1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Компјутерот како инструмент

16 јуни 2011

При факултетот за театар и музика во Хамбург воведен е посебен мастер студиски правец „Мултимедијална композиција“. Од 2004 година таму студентите изучуваат да компонираат музика на компјутер.

https://p.dw.com/p/11TWA
Компонирање на компјутерФотографија: DW

Зборот компонирање асоцира на музичар кој со пенкало и хартија седи пред клавир и пишува ноти, постојано ги преслушува сопствените композиции, додека лично не е задоволен со постигнатото. Така беше некогаш, денес се компонира на компјутер, велат студентите во Хамбург:

„Моето дело се вика Кокпит и има пет различни делови, тие делови се, како од авион се гледа земјата“, вели студентката Софија.

„Инструментите ги снимав во Кина и со софтвер ги преработував, се’ е од Кина“, подвлекува Фу Ксиао.

„Во делото станува збор за загадувањето на животната средина“, објаснува Константин од Романија.

Виртуози на компјутер

Studiengang Multimediale Komposition: Georg Hajdu mit Studenten
Професорот Хајду со студентите по мултимедијална композицијаФотографија: DW

Софиа, Ксиао и Константин седат во предавалната со своите лаптоп компјутери. „Тоа е, така да се каже, нашиот инструмент и студентите би требало да бидат виртуози на компјутер“, вели професор Георг Хајду, кој својот компјутер го има поврзано со монитор широк два метри, така што студентите можат да го следат професорот. „Во секоја нота сега ги внесовме соодветните параметри и со тоа постигнуваме сосема едноставна метода за компонирање. Така функционира и кај вас.“

Ксиао меѓутоа одговара: „Не.“ Но, професорот не се откажува: „Тогаш ќе погледнам кај тебе, и кај другиот студент.“ 

Професорот Хајду оди од студент до студент. Му помага секому и одговара на прашањата на студентите. Имено, овие ноти не се вообичаени ноти, тие се така да се каже контејнери за сите информации, кои му се потребни на компјутерот за музиката. „Ја сакам електронската музика веќе со години и со оглед на тоа што студирав класична композиција, сакав да ги спојам двата правци. Како студент на програмата Еразмус го запознав професорот Хајду и другите професори и сметам дека овој студискиот правец е вистинскиот за мене“, вели Константин Басика кој доаѓа од Романија. Од 2008 година студира во Хамбург, отакако претходно во Букурешт ги заврши бечелор-студиите. „Свирам клавир, но не сум вежбал веќе неколку години.“

Studiengang Multimediale Komposition: Constantin Basica
Студентот Кристијан БасикаФотографија: DW

Впрочем Константин клавијатурата ја замени со тастатурата. Но сепак, и мултимедијалните композитори ги користат вистинските инструменти. „Затоа што сме уверени дека вклучувањето на музичарите во концептот е важна работа. Имено и за публиката честопати има поголема вредност ако бината не е сосема празна, а музиката доаѓа само од звучниците“, вели професорот Хајду.

Многустрани можности

Така, на пример, при изведбата на најновото дело на Константин на бината седи хорнист. Студентите редовно одржуват концерти и ги изведуваат своите композиции. Музичарот свири во живо и го управува компјутерот, во позадина се емитува видео запис, кој одговара на музиката и се вејат знамиња. „Нотите за ова дело ги генерирав алгоритмички. Задов список од Википедија и список со испуштањето на јаглерод-диоксид на сите земји во 2006 година. Со овој список создадов лавиринт и потоа ги вклучив нотите и овие ноти ги компонирав, а за видео записот ги зедов сите знамиња на земјите и ги поставив во дводимензионален простор“ појаснува Константин.

Symbolbild Volksmusik Blasinstrumente
Без инструментите сепак не се можеФотографија: Fotolia/Kalle Kolodziej

Професорот Хајду е задоволен од студентите, впрочем ретко кој од нив по завршувањето на студиите останува без работа. „Овде на студентите им се пренесуваат способности кои подоцна можат флексибилно да ги применуваат, на пример, кога ќе научат да програмираат компјутер и виртуозно да владеат со него. Потоа можат да работат во театар, да бидат задолжени за електрониката на концерти, потребата е се’ поголема, а можностите се многустрани. Во тој поглед само за мал број студенти се плашам дека по завршувањето на студиите ќе останат без работа.“

Автор: Џени Албрехт/ Александра Трајковска

Редактор: Симе Недевски