1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трошоците на доселувањето

Андреас Бекер / ЕМФ26 август 2016

Оној кој сака да пресмета колку се високи трошоците од доселувањето на бегалците во Германија, ќе треба да има веродостојни податоци. А, токму тоа го нема.

https://p.dw.com/p/1Jpye
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel

Број на бегалци

Не се знае дури ниту точно колкав е бројот на бегалци во Германија. Меѓу почетокот на септември 2015-та и крајот на јули 2016-та година во компјутерскиот систем EASY се регистрирани 900.623 лица. EASY е кратенка од „Erstverteilung der Asylbegehrenden“, односно „првично распоредување на оние кои бараат азил“.

Овој број, меѓутоа, не е веродостоен, со оглед на тоа што луѓето се регистрираат анонимно, без наведување име и број на пасош. Оттука, „не може да се исклучат грешки и двојно регистрирање“, вели портпаролка на Сојузната служба за миграција и бегалци (БАМФ) за ДВ.

„За жал не може да се каже колку регистрирани лица сѐ уште се наоѓаат во Германија, со оглед на тоа што не се бележат податоци за идентитетот на лицето“, вели портпаролката.

Меѓутоа, она што е сигурно е дека во меѓувреме во Германија доаѓа помал број бегалци. Во јуни 2016. во EASY-системот се регистрирани само 16.300 лица, додека во јануари тој број беше 91.600.

И покрај тоа, бројот на барања за азил расте, со оглед на тоа што преоптоварената управа бавно ги обработува барањата. Според БАМФ, минатата година азил им бил даден на 441.899 лица. Годинава, до крајот на јули, азил добиле 468.762 лица. Колкумина од нив и ќе останат во земјата, ќе се покаже. Минатата година стапката на признавање азил изнесувала околу 50%, додека годинава досега е поголема од 60%.

Проценка на трошоците

Бегалците треба да се згрижат, сместат, придружуваат и образуваат. Во голем број студии е направен обид да се проценат трошоците за сето тоа. Меѓу другото, проценка имаат направено и Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) во Берлин, Ифо-институтот во Минхен, Институтот на германското стопанство (ИВ) во Келн, Институтот за светска економија (ИФВ) во Келн и Центарот за европски економски истражувања (ЦЕВ) во Манхајм. Повеќето студии покажуваат дека трошоците за еден бегалец годишно изнесуваат меѓу 12.000 и 20.000 евра.

Врз основа на ваквите и врз основа на сопствените истражувања, сојузното Министерство за финансии проценува дека „трошоците на Сојузот за азилантите“ за периодот 2016-2020 година ќе изнесуваат 99,8 милијарди евра, значи околу 20 милијарди евра годишно.

Infografik Asylbedingte Ausgaben des Bundes Englisch

Трошоци или инвестиции?

Дали се работи за трошоци или инвестиции? Тоа е во моментов тема околу која се спори. Еден дел од парите ѝ се враќа на државата назад. Само БАМФ за последните 12 месеци ги зголемила двојно бројот на своите вработени од 3 на 6 илјади.

Покраините, освен тоа, имаат отворено 15.813 нови работни места за наставници за бегалците, пишува неделникот „Виртшафтсвохе“. Потребни се вкупно 25.000 наставници во основните и средните училишта, како и околу 14.000 воспитувачи и повеќе илјади социјални работници и психолози.

И во други професии се забележува „натпросечен пораст на побарувачката“, се констатира во извештај на Институтот за пазарот на работна сила и истражување на трудот (ИАБ): „Во градежништвото и внатрешното уредување, воншколските наставни активности и наставата по јазик, службите за обезбедување, сферата на социјална работа и јавната управа“

Овие издатоци за интеграција и квалификување на бегалците не треба да се сфаќаат како чисти трошоци, туку како инвестиции, вели Кристијан Проано, професор по економија на Универзитетот Бамберг. „Овие инвестиции би можеле да го зголемат економскиот пораст во иднина и истовремено да донесат олеснување во социјалните каси“, изјави тој за Дојчланд радио.

Доколку интерарцијата и барањето работа се одвиваат на најдобар можен начин, според проценклите на ЦЕВ, на јавните каси за две децении им се „насмевнуваат“ 20 милијарди евра повеќе отколку сега. Во најлош случај, пак, тоа би бил товар од 400 милијарди евра.

Deutschland Bundesamt für Migration und Flüchtlinge in Nürnberg
Само БАМФ за последните 12 месеци ги зголемила двојно бројот на своите вработени од 3 на 6 илјадиФотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

Образование

Големото прашање е колку бегалци во догледно време ќе најдат работа и ќе можат сами да се грижат за себе и семејството. Колку се подобри познавањата на германскиот јазик, толку е поголема шансата еден бегалец да не биде трајно зависен од државна помош.

Од бегалците кои се регистрирани минатата година, само два процента имаа познавања на германски јазик, вели истражувањето на БАМФ. За нивото на образование на овие луѓе, меѓутоа, е малку познато. „Репрезентативни податоци за учлишното образование и професионални квалификации на сите баратели на азил и на бегалците во моментов нема“, се констатира во извештај на ИАБ од јули годинава.

Сепак, во јуни како невработени се регистрирани 300.000 луѓе кои дошле во Германија како бегалци. Четвртина од нив има матура или сличен степен на образование, а друга четвртина нема никакво образование, наведува ИАБ. Заклучокот на тоа истражување гласи дека мнозинството од тие луѓе во најдобар случај може да работат како помошни работници или занаетчии. Од друга страна, во извештајот се наведува и дека постои „огромен образовен потенцијал“, поради тоа што мнозинството бегалци се сѐ уште релативно млади. Повеќе од половина од лицата кои во Германија годинава предале барање за азил, се помлади од 25 години.

Пазар на работа

Големите германски претпријатија есента 2015-та најавија дека сакаат да вработуваат и обучуваат бегалци. Но, досега има малку успешни приказни. Триесетте највредни германски фирми, кои вработуваат вкупно 3,5 милиони луѓе, до крајот на јуни примиле само 54 бегалци, истражи „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Педесет бегалци се вработени во Германска пошта, наведува весникот.

Нешто подобра е ситуацијата кај фирмите кои ја покренаа иницијативата „Ние заедно“, а која опфаќа повеќе од 100 претпријатија. Тие фирми може да се пофалат со 449 постојано вработени и 534 занаетчиски места за бегалците, а освен тоа ангажирале и околу 1.800 практиканти, се наведува од страна на иницијативата.

Според најновите податоци на германската Агенција за вработување, досега работа во Германија нашле 136.000 азиланти, што е околу 30.000 повеќе отколку една година претходно. Повеќето од тие луѓе, меѓутоа, во Германија стигнале пред големиот бегалски бран од летото 2015-та.

Додека младите бегалци почнат изучување занает минуваат во просек 22 месеца, покажа анкетата на Германската индустриска и трговска комора (ДИХК). Германската влада смета дека бројот на невработени во Германија од моменталните 2,7 милиони ќе се зголеми на повеќе од 3 милиони до 2020 година.

Финансирање

Колку и да се несигурни податоците за бројот на бегалците, односно азилантите, толку една работа е сигурна: колку помалку пари се издвојуваат за интеграција, образование и квалификации, толку поскапо станува за даночните обврзници. Тоа е „трка со времето“, верува Кристијан Проано. „Подобро е сега да се издвојат нешто повеќе пари, отколку за десет или 20 години да има нервоза.“

Останува прашањето како сето тоа да се финансира. Министерот за финансии сѐ уште е уверен дека трошоците може да се покријат без да има потреба од кратење на други места или од зголемување на даноците, затоа што економската ситуација во моментов е добра. Доколку по тоа прашање не се промени нешто, дебатата за бегалците би можела да се заостри уште повеќе.