1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку уште вреди данското претседателствување?

1 јануари 2012

Данска од денеска (01.01) е на чело на ЕУ. Белгиецот Ван Ромпој е актуелен претседател на Советот на ЕУ, но се’ почесто ги исполнува барањата од Берлин и Париз. Данска, значи, нема големи шанси за сопствени акценти.

https://p.dw.com/p/13afS
Фотографија: picture alliance/dpa

Данска до пред половина година беше така да се каже „црна овца“ во Европа. Тогашната конзервативно-либерална влада летото ги воведе пограничните контроли и покрај тоа што Данска е дел од Шенген зоната. Такви контроли се предвидени само во исклучително специфични случаи. Жозеп Дол,претставникот на Христијанско демократската партија во Европарламентот, тогаш реагираше со саркастични забелешки на ваквиот чекор. Есеноска беше избрана новата социјалдемократска коалиција во Данска. Таа ги укина пограничните контроли и се погрижи за добро расположение во Европа непосредно пред данското претседателствување со Советот на Унијата. Премиерката Хеле Торнинг Шмит за прв пат во историјата на земјата назначи министер за Европа и со тоа даде уште еден јасен сигнал дека сака да го продолжи европскиот курс на досегашниот претседавач Полска. Полјаците беа ентузијасти, меѓутоа резултатите во европската политика се’ на се’ беа слаби. Имено, во моментов се најважни само цврстите факти на еврокризата. Новоназначениот дански министер за Европа Николаи Вамен неодамна призна во Брисел, дека неговата земја го презема досега најтешкото претседателствување со Унијата воопшто. „Веруваме дека е неопходна тесна европска соработка меѓу сите земји-членки за да се справиме со сите предизвици. Кризата несомнено силно ќе влијае врз нашата програма, но ние ќе дадеме се’ од себе, во рамки на нашите можности, Европа да напредува. Ние го сметаме данското претседателствување како клучна задача да работиме како соединувач меѓу земјите во и надвор од еврозоната“, изјави Вамен.

Данска не е дел од еврозоната

Berlin/ Daenemarks Ministerpraesidentin Helle Thorning-Schmidt (l.) und Bundeskanzlerin Angela Merkel (CDU) stehen am Donnerstag (17.11.11) im Bundeskanzleramt in Berlin bei einer Pressekonferenz nebeneinander. Thorning-Schmidt absolviert ihren Antrittsbesuch in Deutschland. (zu dapd-Text) Foto: Michael Gottschalk/dapd
Торнинг Шмит на средба со доминанатната колешка од Германија Анкела МеркелФотографија: AP

Тоа „можеби во моментов е добро“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на една средба со данската премиерка Торнинг Шмит, бидејќи „Данска може да биде мост“. Меѓутоа, се поставува прашањето: колку се важни всушност ротирачките претседателствувања со Советот на Унијата? Според договорот од Лисабон шефовите на земјите-претседавачи речиси и да не играат никакава улога. Со Херман ван Ромпој Европската унија доби постојан претседавач со Советот на ЕУ. Освен тоа, се помести и односот на силите во Европа. Во еврокризата Меркел и Саркози се’ повеќе ги преземаа работите во свои раце. Тоа ги лути многумина, како и претседателот на Еврогрупата Жан Клод Јункер: „Зошто сите мислат дека е доволно да се сложат Франција и Германија? Ние имаме работа со 17 влади, 17 држави и 17 парламенти“, изјави Јункер.

Освен тоа, не треба да се споменува дека Европската унија има 27 земји-членки. И во рамки на евро-зоната има раздор, но пред се’ поради разликната проблематика на долговите. Во прва линија се очекува помош од шесте особено солидни земји за презадолжените земји на Југот. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле неодамна изгуби трпение: „Не може европската солидарност да се сведе само на шест земји кои ќе плаќаат, а другите другите да профитираат од оваа солидарност. Затоа јасно велам: ние навистина сме одговорни, но ние и канцеларката Меркел не мораме да трпиме критика од никого, па ниту од врвни личности во Европа, за недоволниот ангажман во Европа.“

Договор што треба да ги реши проблемите

Овој излив на лутина уште еднаш покажа колкава е тензијата што постои во рамки на Европската унија. Со цел да се намали оваа тензија и да се реши кризата, поголемиот дел од членките на Унијата, на последниот самит се договорија да потпишат договор за поголема дисциплина и контрола. Велика Британија не го прифати потпишувањето на ваквиот договор, а Шведска и Данска се’ уште се неодлучни. Тогаш се поставува прашањето: каква улога може да игра данското претседателство?

Данскиот министер за Европа Николаи Ваман не сакаше да даде конкретен одговор: „Ние очекуваме претседателот на Советот, Херман ван Ромпој, да преземе главна улога при изработката на договорот. Што се однесува до Данска и договорот, ние активно и конструктивно ќе учествуваме во овој процес. Доколку ги знаеме деталите на договорот, тогаш ќе можеме да ги процениме стопанските, правните и политичките последици и врз таа основа во договор со нашите коалициони партнери ќе можеме да одлучиме каква ќе биде нашата позиција“, изјави Ваман.

На Данска нема да и биде лесно да посредува меѓу „незгодни“ партнери

Во принцип секоја земја-членка на Европската унија е обврзана да и‘ пристапи на монетарната унија штом ги исполни стопанските предуслови. Меѓутоа, Велика Британија и Данска, според т.н. „Опт-аут клаузула“ можат самите да одлучат дали ќе го воведат еврото како платежно средство во земјата или не. Шведска не е заштитена со ваквата клаузула, но Комисијата го толерира негирањето на земјата да го воведе еврото, поради еден негативен референдум во 2003-та година. На Данска нема да и‘ биде лесно да посредува меѓу ваквите „незгодни“ партнери, бидејќи и самата нема некаква важна позиција во европските случувања. Но, нешто многу повеќе и не се очекува од Данска, бидејќи со текот на времето ротирачките претседателствувања со Унијата на поедини земји и влади станаа безначајни.

Автор: Кристоф Хаселбах / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Ж.Ацеска