1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ислам припаѓа кон Германија?

Сузане Шретер/ превод: Зоран Јордановски30 мај 2016

Исламот има многу лица – просветени и тоталитарни. Но, во Германија има место само за либерален и хуманитарен ислам, само за критичка и промислена вера, смета Сузане Шретер во гостинскиот коментар.

https://p.dw.com/p/1Iv5J
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Hackenberg

Кога во 2012. година Муханад Коршиде, теолог кој предава на универзитетот во Минстер, објави публикација со наслов „Исламот е милосрдие“, предизвика екстремно различни реакции. Многумина немуслимани го фалеа текстот како дело на откровение на еден хуманистички ислам од кого не треба никој да се плаши, дотолку повеќе што авторот во него дава слика на Господ кој „не се интересира за наслови како муслиман, христијанин, Евреин, верник или неверник“. Коршиде ја отфрла идејата за вечно важење на стиховите и изреките во кои можат да се најдат омраза против немуслиманите, ставови за подредена положба на жените и оправдување на насилството, и сакаше тие да бидат сфатени само како документи на минатото.

Се чинеше како професорот да успеа со еден потег на перото да ги растера задршките на сите кои не беа сигурни дали исламот навистина се вклопува во Германија, како што рече тогашниот сојузен претседател Кристијан Вулф во легендарниот говор од 2010. година. Можеше да се смета дека тоа е добра причина и муслиманите да му оддадат признание на Коршиде. Но, тоа на се случи. Напротив, на интернет-страницата на ДИТИБ, најголемото муслиманско здружение во Германија, беше објавено дека ставовите на Коршиде биле „откажување од класичната исламска поука“ „и навреда за исламскиот идентитет“, поради што тој веќе не бил подобен за професор и требало да биде отстранет. Згора на тоа, Координативниот совет на муслиманите, кој обединува повеќе големи здруженија, направи „вештачење“ на стотина страници за да изврши натамошен притисок во врска со тоа барање, но, за среќа, не можеше да го издејствува.

Барање за исламско просветување

Коршиде и ДИТИБ се претстаници на два спротивни пола кои ѝ даваат белег на дебатата во рамките на денешниот ислам во Германија. На една страна стои групата на оние, кои исламската теологија ја концептуализираат како модерна наука и не ги премолчуваат критичките аспекти на религиозните извори, туку ги разбираат како врзани за тогашното време, па со тоа и како променливи. Некои научници и автори од таа група дури одат и многу подалеку од Коршиде и бараат исламско просветителство. На другата страна се муслимани кои настојуваат да се избегнат било какви расправи за исламот и се обидуваат да спречат промени или нови интерпретации на религиозните текстови. Тие се главно организирани во здруженија и упадливи се по стереотипните изјави по терористички напади дека џихадизмот нема врска со исламот. Претставниците на тие здруженија не го оспоруваат фактот дека од почетокот на овој милениум ширум светот дојде до енормен пораст на напади во име на исламот. Но, наместо да се занимаваат со теолошкото образложение за исламистичкото насилство, тие порадо го обвинуваат мнозинското општество за непријателски став спрема исламот, ако тоа не е задоволно со вербалната екскомуникација на атентаторите. Ајман Мазиек, претседател на Централниот совет на муслиманите во Германија, неодамна дури посака да се укине поимот исламизам, небаре со тоа би исчезнал и самиот феномен.

Susanne Schröter Leiterin Frankfurter Forschungszentrum Globaler Islam
Сузане ШретерФотографија: picture-alliance/dpa/FFGI/Privat/Schröter

„Генерација алах“

Реторичките финеси созадаваат впечаток дека имало добри причини зошто не треба да се чепка таа тема. Во тоа се вклопува и дека се минимизираат како испади случаите на екстремизам во поедини општини, објавени во печатот - како во локалните групи на ДИТИБ во Мелзунген, Динслакен и Волфсбург. Секој што е сведок на тие игри, мора да се праша дали можеби причината за забележителната индиферентност се крие во тоа, дека и самиот зазема амбивалентен став спрема религиозно заснованото насилство. Оти џихадот, во смисла на фактичка војна, е релевантен поим во коранот и во исламската традиција. Токму на тоа се повикуваат џихадистичките проповедници, кои и денес џихадот го сметаат за адекватен инструмент за казнување за навредувањето на пророкот Мухамед, за вршење одмазда поради западната надворешна политика или за постапките против омразените Евреи. Во џамиските општини редовно канат такви проповедници. Челниците на џамиските одбори, кога од вчудовидените претставници на општините ќе бидат принудени да дадат објаснение, често се оправдуваат дека младите ги барале салафистите.

Deutschland Muslime Freitagsgebet Moschee Berlin
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

За жал, тоа доволно често е и вистина. Салафизмот е движење на млади и привлекува толку многу тинејџери и млади возрасни, што психологот Ахмад Мансур зборува за „генерација алах“. Притоа тој мисли не само на оние, кои се приклучуваат кон радикални групи и во најлош случај дури одат и во војна во Сирија, туку и на оние, во чие верско убедување границата помеѓу екстремизмот и ортодоксноста е флуктуирачка. Тоа е младина која смисла на животот наоѓа во безусловно потчинување на бога и неговите закони, која во секоја можна постапка се прашува дали е таа дозволена (алал) или забранета (арам), оти смета дека само така „ќе бидат победници“ во рајот – како што ми кажуваа млади мажи во еден разговор. Се чини дека за тие луѓе животот во нашето општество е грешен и опасен и поради тоа избегнуваат врски со таканаречените неверници, освен најнужните.

Муслиманските здруженија поттикнуваат сегрегација оти со тоа ги приврзуваат членовите и придобиваат на значење. Во речиси секоја џамија има сопствени фудбалски групи кои играат против групите од другите џамии, со основаат детски градинки и културни центри, се организира исламска социјална работа и исламска работа со млади и се цели кон пошироко исламско добротворно здружение. Целосните паралелни структури од лулка до гроб спречуваат контакти со немуслиманите и носат опасност од зацврстување на ортодоксни сфакања кои се во спротивност со вредностите и кутурните навики во Германија. Кој верува дека родовата рамноправност е неисламска, дека немуслиманите ќе завршат во пеколот или дека отпадниците од верата заслужуваат смрт, се наоѓа во Германија само физички, но не ментално. Тоа се однесува на оние, кои се за извршување на божјите заповеди без поговор и промислувањето околу тоа го отфрлаат како ерес. Може само да се надеваме дека ним ќе им биде овозможен достап до науката што во моментов ја развиваат либерални, просветени и хуманистички муслимани. Ислам кој навистина припаѓа кон Германија може да биде само критичка и промислена вера, а не некоја што застапува тоталитарни идеи во религиозен плашт.

Сузане Шретер раководи со истражувачкиот центар Глобален ислам при универзитетот во Франкфурт на Мајна.