Колкава е навистина радијацијата во Фукушима 1?
1 април 2011Компанијата која управува со атомската централа Фукушима Даичи, Тепко, соопшти дека во водата под централата е констатирано присуство на радиоактивен јод во количество 10.000 пати повисоко од нормалното. Јапонските нуклеарни власти меѓутоа денеска соопштија дека измерените вредности се делумно неточни.
Ова не е првпат Тепко да измери погрешно. Од катастрофалниот земјотрес и хаваријата на атомската централа Фукушима 1, фирмата која управува со централата постојано е предмет на критика поради својата политика на информирање. Портпаролот на јапонската влада Јукио Едано денеска не исклучи можност од подржавување на Тепко.
Премиерот Кан во погодените подрачја
На руините на Фукушима 1 работниците денеска повторно се обидуваат повторно да ги обложат урнатините со вештачка смола, која би требало да спречи ширење на радиоактивната прашина. Вчера обложувањето беше прекинато поради дожд.
Јапонскиот премиер Наото Кан, во меѓувреме, ја најави својата прва посета во кризниот регион по катастрофата од 11 март. Тој утре (02.04) ќе ги посети уништениот град Рикузентаката и префектурата Фукушима, каде е хаварисаната централа, но најверојатно нема да ја обиколи и централата, јави агенцијата Кјодо.
Вестервеле во Јапонија
Во Јапонија утре ќе отпатува и шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле. Со посетата на Токио Вестервеле има намера да ја истакне солидарноста на Германија со јапонскиот народ.
По разурнувачкиот земјотрес и цунамито, досега официјално се избројани 11.600 загинати. Како исчезнати се‘ уште се водат околу 16.500 луѓе.
Автор:ЕМФ/СН/дпа
Редактор: Симе Недевски