1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку „фантоми“ работат во администрацијата?

7 август 2019

Две години по смената на власта, се уште се откриваат случаи на вработени во институциите, кои примаат плата, а не се појавуваат на работното место. Или работат, но - во партија!

https://p.dw.com/p/3NTnA
Berlin Neubau Bundesnachrichtendienste  Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Вчерашното приведување на поранешниот директор на Централниот регистар, Андреја Поповски, кој заедно со четири лица што биле на раководни функции во неговиот мандат се под истрага на Управата за финансиска полиција, повторно го сврте вниманието кон еден стар проблем. Иако од Управата за денеска најавија повеќе информации за случајот, неофицијално се дознава дека лицата под истрага се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања. Според непотврдени информации, станувало збор за незаконски вработувања во периодот од 2014 до 2017 година кога Поповски бил на чело на Централниот регистар, односно за вработување на лица во таа институција кои воопшто не доаѓале на работните места, но примале плата. Наводно, работното време го поминувале во партијата што им ги овозможила работните места. Осомничените денес треба да дадат исказ пред судија на претходна постапка..

Многу случаи чекаат епилог

Ова не е прв случај кој открива дека во јавната и државната администрација имало голем број лица кои примале плата, а не доаѓале на работа. Непосредно по промената на власта, во август 2017 година, Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, објави фрапантен податок: до 2015 година имало околу шестотини вработени во Генералниот секретаријат на Владата, кои земале плата без да се појават на своето работно место, а во моментот на соопштување на тие податоци бројката била  намалена на 60-тина такви случаи. Според Рашковски, таквата практика го оштетила државниот буџет за за 824 илјади евра.

Dragi Raskovski Generalsekretär nordmazedonische Regierung
Драги РашковскиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Располагаме со писмена евиденција во која се гледа дека овие вработени во последните две, три или четири години еднаш во неделата, во однапред подготвен распоред, доаѓале само да се потпишат дека се присутни, без никаква работна обврска. Во останатите четири дена немале друга обврска. За да бидат работите пострашни, користеле годишен одмор, платено отсуство, биле фиктивно оценувани за својата работа и сите тие добивале една иста оцена, 3, бидејќи, според закон, со добивање средна оцена ниту одите горе ниту долу, останувате на иста позиција“, објаснуваше Рашковски и најави дека ќе биде покрената постапка пред надлежните органи. 

Повеќе:

-Администрацијата под лупа: Создавање ред во хаосот

-Манчевски: Регистерот не дава реална слика за вработените во јавниот сектор!

-Допрва ќе се трупа администрација?

Еден месец подоцна, раководството на Агенцијата за вработување соопшти дека буџетот на Агенцијата бил оштетен за еден милион денари врз основа на тоа што четворица службеници во одреден период примале плата, а не доаѓале на работа. Во ноември истата година беше објавено дека по прецизен преглед на вработените во Општината Карпош, било констатирано дека има вработени кои примале плата, а воопшто не доаѓале на работа. Во декември 2017 година, одговрајќи на обвинувања за „бркања од работа“, раководство на ЈП Водовод и канализација - Скопје соопшти дека „затекнале состојба на превработеност, голем број на фиктивни вработувања и вработувања на лица од Пустец - Република Албанија кои воопшто не доаѓале на работа, а примале плата". Јавното претпријатие најави дека ќе ги преземе сите законски мерки за отстранување на таквите неправилности.

Symbolbild Ordnerstapel
Фотографија: picture-alliance/chromeorange/Bilderbox

Но, откривањето на такви случаи не заврши до 2018 година. Во мај годинава, Секторот за внатрешни работи од Велес поднесе пријава за злоупотреба на службената положба и овластување против поранешниот градоначалник на Општина Чашка, поради вработување на 40 лица за кои немало потреба, но и не доаѓале на работа.

Во периодот од 2013 до 2017 година пријавениот одобрил времено вработување со договор на дело за 40 лица во општина Чашка, иако општината немала потреба од вработување. После тоа, тие воопшто не доаѓале на работа и не биле потпишувани во евидентните списоци, а договорите им се продолжувале секој месец и им се исплатувал надомест од општината“ соопшти МВР.

Очекувања за суштински реформи

Во моментов не може да се добијат податоци до каде е постапката за овие случаи. Од Генералниот секретаријат на Владата кусо одговараат дека пријавата е доставена до Обвинителството. Експерти кои се занимаваат со сферата на јавната и државната администрација, сметаат дека фактот што и по две години од смената на власта се уште се откриваат случаи на вработени кои не доаѓаат на работа, го отвора пршањето дали и колку функционираат контролните механизми, евиденцијата, следењето на учинокот на вработените итн.

Иако е најавена реформа во админстрација, се чини дека овие проблеми се само врв на ледениот брег. Суштинските промени, кои на пиедестел треба да го стават мерит системот при вработувањето, засега ќе започне од раководните функции. Како што најави ресорниот министер, Дамјан Манчевски, промените треба да се реализираат преку нов Закон за висока раководна служба, со кој за прв пат треба да се воспостави воедначена процедура за селекција и назначување на раководните позиции, темелена врз начелата на заслуги, пристап до работно место под еднакви услови, соодветна и правична застапеност и родова еднаквост. Кандидатите ќе се избираат преку индивидуализирани процедури од страна на Комисија за висока раководна служба.

Damjan Mancevski
Дамјан МанчевскиФотографија: Privat

Амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, неодамна порача дека се потребни суштински и квалитативни, а не квантитативни реформи, како и професионализација на администрацијата наспроти постојаната состојба на нејзина партизација.

„И покрај добрата оцена за земјата во Извештајот на Европската Комисија, Република Северна Македонија треба активно да работи на суштински реформи и да се справи што поскоро со корупцијата која е особено видлива во администрацијата", порача Тимоние, нагласувајќи дека реформата на јавната администрација е многу важен дел во процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ.