1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Стравот од втор бран надвиснат над светот

БГ /АФП
10 мај 2020

Милиони луѓе во Франција и Шпанија одбројуваат до моментот во понеделник кога ќе можат конечно да излезат од карантин, но истовремено над светот е надвиснат и стравот од втор бран на пандемијата.

https://p.dw.com/p/3c0YK
USA Santa Monica Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/AP Images/R. Vogel

За првпат по осум недели, граѓаните на Франција утре (11.05) ќе можат да излезат од своите домови без дозволи, учителите ќе се вратат во училиштата, а некои продавници ќе отворат. Баровите, рестораните, театрите и кината, сепак, и натаму остануваат затворени.

Шпанците кои не живеат во Мадрид и Барселона, прават планови за средби со пријателите во барови и ресторани кои имаат отворени тераси. Но очекувањето на вратената слобода е обременета со загриженост. Франција и Шпанија се охрабрени од падот на бројот на смртни случаи последниве денови- Франција во неделата евидентираше само 70, додека Шпанија- помалку од 200.

Но ризикот од втор бран исплива на површина по зголемениот број случаи во Јужна Кореја- земја која досега важеше за пример за добро менаџирање на кризата- каде сега повторно се затвораат баровите и рестораните во Сеул откако беше откриен кластер на нови инфекции.

Afrika Kenia Hairstyle Coronavirus Friseure Corona-Style
„Корона“ фризури во КенијаФотографија: Reuters/T. Mukoya

И Кина денеска го пријави првиот нов случај во Вухан по пауза од еден месец.

Во Германија, каде мерките беа олеснети изминатава недела, викендов повторно порасна стапката на репродукција (R0) на 1,1, што значи дека 10 лица заразени со коронавирус во просек заразуваат уште 11 други. Научниците сметаат дека стапката мора да биде под 1 за вирусот да биде поразен. Во средата, стапката во Германија беше 0,65; но оттогаш се пријавени неколку кластери на нови случаи во одредени региони. И Белгија и Грција се подготвени од понеделник да олеснат дел од мерките.

Русија и Бразил во критична состојба

Но состојбата и натаму е загрижувачка во Велика Британија, иако премиерот Борис Џонсон во неделата го претстави планот за постепено олеснување на мерките. На островот ќе остане во сила 14-дневниот карантин за сите кои ќе пристигнат од странство. Русија и Бразил, пак, се во екот на кризата. Бројот на заразени во Русија надмина 200 илјади и деновиве се очекува оваа земја да ги надмине сите други европски држави, иако бројот на смртни случаи е релативно низок со помалку од 2,000. Состојбата во Бразил е уште позагрижувачка. Таму е потврдена смртта на повеќе од 10 илјади луѓе, но експертите велат дека бројката е далеку повисока поради ниското ниво на тестирање.
Но и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, како и американскиот Доналд Трамп инсистираат на брзо отворање на економијата. Во САД, во просек, дневно умираат по 1,000 луѓе од Ковид-19.

München Anti Coronavirus Maßnahmen Demonstration
Илјадници луѓе протестираа во саботата во Минхен против рестриктивните меркиФотографија: picture-alliance/dpa/F. Hörhager

Во меѓувреме, во повеќе делови на светот се одржаа и мали протести насочени против ограничувањата и карантинот.
Десет лица беа уапсени на протест во Мелбурн, Австралија. Учесниците таму промовираа конспиративни теории поврзувајќи го коронавирусот со 5Г мрежата.

Илјадници луѓе демонстрираа во Берлин, Минхен, Штутгарт и други германски градови барајќи крај на рестриктивните мерки. Најбројни, околу 3,000; беа демонстрантите во Минхен, од кои најголемиот дел не носеа никаква заштита и не ги почитуваат мерките за социјално дистанцирање.

Кенија: Моден дизајнер против Ковид-19