1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој им помага на бегалците во Македонија?

Немања Рујевиќ22 август 2015

Македонските институции сакаат што побрзо да се ослободат од бегалците кои во голем број пристигнуваат од Грција и не им пружаат никаква помош. Но, македонските волонтери помагаат колку можат

https://p.dw.com/p/1GJEV
Фотографија: DW/N. Rujević

Габриела Андреевска е ситна, но со огромна енергија брза по перонот на железничката станица во Гевгелија. Со крупни очи, нагласени усни и силен глас, оваа активистка на македонското левичарско движење „Солидарност“ себеси се опишува како анархист. Само што слушна дека полицијата воведува ред со пендреци на влезот во возот, таа веќе им објаснува на бегалците: „Не смеат да ве тепаат, сеедно што сте сториле“. Нам, на новинарите ни објаснува:„ Му јавивме на ОБСЕ за полициското насилство. А претставниците на Високиот комесаријат за бегалци на ОН беа сведоци на тие инциденти. Но, меѓународните организации не реагираат, или реагираат многу бавно“.

Капитулација

Андреевска пристигна во Гевгелија по налог на скопската невладина хуманитарна организација „Легис“. Вели дека храната, лековите, пелените кои се транспортираат за Гевгелија во 95 отсто случаи ги собрале македонските граѓани. „Државата не даде ниту цент“, додава таа налутено. Нејзината организација се обидува да ги усклади активностите со другите, како што се Црвениот крст и Комесаријатот за бегалци на ОН. „На последниот состанок, надлежното македонско министерство го испрати својот шофер. Толку сакаат да се реши оваа криза“, вели Андреевска.

Mazedonien Flüchtlingsansturm in Gevgelija Ivan Frangov Bürgermeister
Фотографија: DW/N. Rujevic

Сликите од Гевгелија сведочат за држава која капитулирала пред проблемот. Најпрво дневно доаѓаа по десетици, па стотици бегалци преку грчката граница. Балканската рута стана една од најпопуларните патеки за бегалците кои сакаат да стигнат до Западот и против тоа не може ништо да се стори, смета официјално Скопје. Границите се отворени со јасна порака- бегајте што подалеку.
Градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов не смета дека државата капитулирала пред проблемот: „Проблемот ни го наметна нашиот јужен сосед, Грција, која е членка на ЕУ. Зарем не е доволно што бегалците можат непречено да влезат во земјата?“
„Прашајте ги нашите граѓани кои живеат околу железничката станица во Гевгелија, што мислат за проблемот. Тие и нивните деца повеќе не смеат да излезат на улица. Имам сочуство за бегалците, но тоа не значи дека нашата држава треба да трпи“, заклучува Франгов.

Гевгелија како депонија

Малото градче поради бранот бегалци стана вест во светските медиуми. За населението главна тема е- сметот. Од рано утро луѓе во маички со црвен крст на станицата почнуваат со чистење. Во Македонија за пластичните шишиња не се плаќа кауција како во Германија, па врз основа на фрлената амбалажа може да се види каде дојденците јаделе, спиеле или правеле пауза. „Зошто не го фрлаат ѓубрето во контејнери? Тие луѓе немаат основна култура“, вели еден работник кој паузата седна на една ракија во ресторанот на станицата. Па додава: „И овие сакаат да се интегрираат во Германија? Е па нека ви е со среќа!“

Mazedonien Flüchtlingsansturm in Gevgelija
Фотографија: DW/N. Rujevic

Собирањето на сметот вообичаено не е работа за Црвениот крст. Но во Гевгелија е многу поинаку отколку на други места. Координаторката Сања Костадинова вели дека Комесаријатот на ОН и државата многу помагаат, но тоа баш и не се гледа. На прашањето дали очекува повеќе од Европа вели: „Очекувам макар некаква помош од Европа. Досега не видовме ништо“.

Каде се професионалците?

Филине фон Опелн е шокирана од бавноста на помошта, која притоа е недоволна. Оваа Германка во Македонија дошла да напише туристички водич за земјата. Тогаш на телевизија ги видела сликите од Гевгелија, и сфатила дека тоа е далеку поважно. „Сега се обидувам да помогнам, како знам и умеам. Тука нема големи организации за заштита на бегалци, кои би требало нешто да сторат“, вели Филине.
„Човек се прашува, каде се останатите, каде се професионалците?“

Помошта од меѓународните организации е тешко воочлива и стотина километри на север, на преминот Табановце. Тука ОН подигнале неколку шатори покрај железничката станица во кои се сместуваат воглавно семејства со мали деца. Границата со Србија е на само стотина метри одовде.
„Само сакам понатаму, во следната земја“, вели Али, еден од собраните бегалци од Пакистан и Авганистан. А потоа? „Потоа понатаму, во следната земја“.

Тоа го знае и Габриела Андреевска, активистката во Гевгелија. Таа дели летоци на арапски и персиски јазик, на кои е опишан најбрзиот пат до „ветената земја“ на Запад. Бегалците се собираат околу неа, и летоците одат како „алва“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема