1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Мама мафија

Сандра Вајс
22 април 2020

Во Мексико, во моментов, нарко-картелите се натпреваруваат со акции за помош на сиромашните. Зашто пандемијата ги погоди и криминалците, а на мафијата и е важно да ги одржи контролата и влијанието.

https://p.dw.com/p/3bFFu
Mexiko Guadalajara Coronavirus | Lebensmittelkisten von Guzman Foundation
Фотографија: Reuters/F. Carranza

Името беше брзо смислено: „Пакети со храна од Чапо“. Така мексиканските медиуми ги викаат пакетите со прехрамбени продукти кои на населението, секако само пред камери, ги дели ќерката на еден од најпознатите мексикански шефови на картели - Хоакин „Ел Чапо“ Гузман. Алехандрина Гузман подготвено објаснува дека тоа е помош во оваа пандемија, пред сѐ за старите и за немоќните. Нејзиниот татко и шеф на картелот Синалоа веројатно знае што прави неговата ќерка, иако е екстрадиран во САД и таму е во затвор. Секако, нејзиниот татко беше подготвен и да убие ако кој било во лице му кажеше дека има некаква врска со дрога и со наркотици, а тоа уште повеќе важи за неговата ќерка.

Таа е моден креатор, а во мексиканската сојузна држава Халиско ја има регистрирано и модната марка „Ел Чапо 701“ - и тука е веќе креиран прекарот на модниот тренд: „Narko-Chic“. Алехандрина со помошници во сиромашните населби дели пакети со лого од модната фирма во кои има тоалетна хартија и ориз. Секако, сѐ пред камерите и само што ќе замине од населбите каде што ги дели пакетите, на социјалните мрежи се појавуваат видеа и фотографии од нејзината акција.

Семејството Гузман само го следи трендот: голем број мексикански криминални банди во изминатите денови упадливо често се трудат да предизвикаат внимание на јавноста со делење пакети за помош. Државните служби не можат да сторат ништо: пакетите ги делат невооружени цивили, вели градоначалникот на Сан Луис Потосиа, Хавиер Нава, каде што е активен квартелот Халиско Нуева Генерасион. Но, сега тие делат пакети, така што државните служби немаат никаква правна основа да ги уапсат.

Mexiko El Chapo Merchandise
Александрина Гузман, жената која тврди дека е ќерка на мексиканскиот нарко-бос „Ел Чапо“Фотографија: Getty Images/AFP/U. Ruiz

Но, што ги натерало на оваа акција? „Нема никаква хуманитарна криза, ниту недостаток во Мексико“, ни објаснува Фалко Ернест од Кризната група. „Картелите користат можност да ја зацврстат својата социјална база“, вели тој. А пакетите со малку храна во моментов се подобро средство отколку насилство: „Ресурсите на картелите во моментов се слаби, а да се започне војна е скапо“.

Добротворни дела како инструмент на моќ 

И новинарот Хосе Ревелес ни објаснува за „пропагандната стратегија за да се покаже присутност“. Насилството и добротворните дела се две страни на медалот кога станува збор за територијални претензии - без разлика да ли кон државата или кон конкурентните банди.

Повеќе:

-Mафијата може да профитира од корона-кризата

-Коронавирус: Криминалците во криза?

-Коронавирус: Бодовите кои ќе одлучат за живот и смрт

На криминалците им е од полза и фактот тоа што владата на Мексико иако воведе програми за социјална помош таа е неефикасна, има недостатоци и е исполитизирана. „Тоа не е добро“, смета новинарот. „Ако тука државата не покаже што може, Мексико наскоро ќе има уште поголем проблем со безбедноста.“ И пред пандемијата Мексико чекореше кон нов рекорд на насилство: само во март се убиени 2.585 лица, што претставува месец со најмногу насилство од кога се води евиденција.

Универзитетскиот професор Маурицио Марино од Центарот за економски развој и истражување затоа го советува мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопес Обрадор повремено да се откаже од своите престижни проекти, како што е една рафинерија и туристичкиот воз на југот од Мексико, и наместо тоа за 68 милиони сиромашни Мексиканци да плати основна пензија. Секако дека претседателот такво нешто не сака ни да слушне. Во утринските обраќања кон нацијата по повод корона-кризата никогаш не кажува ниту збор за прашањата за безбедност.

Вирусот ги погодува и криминалците

Но, и организираниот криминал е погоден со пандемијата. Многу шверцерски патишта се блокирани како за кокаинот кој треба да стигне до богатите потрошувачи, така и за хемикалиите за синтетичките дроги кои пристигнуваат од Кина. Секаде се појавуваат потешкотии во набавката. Не им оди добро ни со рекетирање, а кај шверцот со луѓе е лошо бидејќи се затворени границите. Некои организации веќе не можат да ги плаќаат своите убијци. Но, како што смета мексиканскиот новинар кој се занимава со тамошниот криминал, големите картели имаат доволно резерви да издржат и неколку месеци без нови приходи. А можеби тоа е и можност да ги снема помалите криминални организации, смета Ревелес. „Тоа би било добро сценарио за државата, бидејќи тогаш целно би можел да порасне приливот и перењето на нивните пари и така да се загрозат благајните и големите банди.“ Но, признава и дека едвај се гледаат некакви обиди кои би воделе во таа насока.
Сепак, не мисли дека оваа пандемија би можела до доведе до централизација на организираниот криминал, каква имаше пред две-три децении и кога организираниот криминал беше во рацете само на мал број моќници- под надзор на државната партија ПРИ. „Фрагментацијата на криминалот севкупно погледнато веќе е преголема“, смета Ревелес. Но стравува дека тоа мноштво мали банди, во недостаток на приходи, би можело да се сврти кон други облици на криминал: киднапирања, уличен криминал или шверц на бензин. А тоа лесно би можело да значи дека во Мексико би имало уште повеќе криминал отколку што имаше пред да проговорат тоалетната хартија и тестенините.