1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тадо Јуриќ: Иселувањето им одговара на политичарите

Синиша Богданиќ
19 јули 2021

Повеќегодишниот бран на иселување од Хрватска не ги поттикна политичките елити на остра борба со корупцијата. Хрватскиот научник тврди дека во испразнета земја на корумпираните им е уште подобро.

https://p.dw.com/p/3wEfF
Kroatien Tado Jurić
Фотографија: Sinisa Bogdanic/DW

Хрватска ја тресе уште еден во низата големи корупциски скандали. По долго следење и прислушување, полицијата и УСКОК започнаа да ја уриваат клиентелистичката мрежа во Загреб, во чиешто средиште, според достапните информации, до неодамна беше покојниот градоначалник Милан Бандиќ. Додека некои гледаат трошка надеж во сè, други, поучени од претходните искуства, мислат дека ништо нема да се промени. И токму овие последниве се најмногу склони да ја напуштат земјата во која се родени.

-повеќе на темата: Хрватите не се иселуваат за корка леб, туку заради подобро општество

Дека корупцијата повеќеслојно е поврзана со иселувањето на населението, утврди др. Тадо Јуриќ, доцент на Хрватскиот католички универзитет. Тој вели дека корупцијата му нанела поголема штета на националниот идентитет на Хрватска отколку што ја оштетила економијата. Во својата студија, тој го користи Индексот за перцепција на корупцијата објавен од Транспаренси Интернешнл, но уште поважно - тој и неговите соработници исто така ги анкетираа раководителите на малите, средните и големите компании. Две третини од нив, објаснува тој за Дојче веле, велат дека знаат за случаи на мито на компании на локално или национално ниво и дека ги обвинуваат политичките партии, воените профитери, банкарите и судовите за состојбата во општеството.

„Во претходната студија докажавме дека луѓето се иселуваате поради корупција, но сега се покажа дека корупцијата расте со иселувањето. Како што заминуваат критичарите, така им е полесно на критикуваните. Оние коишто сакаат промена си заминуваат. Во исто време, бројот на невработени се намалува. Иселувањето им одговара на политичарите“, вели Јуриќ.

А каде одат Хрватите? „Германија и Ирска некако се ставаат во ист кош во Хрватска. Сепак, 20.000 се иселиле во Ирска од 2012 година, ист број во Австрија и ист број во Шведска и останатите земји. Во исто време, 310. 000 луѓе заминаа во Германија“, вели Јуриќ, кој објаснува дека 125.000 луѓе во исто време се доселиле во Хрватска, но само една третина од нив имаат хрватско државјанство.

Grafik von Tado Jurić zur Migration Kroatien

Претежно се иселуваат граѓани со хрватска националност

Иако демографските истражувања исклучиво зборуваат за иселување на хрватските граѓани, што создава перцепција дека Хрватите не мора да емигрираат, студијата на Јуриќ покажува дека несомнено станува збор за иселување на Хрватите.

„Не го велам тоа поради некаква ксенофобија, туку поради тезата дека припадници на други националности наводно емигрираат од Хрватска. Но, од друга страна, хрватските католички мисии во Германија и Австрија имаат многу прецизни податоци, вели авторот на стрѓудијата „Истражување за корупција во Хрватска - мерење на корупцијата “.

-повеќе на темата: Во Хрватска нема да има кој да работи?

Хрватска, се покажа во последниве години, нема точни податоци за иселувањето, бидејќи државните статистичари се потпираат на бројот на луѓе коисе одјавиле живеалиштето во својата татковина. Затоа германските и хрватските податоци се разликуваат од 20 до 80 проценти годишно, предупредува нашиот соговорник. Да додадеме дека голем дел од иселениците во Ирска не го одјавуваат живеалиштето за да остварат право на бесплатна здравствена заштита во Хрватска, што дури и на нивните веб-страници им го советуваат агенциите за наоѓање работа во таа земја.

Како да добиете поточни бројки?

Затоа, Јуриќ применува алтернативни методи: проценка на потрошувачката на вода и дигитална демографија. „Потрошувачката на вода е стабилна и се знае колку троши една личност, така што докажавме дека во Славонија има 120.000 луѓе помалку отколку што покажуваат државните податоци. Ова не е изненадувачки затоа што знаеме дека таму се пријавени многу Хрвати што живеат во БиХ и Срби кои живеат во Србија, но и Хрвати коишто заминаа во Германија и не се одјавени“.

Покрај тоа, Јуриќ и соработниците анализираа во период од три години колку луѓе во Германија користат Фејсбук на хрватски јазик. На пример, за Минхен, таа бројка растела на годишно ниво за десетици илјади годишно, што треба да се толкува низ ограничувањата што ги има овој метод. „Овие податоци одговараат на податоците на католичките мисии“, вели овој научник.

Од друга страна, откриено е дека Германците, кога станува збор за доселеници од Хрватска, се најмногу заинтересирани дали Хрватите се муслимани и колку Хрвати користат социјална помош. Ова, вели Јуриќ, отвора нови теми за истражување и забележува дека Германија, за разлика од Хрватска, има Институт за дигитална демографија.

Национален идентитет

„Хрватите, особено помладата генерација, почнуваат да го доживуваат хрватскиот национален идентитет како измама со која политичката каста манипулира со цел да се збогати и да се одржи на позиција. Корупцијата секогаш порачува дека богатите стануваат побогати, а сиромашните посиромашни. Во здраво општество, измамниците мора да бидат казнети, а трудот да биде награден. Во Хрватска е спротивното “, наведува Јуриќ и додава дека„ ситната“ граѓанска корупција е намалена, додека елитната корупција е зголемена. Последица на елитната корупција е исчезнување на чувството за заедница и солидарност, што треба да биде основа на општеството.

-повеќе на темата: Германија секогаш останува опција

„Има обид да ни се подметне тезата дека сите сме расипани, а тоа не е точно. Повеќето хрватски граѓани не сакаат да се збогатат преку ноќ, но сакаат мирен и безбеден живот, за да можат да ги прехранат своите семејства “, објаснува Јуриќ, споменувајќи го феноменот на бунтот на елитите: „Елитите ги критикуваат медиумите, институциите и граѓаните секој ден преку медиуми. Зарем тоа не е театар на апсурдот кога изразувате бунт против граѓаните? Политичарот мора да биде подготвен да критика. Несомнено е дека корупцијата постои и во Германија, но таму не доведува до осиромашување на граѓаните. Покрај тоа, корупцијата овде доведе до иселување на работниците тука, а таму тоа не се случи “.

Критики кон Германија и ЕУ

Од деведесеттите години до сега, хрватските елити не беа на висина на задачата, наместо на модернизација, општеството се фокусираше на идеолошки конфликти, што е силен фактор во емиграцијата. „Од една страна, структурниот песимизам, а од друга страна, Германија, која испраќа пораки дека е привлечна, дава можност за напредок. Младиот човек сигурно ќе го избере лажниот сјај на Германија“, наведува Јуриќ крајно критичен кон политиките на Европската Унија, иако смета дека ЕУ е најдобрата рамка за Хрватска.

Kroatien Tado Jurić
Младиот човек сигурно ќе го избере лажниот сјај на Германија, наведува Јуриќ. Фотографија: Sinisa Bogdanic/DW

Тој додава дека слободата на движење без заеднички здравствен систем и минимална плата на ниво на ЕУ е лицемерна политика. „Германија сигурно може да влијае на намалувањето на корупцијата во Хрватска, но и требаат млади луѓе. А, секој наш млад човек го чини општеството од 50 до 150 илјади евра, па Хрватска преку образование донираше 18 милијарди евра на Германија“.

Едно од можните решенија е обесшетување коешто земјите како Германија би и го исплатиле на Хрватска. На крајот на краиштата, Јуриќ исто така се залага Загреб да инвестира два проценти од данокот во реконструкцијата на хрватската периферија, од која црпи млади и перспективни луѓе. Сепак, тој нагласува дека сегашниот модел на исцицување работна сила од европската периферија има краток рок на траење и дека Унијата за неколку години ќе зависи од работниците увезени од неевропските земји, што го покренува прашањето за зголемената цена на нивната интеграција.