1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкава е опасноста од тероризам за Германија?

9 јули 2009

Во Германија нападите се и натаму тема. „Опасноста од терор е акутна“, се вели од германски безбедносни извори, но веднаш со дополнување: не постои причина за паника.

https://p.dw.com/p/IkEb
Бомбашите со куфери во КелнФотографија: AP

Звучи како и секогаш: Германија уште одамна е во фокусот на исламистичките терористи, кои со напади би сакале да издејствуваат повлекување на германските трупи од Авганистан. Потребна е зголемена будност, но конкретна опасност од напади не постои. Минатата недела германските експерти за безбедност се сретнаа во Берлин за да дискутираат за опасноста. На крајот беше издадено соопштение за јавноста, но никаква новост. Ситуацијата е тешка за проценка. Колку е вистински загрозена Германија?

Германскиот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле со години предупредува: „Зборуваме за сериозна опасност. Ние сме безбедна земја и нашите безбедносни служби заслужуваат почит и поддршка.“

Многумина, меѓутоа, предупредувањата и законските предлози на Шојбле за одбрана од тероризам ги сметаат за претерани, дека ја ограничуваат слободата, дека предизвикуваат паника, како на пример шефицата на партијата на Зелените, Клаудија Рот: „Кај нашиот министер за внатрешни работи согледувам противуставни тенденции. Го доживувам како министер кој се чувствува како воен министер.“

И експертите велат-постои опасност

Дали грешат критичарите? Дали е Германија, на три месеци пред изборите за Бундестаг навистина на нишанот на терористите на Ал Каида?

Многумина безбедносни експерти велат, да, опасноста е голема. Во прилог на оваа теза зборуваат зачестените атентати врз германските војници во Авганистан и засилената желба на млади луѓе за туризам во правец на Пакистан, една од земјите во која се врши обука на терористи. Кон ова доаѓаат и видео пораките со кои се упатуваат закани кон Германија на германски јазик. „Ова значи нов квалитет и конкретизирање врз Германија, на германски јазик, а не повеќе со германски превод,“ потенцира министерот Шојбле.

Deutschland Terror Sicherheit Bahnhof Polizei
Постојана будностФотографија: AP

Очигледно, постојат слаби докази дека биле планирани напади пред изборите за Бундестагот. Терористите веројатно сакаат да посегнат во политиката, како во 2004 година во Шпанија, да предизвикаат несигурност кај граѓаните. Во нападите врз четири воза во Мадрид тогаш загинаа 191 лице, а повеќе од 1.800 беа повредени. Изборите кратко потоа водеа кон смена на власта и повлекување на шпанските трупи од Ирак. Пораката до Германија сега е иста: додека има германски војници во Авганистан, војната ќе је пренесеме кај вас, дома.

Гидо Штајберг, експерт за тероризам од Фондацијата наука и политика од Берлин смета дури дека Германија е најсилно загрозена држава: „Може да се претпостави дека Ал Каида, ако има можност, во наредните месеци ќе нападне германски цели за да повлијае врз изборите, врз дебатата околу Авганистан и со тоа по можност да предизвика повлекување на германските трупи.“

Непредвидлива ситуација

Ситуацијата е значи сериозна, но останува непредвидлива. Безбедносните органи ги следат сомнителните лица. Јасно е тоа, дека истрагата секогаш знае повеќе отколку што сака и може да каже.

Конкретни закани за терористички напади нема, барем не се соопштени. Телевизијата ЦДФ пред неколку дена објави, повикувајќи се на извори од безбедносни кругови -од мај постои предупредување од единица командоси на Ал Каида, која сака да изврши напади во западна Европа. Според информацијата, 15 терористи веќе заминале од Пакистан. „Најдоброто што може да го направиме е, јасно да кажеме, не дозволуваме да не заплашат, притисокот врз Германија нема да биде успешен“, вели министерот Шојбле.


Автор: Бенјамин Вист / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска