1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колумбовата размена и одмаздата на Америките

9 април 2020

Водата, во комбинација со сапунот, не била секогаш спас од болеста, како што е денес. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3aiIl
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Селанецот смрдеше како и попот, слугата корнеше исто како и сопругата на газдата, сета аристократија баздеше од смрдеа. Дури и кралот смрдеше, како остарен гнил лав, додека пак кралицата труеше како стара коза." – „Парфем“, Патрик Зискинд.

Водата, во комбинација со сапунот, не била секогаш спасот од болеста на пандемијата како што е денес. Во екот на Црната чума луѓето верувале дека болеста се крие во водата и чинеле се’ да се држат што понастрана од неа. Што е своевидна иронија, бидејќи, според историските анали, чумата во Европа стигнала преку мориња и бродови од централна Азија, откако претходно ги има покосено Кина и Индија. Првиот контакт со Европа се случил во летото 1346 година, во пристаништето Кафа на колонијата на Џенова во Крим за време на опсадата од Татарите. Кои бивајќи веќе заразени од болеста и со намера да ја скршат одбраната на џеновезите, со катапулт ги фрлале телата на починатите преку бедемите, во градот. Во октомври 1346-та, чумата ќе стигне во Месина на Сицилија, во јануари 1347. ќе ги опфати Марсеј, Валенсија, Венеција, Пиза, Фиренца и цела средна Италија. До летото истата година, таа ќе коси низ Париз и наесен ќе премине во Британија. Во 1349. ќе продолжи да коси низ Германија па се’ до Балканот. Во 1350. ќе се прошири кон Шведска, Балтикот и ќе стигне во Русија. „Ја гледаме смртта сред нас како црн чад, чума што ги покосува младите како фантом без корен, без милост за чесна борба. Чума како мало јаболко, како главица на кромид, мала плускавица која не штеди никого”, ќе запише велшкиот поет Иајан Гетин во април 1349 година.

Црната чума ќе го инспирира Џовани Бокачо својот „Декамерон” да го смести среде група мажи и жени затворени во замок, во самоизолација од болеста. „Во Фиренца, и покрај се’ што човечката мудрост и претпазливост може да смисли за да ја спречи болеста, како чистење на градот од многуте нечисти и забрана за влез на заболените и други мерки преземени од службениците назначени за таа цел, и покрај сите наши кротки молби до Господ, во раната пролет траорните нишани на болештината почнаа да стануваат ужасно видливи преку симптоми кои никнуваа како чудесии”, ќе забележи подоцна Бокачо во 1355 година. Отаде ѕидините, во Парма, очајниот Франческо Петрарка, по смртта од чума на неговата Лаура де Монс, ќе ламентира во писмото до неговиот брат: „Како ќе ни поверува иднината дека постоеле времиња кога без громови од небо и огнови од земја, без војни и видливи клања, без разлика на оваа или онаа страна на светот, сета земјина топка остана без жители.” Братот на Петрарка бил единствениот од 35-те монаси кој ќе ја преживее пандемијата. Среде лудилото на чумата во Италија ќе се роди поделбата на напреден Север и заостанат Југ, која трае до денес. Економскиот подем на семејството Медичи ќе ги воздигне во патрони на уметноста, на Да Винчи, Микеланџело. Но Бокачо и Петрарка, хроничарите на поморот на чумата, ќе бидат запаметени како прататковци на хуманизмот. 

Чумата и подемот на медицината

Социјалната траума на Црната чума била неизмерна, проследена со слабеење на црквата и јакнење на религијата, со масовни манифестации на самокамшикување. Стравот и гневот ќе вроди со жед за одмазда, за казна. Некаде вперена кон лепрозните, некаде на сметка на Евреите обвинети за труење на водата. Во Базел сите Евреи биле заробени во дрвени одаи и запалени живи, слично како и во Штутгарт, Улм, Дрезден. Во Стразбур биле масакрирани две илјади, во Мајнц дури 12.000 Евреи. Останатите избегале во Полска. Рушењето на поредокот ќе доведе до подем на „бастардниот феудализам” како финална фаза на феудализмот и озаконување на Prostibula Publica, експлозија на проституција и јавни куќи ширум западна Европа (1350-1480). Црквата не се спротивставувала бидејќи „штом злото постои, мора да биде контролирано”. Мислењето ќе се смени со класна распределба на куртизани за аристократијата и реедукација на „аморалните”. („Europe, A history”, Norman Davies, 1996)

Чумата со време ќе доведе до подем на медицината и зајакната свест за хигиената и опасност од заразите и свеста за последиците за генерациите што доаѓаат. Понекогаш таа грижа за иднината ќе резултира со сосема бизарни ситуации. Касимир Јагленчук, крал на Полска и војвода на Литванија, ќе почине во јуни 1492 година и ќе биде погребан во Капелата на Светиот Крст на Вавел во Краков. По дозвола на папата Војтила, тогаш Кардинал на Краков, неговиот гроб ќе биде отворен во 1973 година. Непосредно по отворањето, во сосема краток рок и поради непознати причини ќе починат шеснаесет лица директно ангажирани во процесот на ексхумација, давајќи замав на шпекулациите за ослободување на смртоносен бацил стар петстотини години. Но во средновековието стравот ќе биде суеверно вперен кон исклучените, кон водата, стаорците, змиите, но со помалку внимание кон вистинските предизвикувачи на самата пандемија – вошките. Истражувањето спроведено во 2018 година од националната Академија на науките на Норвешка ќе заклучи дека „и покрај вкоренетата претпоставка дека стаорците и нивните болви ја имаат проширено Црната чума, поизвесно е дека човечките ектопаразити, како вошките и човечки болви, се поизвесни причинители на чумата во прединдустриска Европа”.

Пандемии по доаѓањето на Колумбо

Изложеноста кон разните форми на зарази предизвикани од нечистотија и недостаток на лична хигиена ќе вроди со огромни жртви, но и јакнење на имунолошкиот систем кај Европејците. За разлика од автохтоните жители на Америка, кои по доаѓањето на Кристофер Колумбо и колонизаторите ќе бидат изложени на циклични пандемии на зарази - сипаници, бубонска чума, колера, обична настинка, дифтерија, грип, маларија, црвена треска, тифус, туберкулоза и пертусис. Поединечно и комбинирано, „Колумбовата размена” ќе резултира во геноцид на автохтоното население на американските континенти. Смртта на повеќе од 55 милиони автохтони жители на Америка (повеќе од 90% oд населението) по европската колонизација ќе доведе до глобални климатски промени и „мало ледено доба” во 17 век. Според истражувањата на лондонскиот University College во 2019 година ("Earth system impacts of the European arrival and Great Dying in the Americas after 1492”; Koch, Brierley, Maslin, Lewis, Science Direct, 2019), автохтоното, предколонизаторско население практицирало земјоделство во обемни количини. Епидемиите и необработката на земјата поради енормната смртност на домашното население довеле до пораст на терестријален јаглерод и значителен пад од 67% на нивото на јаглерод диоксид помеѓу 1520 и 1610 година. Периодот на малото ледено доба ќе резултира со постудени зими во Северна Америка и Европа во периодот помеѓу 1600 и 1800 година.

Други колумни од авторот:

Гужва под дупнатиот чадор

Избори мора да има

Светот повторно остаре, драг Адсо

Смртоносната пандемија врз автохтоните Американци нема да биде крајот на „Колумбовата размена”. Поледиците ќе се чувствуваат и понатаму, сега во форма на епидемиолошка „одмазда на Америките”, увезена од колониите и пренесувана ширум Европа. Во 2013 година, Кетрин Врајт, истражувач од Оксфордскиот Универзитет, ќе се осврне кон подемот на новата, сексуално пренослива болест за која до неодамна се мислеше дека била европски производ, извезен во новите колонии. Првото јавување на оваа болест на европско тло датира од 1493 година. Со оглед на тоа што била осема непозната за домашните врачеви, Германците, Италијанците, Полјаците и Англичаните болеста прво ќе ја наречат Француска зараза. Французите преферираат да ја именуваат како Неаполитанска, а Неаполитанците како Шпанска зараза, Русите како болест на Полјаците, Турците како болест на христијаните, Португалците како болест на Кастилјанците. Но шпанскиот лекар д-р Руј Диаз де Исла ,кој прв ќе се соочи со неа, помирувачки ќе ја именува како „змијата од Хиспанола”. Според Де Исла, неговото прво соочување со болеста било во 1493 година при лечењето на Винсенте Пинзон, командант на бродот „Нина” од флотилата на Колумбо по откривањето на Америка. Година дена подоцна, болеста ќе ја преземат француските платеници на кралот Шарло VIII при опсадата на Неапол и подоцна ја пренесат ширум Европа. Во 1495. царот Максимилијан ќе издаде едикт против „Злобната Сипаница” која била сметана како божја казна за бласфемија. Дури и славниот Волтер ќе најде за сходно да ја искоментира кампањата на Шарло во Италија со зборовите: „Франција не изгуби се’ што освои. Ја задржа сипаницата”.

Младиот Сифилис

Болеста ќе остане без име со години, долго пред да се открие Treponema Palidum, микробот кој ја предизвикува. Но за широките народни маси, таа ќе продолжи да биде потсмешливо именувана според етничките стереотипи. Се’ до 1530 година, кога италијанскиот поет Џироламо Фракасторо ќе напише поема за младиот овчар заболен од „француската зараза”. Името на младиот овчар било Сифилис.

Црната чума, или нејзините мутирани верзии, повторно ќе пустоши во средината на 19 век, со жариште во провинцијата Јунан во Кина и проширена до познатиот Чајнатаун во Сан Франциско. Поради тоа Конгресот на САД во 1882 ќе го изгласа Актот за Исклучување на Кинезите од работна сила. Според СЗО, последната трета пандемија на чумата траела до 1959 година. Во 1992. Индија ќе прогласи епидемија на чума во пет сојузни држави, со 700 заразени и 52 починати. Примери на заразени од чума постојат и денес, претежно во Африка, Мадагаскар, делови на Азија и Јужна Америка. Последната жртва на Црната чума е момче од Киргистан во 2013 година, додека последната заразена и излечена личност е момче од Ајдахо, САД во 2019 година.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач