1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Натамошна ескалација во Македонија не може да се исклучи“

Елизабета Милошевска Фиданоска
3 март 2017

Сега е пресвртен момент за Македонија, оценува Валтер Колбо, поранешен државен секретар во германското Министерство за одбрана и координатор на германската помош за Македонија во времето на косовската војна.

https://p.dw.com/p/2YZrY
Walter Kolbow, Präsident der Deutsch-Makedonischen Gesellschaft
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

ДВ: Предвремените парламентарни избори требаше да стават крај на двегодишната политичка криза во Македонија. Кризата не само што не е завршена, туку се продлабочува. Некои познавачи на состојбите велат дека „фитилот не тлее, туку гори“ . Како Вие гледате на најновиот развој на ситуацијата и очекувате ли натамошна ескалација?

Валтер Колбо: За жал, не може да се исклучи натамошна ескалација. Состојбата е исклучително критична. Се демонстрира не само во Скопје, туку и во други градови на убавата Македонија. Несфатливо е што претседателот Иванов не го додели мандатот на социјалдемократите.

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини од претседателот Иванов бара повлекување на одлуката за мандатот. Могерини во Скопје претпазливо рече дека наредните денови ќе покажат колку навистина биле конструктивни нејзините средби со претседателот и политичките лидери. Што очекувате Вие?

Ја поздравувам ваквата иницијатива и имам големо разбирање за иницијативите на еврокомесарот Хан кој меѓутоа не успеа, затоа што кај конзервативците во Македонија нема доволно чувство за демократија. Затоа сега е важно што работите ги презема надворешнополитичкиот врв, госпоѓа Могерини, за уште еднаш да се стави јасно до знаење дека Македонија може да биде примена во ЕУ само ако демократијата се развие. Сега е пресвртен момент во кој се решава идниот развој на Македонија.

Напорите на ЕУ досега беа со умерен успех. Методот „морков и стап“ се чини во Македонија не функционира како што треба. Зошто? Што прави погрешно Европската Унија? Дали е можеби време да се удри со тупаница на масата, односно да се посегне по поостри мерки?

Мислам дека мора да се развие заеднички концепт. На Минхенската безбедносна конференција Македонија овојпат се разбира играше помала улога отколку кризните жаришта во Сирија, Украина или Африка. Неопходен е концепт. Мој совет, од искуствата кои ги имам од Македонија од 1999/2000, во време на војната на Косово, е дека е неопходна конференција која ќе создаде ситуација за разговор. Треба да се најде формат преку кој ќе се врши одржливо позитивно демократско влијание врз развојот на Западен Балкан. Тоа е работа со која мора да се зафати европскиот врв, но и европските земји. Во тој поглед Германија веќе не треба да биде воздржана.

Deutschland Walter Kolbow Parlamentarischer Staatssekretär
Валтер Колбо важи за добар познавач на состојбите на БалканотФотографија: imago

Русија повторно се јави за збор. Руското Министерство за надворешни работи „со загриженост“ оцени дека политичката криза во Македонија „испровоцирана со грубо мешање однадвор во внатрешните работи е дополнително влошена“. Москва констатира дека на Македонците „со активна поддршка на ЕУ и НАТО им се наметнува албанска платформа договорена во Тирана“. Како Вие ги коментирате ваквите изјави?

Станува очигледно дека Русија има интерес преку Србија да го зголеми влијанието, а македонската ситуација ја користи како можност за зголемување на влијанието. Не верувам дека тоа има смисла и дека треба да се поддржи, напротив. Мислам дека сега се неопходни заеднички европски напори, а треба да се вклучат и земји како Босна и Херцеговина, Албанија, Србија и, се разбира, Косово. Потребна ни е конференција, формат за разговори „Западен Балкан“, како обид за надминување на кризата.

Германија пред околу една година назначи специјален пратеник за македонската криза - Јоханес Хајндл. Дел од коментаторите забележаа дека Германија на Балканот се обидува да оди по трагите на САД и да го спроведува својот концепт „Стабилизирање на регионот“ онаму каде што ЕУ потфрлила. Како гледате на улогата на Германија на Балканот? Треба ли тука нешто да се менува?

Назначувањето специјален пратеник, амбасадорот Хајндл, кој добро ги познава работите, беше исправно. Но, сега мора да се надминат рамките на иницијатива на една земја и мерки мора да преземе целата ЕУ. Затоа подвлекувам и го повторувам мојот предлог за создавање формат „Западен Балкан“ во ЕУ.

Мислите дека таков формат би имал успех?

Ако за тоа се грижиме интензивно и трајно - да. Јас бев специјален ополномоштеник на ЕУ за координација на хуманитарната помош во време на војната во Косово, со седиште во Македонија. Сфатив дека со одржливи иницијативи за разговори и постојана грижа, како и со присуство на политички одговорните во ЕУ на лице место во различните земји, се постигнува поголем успех отколку кога се дејствува од дистанца. Ваква дистанца е создадена и се разбира за развојот на состојбата во Македонија не се виновни само Македонците, туку тоа низ годините беше и лапсус на ЕУ во целина.

Валтер Колбо беше државен секретар во Министерството за одбрана (1998-2005). Во 1999 година беше назначен за ополномоштеник на германската влада за координација на германските мерки за помош на Македонија. Колбо 29 години беше пратеник во Бундестагот (СПД) и долгогодишен претседател на Германско-македонското друштво. Тој е член на Советот на Сојузната академија за безбедносна политика.