1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конфузија во ВМРО-ДПМНЕ: Таа информира, таа демантира

16 јануари 2019

Што е заедничко во овие изјави: „Ја разгледуваме можноста за напуштање на сите институции ако нема парламентарни избори“ и „Бараме веднаш предвремени избори и во никој случај нема да ги бојкотираме претседателските“?

https://p.dw.com/p/3BceT
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ е навистина габаритна зграда. Но, кога станува збор за координација на ставовите во партискиот врв, јавноста очекува дека генералниот секретар и лидерот на партијата имаат можност (но, пред сѐ, партиска обврска) да се сретнат некаде на половина пат во таа огромна квадратура, или барем да се слушнат, за да ги усогласат ставовите за најактуелните прашања. Во спротивно, ќе се случува она што се случи во изминатите 24 часа: јавни изјави, а потоа нивно демантирање и обвинувања дека други спинуваат.

Вчера Мицкоски се обиде да ја убедува јавноста дека барањето за одржување парламентарни изјави со ништо не било условено од неговата партија, особено не со бојкот на претседателските, и дека завчерашната изјава на генералниот секретар Игор Јанушев била „погрешно протолкувана, односно монтирана и спинувана“.

Обидот да се продолжи со старата мантра „сечено, лепено, креирано, монтирано“, ја урива довербата во веродостојноста на ставовите што ги соопштуваат раководните личности во ВМРО-ДПМНЕ, а нивниот рок на траење станува сѐ пократок, во најдобар случај од 24 до 48 часа, со ефект - тотална конфузија.

Дали Јанушев навистина бил погрешно протолкуван, а неговата изјава монтирана и спинувана? Не, бидејќи постои видео-снимка. Но, дури и ако некој се сомнева во тоа што го слушнал, на официјалната веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ е објавено соопштение кое сведочи за веродостојноста на тв-изјавата на Јанушев. Партиското соопштение е објавено на 15 јануари, во 11 часот и 39 минути, под наслов „Јанушев: Ја разгледуваме можноста за напуштање на сите институции ако нема предвремени парламентарни избори“

На новинарското прашање - дали е во игра и бојкот на претседателските ако не се прифати барањето за парламентарни избори, Јанушев е дециден: „Во игра се буквално сите опции, дури и тоа што го најавивме дека ја разгледуваме можноста за напуштање на сите институции, односно неделување од страна на ВМРО-ДПМНЕ“.

Притоа најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја донесе стратегијата за натамошните чекори во зависност од делувањето на власта, и повтори дека во моментов не исклучуваат ниту една опција.

Две крајно спротивставени изјави

Дури и под претпоставка дека во тие („сите“) опции не бил и бојкот на претседателските избори, најавата за напуштање на „сите институции“, би претпоставувала и напуштање на ДИК, што во контекст на какви било избори може да има едно однапред вкалкулирана цел: намерно предизвикување сомнеж во регуларноста на изборен процес кој не е под контрола на нивни претставници, како увертира на следниот чекор - непризнавање/бојкот на тие резултати. Така што, во која било варијанта, изјавата на генералниот секретар имплицира ист заклучок. 

Но, помалку од 10 часа по таа прва изјава на Јанушев, на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ осамна друго соопштение. Објавено е на 15 јануари во 20 часот и 52 минути, под наслов: „Јанушев: Бараме веднаш предвремени избори и во никој случај нема да ги бојкотираме претседателските избори“.

Ова уследи откако во друга тв- емисија генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ ја испра претходната изјава. Тврди дека партијата е подготвена за избори без разлика дали ќе се оди само на претседателски или ќе има и предвремени. Во мини тв-турнеја, ваквите ставови ги дообјаснуваше и Мицкоски.

Кој е минималниот заеднички именител на две крајно спротивставени изјави: првата која условува - „Ја разгледуваме можноста за напуштање на сите институции ако нема предвремени парламентарни избори“ и втората без никакви услови - „Бараме веднаш предвремени избори и во никој случај нема да ги бојкотираме претседателските избори“.

Која изјава е важечка?

Ова не открива никаков надворешен спин или монтажа, како што сака да прикаже Мицкоски, туку конфузија и неусогласеност во партискиот врв за политичките предизвици кои се на повидок. Јавноста со право ќе прашува - во која изјава биле искрени?

Ако за важечка ја земеме втората, со која самите ја коригираа првата, тоа значи дека пред опозицијата веќе нема никакви отворени опции, штом јавно и децидно потврдија дека ќе учествуваат на претседателски избори со цел да победат, и дека нема да ги бојкотираат. Овие изјави се дадени пред да се знаат чекорите на власта која допрва во координација меѓу владините партнери ќе се изјасни за барањето за парламентарни избори. Ова е битно да се потенцира, бидејќи според Јанушев, од чекорите на власта ќе зависеше каква стратегија ќе донесе ВМРО-ДПМНЕ за наредните потези. Тоа веќе не важи.

Со последните, коригирани изјави од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, може да се каже дека се затвора едно неизвесно поглавје на политичката сцена во Македонија во првиот квартал во годината. Навидум, елиминирани се опасностите кои би можеле да предизвикаат политичка криза, доколку поради условување и бојкот на изборите за нов претседател на тој процес му се заканува цензусна неуспешност. Сега останува врвот на ВМРО-ДПМНЕ и на дело да ги потврди ваквите тврдења, бидејќи свежи се сеќавањата на референдумот за Преспанскиот договор кој официјално не го бојкотираа, но зад сцената сторија сѐ таа „опција“ да стане доминантна. Но, доколку повторно се впуштат во истата лицемерна игра, првите следни избори со кои сигурно ќе се соочи опозициската партија нема да бидат ни претседателски, ни парламентарни, туку избори за ново партиско раководство. Токму такви сигнали веќе доаѓаат од пониските катови во Белата палата.