1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој изнел 7 милијарди евра - прашуваат од третиот ешалон

28 јули 2021

Ова е сериозна кампања против третиот ешалон која трае повеќе години, реагираат синдикалци по изјавата на премиерот Заев за корупцијата.

https://p.dw.com/p/3yA83
Symbolbild Korruption
Фотографија: granata68/Fotolia

Изјавата на премиерот Зоран Заев дека корупција има, но не во министерско- директорските ешалони на власта, туку, според анализи, истата е детектирана во делот на административното функционирање на јавните институции, ги разбранува административните работници и синдикалните организации. Со реакција вчера се огласи Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), а претпладнево пред зградата на ССМ ќе одржи и прес-конференција, на која подетално ќе се произнесе за ова прашање.

Во Синдикатот на УПОЗ, кој годинава одбележа 30 години од основањето и во кој се здружени околу 120-тина синдикални организации, велат дека телефоните постојано ѕвонат - се јавуваат синдикални членови со реакции на изјавата на премиерот.

„Вработените се прашуваат - која беше целта на оваа изјава: дали е смислен чекор администрацијата дополнително да се деградира и да остане со сегашното ниво на плати?“, вели за ДВ претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Повеќе: До каде достигнуваат пипците на корупцијата?

Фрлени на маргините

Податоците покажале дека со сегашното ниво на плати 95 % од административците имаат примања под просечната плата на ниво на држвата, а од Синдикатот прогнозираат дека дури со следното зголемување речиси 50 % од нив би стигнале до минимална плата или сѐ уште ќе примаат помалку од тоа, иако им следува по закон. Според синдикалците, состојбата е спротивна од вкоренетата перцепција за „дебело платена“ администрација која „клати врата и зема плата“, а покрај тоа голем дел од луѓето работат и во крајно супстандардни услови. По сето тоа, изјавата на премиерот ја доживуваат како нов удар.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement
Изјавата на премиерот Зоран Заев ги разбранува административните работници и синдикалните организацииФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„За администрацијата која е фрлена на маргините, ова е уште еден удар. Ова не е гаф, ова е сериозна кампања против третиот ешалон која трае повеќе години“, реагира претседател на синдикална организација на УПОЗ од помала општина.

„Со изјавата на премиерот се покажа дека борбата против корупцијата е на слеп колосек. Пред да нѐ обвини, треба да ни одговори. Тој изјави дека од земјата се изнесени околу седум милијарди евра. Дали третиот ешалон ги изнесе овие пари, или високите функционери? Зошто врвни лекари се кандидираат за градоначалници, кога платите на градоначалниците се 50 до 60 илјади денари, а на лекари и до 100.000 денари?“, реторички прашува тој.

На ова се надоврзуваат и други негови колеги.

„На пример, ако во судството има корупција, кој е виновен за тоа? Курирот и дактилографот, или некој друг?“, реагира синдикален член.

Повеќе: Кој е корумпиран: судството или граѓаните?

Виновни за сѐ!

Синдикатот на УПОЗ во вчерашната реакција оцени дека „изјавата на премиерот е паушална и истата во континуитет преставува напад на државната администрација како единствен виновник за лошата перцепција на граѓаните дека таа е неработна, а сега и корумпирана“.

„Корупцијата како механизам за придобивање на материјални и други придобивки за лична корист, не може да се гледа издвоено, во само еден сегмент на власта односно администрацијата, како што напомена премиерот Заев, без притоа не се спомене корелацијата со врвот на истата, особено што партиското поставување на кадри и организацијата која е хиерархиски поставена, е заемно поврзана", се вели во реакцијата на УПОЗ.

Symbolbild Designer- Design-Projekt
Државната администрација трпи напади засновани на паушални оценки, велат од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)Фотографија: picture-alliance/PhotoAlto/S. Olsson

Оттаму предлагаат заедно со Владата како социјални партнери заеднички да се вклучат во нејзиното сузбивање, бидејќи таа е закана за иднината на државата.

Ако се земат предвид постапките кои ги води Државната комисија за спречување на корупцијата, евидентно е дека во нив доминираат постапки за министри, директори и раководители, односно лица кои можат да носат одлуки, а не лица од т.н. трет службеничко-шалтерски ешалон.

Се работи за постапки кои се однесуваат на истражување на злоупотреба на функции од страна на пратеници, министри, директори, членови на управни и надзорни одбори, за случаи на непотизам и кронизам кога се вработуваат блиски лица на функционери, за случаи на политичка арбитража кога се вработуваат, унапредуваат и фаворизираат членови на партии, за случаи со избор на членови на судови и регулаторни тела, за договарање за избор на фирми на јавни набавки и ред други постапки, за кои воопшто не се одлучува во третиот ешалон.