичко претставување во локалните и националните парламенти. Руската империја, од друга страна, ја забрани јавната употреба и проучување на украинскиот (тогаш наречен „малоруски“) и секоја политичка активност поврзана со него.

Украинскиот национализам се формира во средината на 19. век. Украинскиот историчар Јарослав Хрицак го поврзува со национализмот на „народите без држава“ - бидејќи земјите на денешна Украина во тоа време биле поделени меѓу руската и австроунгарската империја. 

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Што значи „луѓе без држава“? Историчарот и политичар од Украина, Михаило Грушевски, ги смета Киевска Русија и нејзиниот наследник, кнежевството Галиција-Волин, како извор и прототип на украинската државност. Во иднина, овие земји беа под власт на други држави - Литванија, Полска и Московското кнежество. А подоцна - руската и австроунгарската империја. Односно, народот на Украина со векови немаше своја држава, а постоеше како дел од другите. Но, во исто време тој се бореше за суверенитет.

Идеолозите на тогашната национална преродба веруваа дека украинската нација ја изгубила својата државност и елита во минатото. А неговиот национален дух спие во народот кој го зачувал јазикот и основите на културата.

Тие веруваа дека задачата на свесната интелигенција е да го „разбуди народот“ и да стане новата национална елита. Слични чувства биле карактеристични и за другите словенски народи кои се нашле под власта на империите: Чесите, Словаците и Јужните Словени. Писателите и поетите одиграа важна улога во ова „преродба на народите“. Во Украина поетот Тарас Шевченко стана познат и се смета за творец на модерната украинска литература, а неговата збирка „Кобзар“ е еден од темелите на украинскиот литературен јазик.

Ова беше олеснето со либералниот политички систем на Австро-Унгарија и можностите за бесплатно печатење (во Русија, објавувањето книги на „малорускиот дијалект“ конечно беше забрането во 1876 година). Покрај тоа, политичките емигранти се собраа во Лавов од украинските провинции на Руската империја.

Во тогашен Петроград имаа негативен став кон растот на националното движење на Украинците и го сметаа за „мазепинизам“. Односно, поддржувачите на ова движење ги сметаа за следбеници на Хетман Иван Мазепа - во руската историска традиција, предавник на каузата за градење на Руската империја. Според тогашното, а и сегашното верување во Кремљ, украинскиот национализам е западен изум на австриската политика кој сака да ја ослабне Русија. Рускиот контра-наратив е дека Русите и Украинците делат иста историја, и затоа имаат заедничка судбина.

Ukraine Mitglieder der nationalistischen Bewegungen an einer Kundgebung zum Tag der Verteidigung der Ukraine teil
Фотографија: Efrem Lukatsky/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Во СССР

До Првата светска војна, украинските националисти во руската империјална Украина веруваа дека треба да имаат автономија во рамките на империјата. Со распадот на руската монархија во февруари 1917 година, во Киев беше прогласена „Украинска народна република“ (УНР). Откако болшевиците ја презедоа власта во Москва, УНР прогласи независност во јануари 1918 година.

Независноста беше краткотрајна, затоа што главното бојно поле на граѓанската војна во пост-империјална Русија беше во Украина, со четири различни војски вклучени во битки: црвените (болшевиците), белите (контрареволуционери), жолтите и сините (украинските националисти) и зелените (селански анархисти). Целата граѓанска војна резултираше со смрт на 15 милиони луѓе.

Повеќе од авторот: Империјални и други сништа

На крајот Украина повторно беше поделена на два дела. Поголемиот дел од западна Украина потпадна под обновената Полска, која стана повторно држава по 150 години, додека териториите на исток - вклучувајќи ги Киев, Одеса, Харков и Донецк - беа освоени од болшевиците во она што стана Советски Сојуз.

Болшевиците беа марксисти кои веруваа дека национализмот е само буржоаски феномен кој на крајот ќе исчезне под социјалистичко владеење. Но, Владимир Ленин ја разбра моќта на национализмот, а особено психологијата на луѓето на кои им е погрешно чувството на супериорност на Русија.

Двете историски имиња кои најмногу се поврзуваат со терминот „украински национализам“ се Степан Бандера, водач на една од фракциите на Организацијата на украинските националисти (ОУН) за време на Втората светска војна и Роман Шукевич, командант на Украинската бунтовничка армија, военото крило на организацијата. Од 2014 година, десетици улици во Украина ги добија имињата на овие двајца луѓе, на кои им се одбележува комеморацијата и на булеварите во Киев.

Бандера работеше во илегала поголемиот дел од својот живот и помина речиси една деценија во затвор – во Полска пред војната, а за време на војната четири години беше во концентрациониот логор Заксенхаузен во Германија. Во 1959 година бeше убиен од агент на КГБ додека живеше во егзил во Минхен и стана национална икона. Во советскиот наратив, а сега и рускиот, името на Бандера ја симболизира соработката на украинските националисти со нацистите, а изразот „бандера луѓе“ стана навреда. За некои прогонети Украинци и дисиденти во минатото и за некои Украинци денес, Бандера е синоним за украински борец за слобода.

Роман Шукевич, командант на украинската бунтовничка армија
Роман Шукевич, командант на украинската бунтовничка армијаФотографија: cdvr.org.ua/gemeinfrei

Во слава на Степан Бандера

Вистината, се чини, е на средината. „Повеќето соработници, вклучително и оние кои им помогнаа на нацистите да ги прогонуваат Евреите во окупирана Украина, не беа украински националисти“, вели Андриј Усах, историчар на Украинскиот католички универзитет во Лавов. „Германските истражувачи го наведуваат бројот на Украинците кои учествувале во прогонот на Евреите – оние кои служеле во полиција, селските водачи и така натаму – од 30.000 до 40.000. Мислам дека бројката беше поголема – до 90.000 луѓе“. Повеќето не беа украински националисти.

„Ова не го негира фактот дека меѓу украинските националисти некои служеле во полиција и учествувале во холокаустот. Ова не значи дека тие убивале со свои раце, туку ги чувале местата за масовни убиства - што ќе рече, тие имале директна одговорност за сите Евреи од одреден град кои биле убиени. За ова прашање не се разговараше долго време. Бројот на украински историчари кои се занимаваат со оваа тема може да се изброи на две раце“, вели Усах.

Во 1940 година, ОУН се подели на две фракции - едната предводена од Бандера, која се сметаше за порадикална, и онаа предводена од Андриј Мелник, која се сметаше за поумерена, но и поантисемитска. Според Меморијалниот центар на холокаустот Бабин Јар, членовите на ОУН на Мелник им помагале на нацистите по освојувањето на Киев. Тие многу придонеле за формирањето на локалната полициска помош, која им се заканувала на локалните жители со смрт доколку не ги предадат Евреите, членовите на советската тајна полиција и комунистите, и служеле како преведувачи за СС Ајнсацгрупен кои ги извршиле убиствата во Бабин Јар, како и многу други.

Од своја страна, членовите на фракцијата на Бандера ги сочинуваа двата познати баталјони, „Роланд" и „Нахтигал", кои беа формирани на почетокот на 1941 година пред германската инвазија на Советскиот Сојуз и беа обучени од Абвер, германско воено разузнавање. Во есента 1941 година, двата баталјони беа растурени и реорганизирани во еден баталјон на украинската помошна полиција, Шуцманшафт, која се бореше против партизаните во Белорусија. Членовите на ОУН убиваа Евреи без наредба од нацистите, главно поради верувањето дека Евреите биле активни или потенцијални соработници со Советите.

Портрет фотографија на Степан Бандера
Портрет фотографија на Степан БандераФотографија: Serg Glovny/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Односот на украинските националисти, особено фракцијата на Бандера кон нацистите се промени во текот на војната. Нивните тензии со Германија избувнаа во летото 1941 година, кога стана јасно дека Германците немаат никаква намера да промовираат украинска независност. Бандера бил изолиран од неговите приврзаници и за кратко време бил затворен. Тензиите меѓу украинските баталјони и германската команда доведоа до нивно распуштање во 1942 година, а во 1943 година армијата на украинските бунтовници на чело со Шукевич се бореше против сите: Советите, Германците, Евреите и Полјаците, а и украинската рурална заедница.

Настаните во Волинија во 1942-1944 година беа предизвикани од долготрајни етнички судири меѓу Полјаците и Украинците. Тоа ескалираше по вклучувањето на Волинија во Полска според Договорот од Рига во 1921 година. Тогаш Украинската востаничка армија (УПА) организираше етничко чистење на Полјаците. И подземната полска воена организација „Крајова армија“  презеде одмазднички акции. Како резултат на тоа, загинаа 40.000 до 60.000 Полјаци и 10.000 до 20.000 Украинци.

Овие настани сè уште ги комплицираат односите на Украина со Израел и Полска. Особено откако украинскиот претседател Виктор Јушченко во 2010 година постхумно им ја додели титулата Херој на Украина на Степан Бандера и командантот на УПА, Роман Шукевич.

Според руската пропаганда Мајдан е дело на ултрадесничарите. Ова е лесно да се побие со едноставна статистика. Во тие настани учествуваа неколку стотици борци од десниот сектор, додека имаше неколку илјади учесници во самоодбраната на Мајдан, која беше формирана од обични граѓани (според командантот на Евромајдан, Андреј Парубиј - 12 илјади луѓе во февруари 2014 година).

Украинскиот национализам е сложен историски феномен. Се појави како желба на Украинците да создадат своја држава во услови на борба на нацијата за опстанок во „крвавите земји“, како што напиша американскиот историчар Тимоти Снајдер. И тој значително се радикализираше, па историјата памети не само примери на неговото херојство, туку и злосторства.

До крајот на 20 век, се чинеше дека Украина конечно стапнала на патот на мирното создавање на европска држава. На овој пат, радикалните манифестации на национализмот изгледаа архаични, застарени.

Сепак, руската неоимперијална политика во 21 век ги оживеа националистичките чувства во украинското општество. И пропагандата на Кремљ подигна хистерија околу украинскиот национализам, постојано преувеличувајќи го неговото влијание. 

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар