1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Про: Кој се плаши од двојно државјанство?

Зоран Арбутина/ превод: Зоран Јордановски10 август 2016

Двојното државјанство ја загрозува демократијата, сметаат противниците и бараат да се укине. Тоа е погрешен обид да се влијае на јавното мислење и не ја согледува реалноста, возвраќа во коментарот Зоран Арбутина.

https://p.dw.com/p/1Jejx
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Нема толку многу теми кои толку лесно предизвикуваат поделби, колку прашањето за оправданоста или опасностите од двојното државјанство. Притоа и денес се аргументира невообичаено старомодно: се вели дека не може да се биде „слуга на двајца господари“ и се предупредува на конфликт на лојалноста на граѓаните на две држави. Се создава атмосфера, се разгоруваат стравови – се зборува за „петта колона“ на деспотите и автократите, се искажува сомневање во готовноста и способноста за демократија на граѓаните со два пасоша.

Во дискусиите не станува збор за приврзаници на Трамп меѓу германските Американци, како ни за приврзаници на Ле Пен меѓу германските Французи. Не се во прашање ни фанови на Качински меѓу 690-те илјади германски Полјаци, ниту оние меѓу 570-те илјади руски Германци, кои искажуваат разбирање за Путин. Станува збор за обожувачите на турскиот претседател Ердоган меѓу 530 000 Турци, кои, покрај турски, имаат и германски пасош.

Ердоган и неговата петта колона

Од тие луѓе требало да се плашиме, тие ја загрозувале демократска Европа. Тие биле неговата петта колона, која само чекала на знак од него. Пораката е дека тие се меѓу нас, натрапниците од надвор. Така изгледа како самопосебе разбирлив и повикот: мора да се браниме, мора да се дејствува, веднаш и решително!

А како? Најдобро така што ќе се принудат граѓаните на Германија со две државјанства да се решат - едното или другото. Германец или Турчин. Мора да ѝ се стави крај на забавата со мултикулти!

Тоа има одреден шарм, има призвук на многу едноставно решение за вистински компликуваната реалност. Само, укинување на двојното државјанство не решава ниеден од вистинските или наводните проблеми што со него ги имаат неговите противници.

Непријатели на демократијата

Генерално укинување на двојно државјанство би значело кршење на важечките норми на ЕУ, кои начелно го дозволуваат. Освен тоа, со критиката воопшто не се опфатени оние меѓу германските Унгарци, кои му се воодушевуваат на Орбан, или деснорадикалните носталгичари усташи кај германските Хрвати.

Arbutina Zoran Kommentarbild App
Зоран Арбутина

Проблем, значи, биле само Турците. Тука добро е да се имаат пред очи неколку факти: според пописот од 2011. година, тогаш скоро 4,3 милиони луѓе во Германија, покрај германското, имале уште едно државјанство. Од нив околу половина милион беа Турци. За споредба, во време на пописот во Германија живееја 1,5 милиони Турци без германски пасош, а околу 800 000 луѓе со турско потекло имаа само германски пасош. Значи, помалку од 20 проценти од Турците во Германија имаат двојно државјанство. На заканата за германската демократија сепак ѝ се потребни повеќе дивизии.

Најновата дебата околу двојното државјанство се разгоре по повод собирот во Келн пред неколку дена - десетици илјади луѓе ја поддржаа политиката на турскиот претседател, која несомнено ја загрозува демократијата и е се` поавтократска. Според медуимските извештаи имало околу 30 до 40 000 луѓе, значи најмногу шест до седум проценти од оние со двојно државјанство, односно 1,5 проценти од сите граѓани на Германија со турско потекло. Можно е меѓу нив да биле многумина кои немаат многу заедничко со демократијата. Но, може да се смета и на тоа дека меѓу 12-те проценти на жители на Германија, кои имаат позитивно мислење за АфД (десно-популистичката партија Алтернатива за Германија – н.з.), можат да се најдат значително повеќе непријатели на демократијата. А може и да се претпостави дека меѓу нив нема од оние со два пасоша. Со други зборови, демократијата несомнено е загрозена и од луѓе кои живеат внатре во системот, а бројот на пасоши притоа не игра никаква улога.

Нема опасност од припадност на два света

Омилен аргумент на противниците на двоен пасош е равенката: два пасоша = двоен лојалитет = воопшто не оди. Тоа нема многу врска со реалноста. За милиони луѓе во Германија повеќе идентитети се самопосебе разбирливо секојдневие. Станува збор за различни јазици, различни култури и различни одговори на прашањето: Каде припаѓам јас? Двојното државјанство е еден можен одговор и видлив знак за истовремена припадност на два различни света – дури и знак за интеграција. Илузорна е сметката дека некој, кој е принуден да се откаже од еден пасош, со тоа ќе се откаже и од една од неговите две лојалности. Тоа само води кон огорчување, лицемерие, вртење грб. Оти, со лојалноста е како со љубовта: секс може да се изнуди, љубов не.

Горната равенка и без тоа не важи во меѓународни рамки: во многу земји на светот, каде патриотизмот игра посебна улога – како на пример во САД, Франција или Хрватска – двојно државјанство е можно и распространето.

Демократијата, се разбира, мора а е отпорна, мора да има можности да ги сузбива своите непријатели. Но една модерна демократија може да опстане и натамошно да се развива само како отворено општество. А израз на таа отвореност е да им овозможи на своите граѓани да си ги живеат своите идентитети онака, како што ги чувствуваат – дури и ако тоа претпоставува и двојно државјанство.