1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конгрес на ЕПП: Хрватска му ја отвора вратата на Балканот?

Зоран Арбутина
20 ноември 2019

На конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Загреб една од темите е и перспективата на пристапување кон ЕУ за земјите од Западен Балкан. Демохристијаните очекуваат Хрватска тука да има важна улога.

https://p.dw.com/p/3TNM2
Kroatische Flagge und EU-Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa

Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) кој се одржува денеска и утре во Загреб е „посебен“, уверен е Дејвид Мекалистер, потпретседател на ЕПП и претседател на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент. Од една страна, на него ќе се решаваат важни кадровски прашања, ќе се избира нов претседател на ЕПП - според сѐ тоа ќе биде Доналд Туск - и ново претседателство.

Од друга страна, на конгресот ќе се расправа и за некои стратешки политички определби, а тоа „по правило се многу живи расправи“. Делумно со поглед насочен кон претстојното претседавање на Хрватска со Советот на ЕУ, ќе биде нагласено и прашањето на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Разнолико демохристијанско семејство

David McAllister
Мекалистер: Конгресот на ЕПП во Загреб е посебенФотографија: Imago/IPON

Европската народна партија има клучна улога во обликување на политиката на ЕУ. Така беше особено во последниот изборен период, кога од редовите на оваа европска партија беа претседателите на Европската комисија (Жан-Клод Јункер), на Европскиот парламент (Антонио Тајани) и на Европскиот совет (Доналд Туск).  Една од причините за тоа секако е хетерогеноста на партијата, која всушност е партиска групација односно „партиско семејство“, како што нејзините претставници сакаат да се прикажуваат себеси. На тој начин се покрива широк спектар политички позиции, што на крајот доведува до голем број пратеници во Европскиот парламент.

Тука се демохристијаните од германски тип, на кои им се важни начелата на социјално пазарно стопанство, скандинавските либерални партии, на кои првенствено им е важно непречено функционирање на стопанството, па сѐ до нацоналконзервативните партии како хрватската ХДЗ или унгарската Фидес. Но, според зборовите на Мекалистер, она што ги поврзува сите тие партии се „заедничките вредности како што се определеноста за демократија, почитување на начелата на правната држава и заштитата на човековите права, социјалното пазарно стопанство и определеноста за трансатлантска соработка со САД“. Покрај тоа, важна е и „определеноста за европски интегрцаии“, нагласува Мекалистер за ДВ.

Повеќе:

Големите партии во Европскиот парламент претрпеа загуби

Побарано исфрлање на партијата на Орбан од ЕПП

Скандалот со Груевски ја стави партијата на Орбан во пат-позиција во ЕУ

Автогол на ЕУ на Западен Балкан

Но, токму кога станува збор за процесот на еврпска интеграција ЕУ ги изневери сопствените ветувања со одлуката за одлагање на почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, смета Томас Бикл, експерт за Западен Балкан од Универзитетот Дуизбург-Есен. „Тоа несомнено е тежок удар како за тие две земји, така и за кредбилноста на целата ЕУ“, вели Бикл во разговор за ДВ.

Мекалистер исто така смета дека одлагањето на пристапните преговори била „погрешна одлука“ и „голема грешка“, но нагласува дека за неа биле само три земји - Франција, Холандија и Данска, во кои на власт се партии кои не се дел од ЕПП. „Нашата партија остана верна на дадениот збор и на тоа што е договорено. Ние, за разлика од други, сме стопроцентно доверливи“, нагласува германскиот демохристијанин. Тој се надева дека во некое догледно време „таа грешка сепак ќе може да се исправи“.

Logo EVP Europäische Volkspartei
Европската народна партија е хетерогено партиско семејство

Хрватска како промотор на проширувањето на ЕУ

Според негово мислење, тоа е важно, зашто „стабилноста на Западен Балкан значи и стабилност на цела Европа. Тоа е и во наш интерес“. Дотолку е добро што Хрватска, во договор со Германија, која потоа ќе ја преземе палката во Советот на ЕУ, посебно внимание ќе му посвети токму на тој регион.

„Сите шест земји (Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, н.з.) имаат отворена перспектива на зачленување во ЕУ и сите се на тој пат, иако по него се движат со различни брзини. Тоа се сѐ европски култури. Хрватска и порано се залагаше за перспектива за нивно членство, како што тоа го прави и денес“, уверен е Мекалистер.

Тоа е секако позитивна иницијатива, смета и стручњакот за Западен Балкан, Томас Бикл. Тој е уверен дека повторувањето флоскули за Западниот Балкан како „буре барут“, не се втемелени во фактичката состојба, па не може да се зборува за некоја „непосредна воена опасност“. Но, извесен потенцијал за пораст на тензичноста постои, делумно и поради зголемената заинтересираност на меѓународните сили за регионот. „Еден надворешен набљудувач навистина се чуди во колкава мера ЕУ понекогаш е кратковида кога станува збор за развојот во нејзиното непосредно соседство, во регион кој е стратешки значаен како во економска смисла, така и кога се работи за прашања од безбедносната политика“, вели Бикл.