Кои се избраниците за новиот кабинет на Џо Бајден?
Избраниот претседател на САД Џо Бајден почна да го екипира својот кабинет подготвувајќи се за влез во Белата куќа. Многумина од неговите кандидати беа во администрацијата на Барак Обама, а изборот го потврдува Сенатот.
Ентони Блинкен, министер за надворешни работи
Блинкен е долгогодишен близок соработник на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Тој работел во администрацијата на двајца демократски претседатели и бил истакнат советник во Комисијата за надворешни работи на Сенатот. Извршувал и функција заменик – национален советник за безбедност, како и заменик државен секретар во втората влада на Обама, кога Бајден беше вицепретседател.
Џон Кери, специјален претседателски пратеник за клима
Поранешниот министер за надворешни работи ќе биде специјален претставник на Бајден за прашања поврзани со климата. Кери од 1983 до 2013 година беше сенатор во Масачусец, пред да ја преземе највисоката функција во надворешната дипломатија во втората влада на Обама. Кери во името на САД во 2015 година го потпиша Парискиот договор за климата, а две години подоцна Трамп ја повлече земјата од него.
Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ОН
Линда Томас-Гринфилд од 2013 до 2017 година беше на важни позиции во Министерството за надворешни работи. За време на епидемијата на ебола, таа ја раководеше американската политика во Африка јужно од Сахара. Бајден планира да ѝ ја довери важната функција за Белата куќа, амбасадор во ОН.
Алехандро Мајоркас, министер за внатрешна безбедност
Адвокатот со кубанско потекло за време на претседателот Обама беше заменик-шеф за внатрешна безбедност и раководеше со реализација на програмата ДАЦА, која на т.н. „сонувачи“, како деца илегално донесени во САД, им овозможуваше останување во земјата. Доколку биде потврден неговиот избор, тој би бил прв доселеник и латино кој ќе го води секторот за внатрешна безбедност.
Џејк Саливан, советник за национална безбедност
Саливан од 2013 до 2014 беше советник на Џо Бајден за национална безбедност, додека тој беше потпретседател. Тој беше и заменик на Хилари Клинтон на функцијата министер за надворешни работи. Подоцна Саливан беше нејзин највисок советник за надворешнополитички прашања за време на нејзината претседателска кандидатура во 2016 година.
Аврил Хаинс, директор за национално разузнавање
Хаинс беше прва жена заменик директор на ЦИА, во периодот од 2013 до 2015 година. Таа го наследи Ентони Блинкен на позицијата заменик-советник за национална безбедност кога тој во 2015 година замина во Министерството за надворешни работи. Ако се потврди нејзиниот избор, таа ќе биде прва жена која ќе раководи со американските тајни служби.