1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Afghanistan Wikileaks D

27 јули 2010

Објавувањето на тајни американски документи околу мисијата во Авганистан од страна на интернет-платформата Викиликс, предизвика различни реакции во Берлин - од релативизирање на значењето на документите до загриженост.

https://p.dw.com/p/OVfd
Фотографија: Spiegel

По објавувањето на над 90.000 американски воени документи на интернет, опозицијата во Германија бара да се извлечат консеквенци за германскиот воен ангажман во Авганистан. Експертот на Залените за прашања на одбраната, Винфрид Нахтвај, за телевизија Дојче веле оцени дека се работи за потресна слика на меѓународниот ангажман и паралелната војна што САД ја воделе надвор од ИСАФ: „Првата последица е искреноста за она што се случува во Авганистан, ненашминката слика за безбедносната ситуација. Тоа е прв предуслов за воопшто да може да се направи концепт кој ќе се заснова врз факти.“

Winfried Nachtwei in Afghanistan
Винфрид Нахтвај за време на една посета на АвганистанФотографија: picture-alliance/ dpa

Вредноста на извадоците од воените протоколи што досега беа објавени од страна на медиумите, според министерството за одбрана, не е голема. Сепак, се‘ уште се проверува дали објавувањето на над 90-те илјади документи за меѓународниот ангажман во Авганистан може да ја загрози безбедноста на германските трупи. Политичарот на Христијанско-демократската унија Рупрехт Поленц предупредува дека талибанците би можеле врз основа на деталниот опис на операциите да извлечат заклучоци за идните потези на сојузниците.

Министерот повтори дека треба да се отворат очите

Министерот за одбрана Карл-Теодор цу Гутенберг смета дека позитивен аспект од објавувањето на Викиликс е тоа што е потребно подобро прилагодување кон суровата реалност на авганистанската војна: „Целите ги поставивме превисоко и веројатно овде-онде реалноста ја претставувавме премеко. Тоа особено се однесува на берлинската политика, чиј дел со години сум и јас и самиот правев грешки. Важно е тоа да се промени, погледот на нештата да стане поблизок до реалноста. Дали овие 90.000 страници сега ќе пружат сосема нова слика ќе видиме, зашто тие не можат да се прочитаат за неколку часа.“

Guttenberg besucht die Bundeswehrsoldaten des ISAF Einsatzkondingents in Afghanistan
Министерот Карл-Теодор цу Гутенберг бара реалноста да се прикаже отвореноФотографија: AP

Пратениците на Социјалдемократската партија и на Левицата бараат образложение - дали војниците на Бундесверот давале директна или индиректна поддршка на целните убиства на водачите на талибанците извршени од страна на Американците во Авганистан. Гутенберг, ваквите целни убиства, за телевизијата Феникс ги оцени како претерани, но не се изјасни против. За такви акции нема меѓународно-правна основа: „Тоа е една од причините зошто ние во вакви работи можеме да учествуваме само условно. Ние тоа го правиме во рамки на апсењата во Авганистан, тоа е познато. Се‘ што ги надминува тие рамки се работи кои се малку третирани во меѓународни рамки и за што ни‘ е потребна правна подлога.“

Подобра соработка е неопходна

Гутенберг се залага тајните служби и специјалните сили во иднина да дејствуваат покоординирано, и тоа не само во Авганистан. За ангажманот на германските специјални сили ќе биде редовно информиран парламентот. Министерството за одбрана молчи околу конкретната соработка на Бундесверот со американската единица стационирана во неговата база, која лови водачи на талибанците, и притоа, и целно убива. Се вели дека тоа е тајна.

Автор: Бернд Греслер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема