1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коронавирус: Зошто Германија се откажува од инциденцата?

Лиза Хенел
27 август 2021

Германија планира во иднина повеќе да се раководи од стапката на хоспитализација наместо седумдневна инциденца

https://p.dw.com/p/3zZJu
Deutschland | Coronapatienten im Krankenhaus
Пациенти заболени од коронавирус во болница во МагдебургФотографија: RONNY HARTMANN/AFP

35, 50,100 – речиси година и половина ова се клучните параметри во германската политика. Во зависност од тоа колкава е седумдневната инциденца, дали има 35 новозаразени на 100.000 лица или 50 на сто илјади се воведуваат соодветни заштитни мерки и рестрикции против корона, утврдени со Законот за заштита од инфекции. Но, тоа сега треба да се промени.  

Сојузната влада беше повикана до 31 август да поднесе „измена на формулациите за членот 28а од Законот за заштита од инфекции“, како што потврдија за ДВ од Министерството за здравство. Заштитните мерки против корона вирусот треба повеќе да се потпираат на бројот на хоспитализирани пациенти со Ковид-19. Седумдневната инциденца веќе нема да биде главниот параметар поради напредокот во вакцинацијата. 

Европските земји веќе одат по тој пат

 Стапка на хоспитализација наместо седумдневна инциденца – Германија со чекори на патот кој веќе го разгазија неколку европски земји. Во Австрија и Италија веќе подолго време одлуките за заштитни и рестриктивни мерки се поврзани со бројот на хоспитализирани пациенти од Ковид-19. Австрија користи „корона-семафор“ што зема предвид повеќе индикатори како што се возраста на заразените, уделот на заразени со симптоми и ресурсите на здравствениот систем. Во Италија пак регионите се поделени во различни зони по бои, во зависност од тоа кој регион колку силно е зафатен од ширењето на заразата. При проценка на ситуацијата покрај 7-дневната инциденца улога игра и зафатеноста на капацитетите во болниците, како во нормалните одделенија, така и на интензивна нега. 

„Секој индикатор има свои предности и недостатоци,“ вели епидемиологот и статистичар Емилио Џаниколо од Универзитетот во Мајнц во разговор за ДВ. Седумдневната инциденца помага да се разбере динамиката на пандемијата, додека стапката на хоспитализации дава заклучоци во однос на оптовареноста на здравствениот систем. Сепак тој смета дека стапката на хоспитализации е ограничено корисна бидејќи „доцна ја покажува инциденцата на заразата“. Тоа е бидејќи приемот во болница често е со двонеделно задоцнување. 

Седумдневната инциденца пак носи ризик од голем број непријавени случаи“. Исто така со зголемување на квотата на вакцинирани се прават многу помалку тестови. Поради тоа, според Џаниколо, не е добро при носење на корона-мерките властите да се потпираат само на еден индикатор. 

Deutschland | Coronapatienten im Krankenhaus
Се планира повеќе да се зема во предвид преоптовареноста на болницитеФотографија: Waltraud Grubitzsch/dpa/picture alliance

Некои сојузни покраини предничат во процесот

Во Германија некои од сојузните покраини веќе прават промени без да ја сочекаат новата регулатива од Берлин. Во Баден Виртемберг на југот независно од инциденцата се олабавува општествениот живот. Во Мекленбург-Предна Померанија на север ќе се применува модифициран систем на семафор, во кој покрај инциденцата ќе се земе предвид и пополнетоста на болничките капацитети и одделите за интензивна нега. 

Во Хамбург за прв пат седумдневната инциденца се дели по вакцинирани и невакцинирани што покажало многу поголема инциденца во втората група. Тоа е важно сознание, смета епидемиологот Џаниколо. Оти за натамошниот развој на ситуацијата има разлика кој е заразен. Независно од тоа кој индикатор ќе се применува приоритетно важно е пред сѐ „транспарентноста и логичноста. Методите како се доаѓа до критериум за одлучување мора да бидат јасно разбирливи”, вели Џаниколо. На пример во Австрија за стручната фела е разбирливо зошто на еден критериум се дава поголемо значење отколку на друг, но не и за обичниот човек, смета Џаниколо. 

Епидемиологот нагласува и дека критериумот „преоптовареност на здравствениот систем” важи за мерило, но речиси никогаш не е точно дефиниран.

Ниту во Велика Британија, ниту во Данска не е дефинирано од која бројка се заканува такво преоптоварување, особено што секој здравствен систем се разликува во капацитетите.  

Де факто седумдневната инциденца во Велика Британија е речиси укината, без да се дефинира попрецизно што значи преоптовареност на тамошниот здравствен систем. Во јавно достапниот план за натамошното менаџирање на пандемијата се вели дека владата редовно ќе ги разгледува податоците за да биде сигурна дека здравствениот систем не е изложен на „неподносливо оптоварување”.

Деталите сѐ уште непознати

И во Германија деталите околу тоа што треба да ја замени седумдневната инциденца не се расчистени. На прашање на ДВ, Министерството за здравство одговори дека „од почит спрема Парламентот” сакаат да ги сочекаат заклучоците пред да се изјаснат. Институтот Роберт Кох во Извештај веќе ги објавува бројките за состојбата за степенот на хоспитализацијана пациенти со Ковид-19 на 100 илјади жители. Кога се заканува преоптовареност на здравствениот систем не е јасно. Исто така не е јасно како ќе се одвива праќањето во болница во четвртиот бран кој веќе е почнат. Ако се погледаат бројките тешко е да се даде прогноза: на 23 октомври 2020, на почетокот на третиот бран, бројот на новозаразени беше 3839, а бројот на пациенти на интензивна нега на респиратори 148. 

На 19.08.2021, кога речиси 60 проценти од населението се целосно имунизирани, имаше 3684 новозаразени, а бројот на пациенти на респиратор изнесуваше 135, односно речиси исто како минатиот октомври. Дали в зима наспроти минатата година бројките нема да се зголемуваат бидејќи постарите лица се вакцинирани, допрва ќе се покаже. 

Деталите во новата верзија на Законот за заштита од инфекции ќе покаже дали пристапот со повеќе индикатори, следењето на динамиката на пандемијата и дефинирањето на преоптовареност на здравствениот систем, ќе биде соодветен за новата фаза во која влегува пандемијата со значително поголем број вакцинирани лица.