1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-19 го зголемува гладот во светот

Кристоф Хаселбах
12 октомври 2020

Светскиот индекс на глад со години покажува глобален напредок во борбата против гладoт и неухранетоста. Но, корона-пандемијата може ова да го уништи, стравува германската организација „Помош за гладните во светот“.

https://p.dw.com/p/3jmX7
Symbolbild Afrika Schwanger
Фотографија: imago/i Images/A. Parsons

„Без глад до 2030 година“ беше една од развојните цели која пред пет години си ја поставија Обединетите нации. Тоа значи, дури и во најсиромашните земји во светот секој човек треба да е нахранет. Каде е светот денес? И дали сме на пат да ја постигнеме оваа цел?

Во 2015. тоа звучеше амбициозно, но остварливо. Бидејќи ситуацијата со гладот во светот значително се подобри за неколку години: во 2000. со севкупен глобален индекс од 28,2 на Светскиот индекс на глад ситуацијата во светот се сметаше за сериозна, а денес со индекс од 18,2 се смета дека е умерена. 0 значи воопшто нема глад, а 100 е најлошата вредност.

Организацијата „Помош за гладните во светот “ прави проценка според четири индикатори на глад:

Неухранетост (процент на луѓе кои не може да ги внесат потребните калории на дневно ниво)

Слабост кај деца (процентот на деца под пет години кои тежат помалку во однос на возраста – доказ за акутна неухранетост)

Заостанување на раст кај децата (процентот на деца под пет години кои се премногу ниски за нивната возраст – доказ за хронична неухранетост)

Смртност кај децата (стапката на смртност кај деца под пет години).

 „Најголем морален неуспех на нашата генерација“

И покрај напредокот најновите бројки се доволно застрашувачки: речиси 690 милиони луѓе во светот се неухранети, 144 милиони деца поради хронична неухранетост имаат заостанување во растот, 47 милиони деца имаат премала тежина, а во 2018 година 5,3 милиони деца починале пред петтиот родендени, често како последица на неухранетост. Зе „ Помош за гладните во светот “ гладот во светот е „најголемиот морален и етички неуспех на нашата генерација.“

И покрај тоа што светскиот просек се подобрува, има големи разлики меѓу одредени региони и земји. Субсахарска Африка (27,8) и Јужна Азија (26,0) се регионите со највисоко ниво на глад во светот.

Südsudan World Food Programme | Hilfsgüter
Светска програма за храна - авионска достава на намирници во Јужен СуданФотографија: Tony Karumba/AFP/Getty Images

Што му стои на патот на напредокот? Симоне Пот, портпарол на „Помош за гладните во светот" ги наведува „кризите и конфликтите, како и сиромаштијата, нееднаквоста, лошо здравје и последиците од климатските промени.“ На пример, Мадагаскар: „На Глобалниот индекс на глад денес тие стојат полошо отколку во 2012 година. На листата проблеми во земјата се растечка сиромаштија и политичка нестабилност, како и последиците од климатски промени. Конго и Централноафриканската Република се на дното на листата во извештајот. Насилните конфликти и екстремните временски услови го кочат позитивниот развој.“

Непал позитивен пример

Постојат и позитивни примери. Кај две од земјите кои се денес со умерени вредности на степенот на глад, Камерун и Непал, ситуацијата во 2000. беше доста сериозна. Во Камерун, економското производство по глава на жител меѓу 2000. и 2018. според податоците на Светската банка е речиси двојно зголемено, од 650 на 1534 долари. Ангола, Етиопија и Сиера Леоне исто така имаат огромен напредок во однос на 2000., подобрувајќи се на Индексот на гладот со намалување над 25 поени. Во 2000. тие се уште беа во категоријата на земји каде ситуацијата е сериозна, претежно како последица на граѓанските војни, кои се сметаат за главна причина за глад и неухранетост.

Повеќе:

„Првоборци на хуманоста“: Нобелова награда за мир за Светската програма за храна

Конфликтите и климатските промени поттикнуваат глад во светот

Со апликација против гладот

Симоне Пот го нагласува напредокот на Непал:„Со инвестиции во економскиот развој ја намалија сиромаштијата. Интервенциите во здравствениот систем придонесоа кон намалување на стапката на смртност кај децата и до севкупно подобрено здравје кај населението. Со инвестиции во земјоделието се зголеми сигурноста за храна.“

Лекот е често полош од болеста

Но сега во игра влегува најголемата непознаница – Ковид 19 и последиците од него. Ова не е земено во предвид во извештајот. Економскиот пад води кон намалени приходи, што во голем број земји ќе придонесе кон намалено ниво на храна. Светската организација за храна, ФАО, проценува дека ова може да доведе до неухранетост кај 80 милиони луѓе само кај нето-увозничките земји на храна. Матиас Моге, Генералниот секретар на „Помош за гладните во светот“ стравува: „Пандемијата и нејзините економски последици имаат потенцијал да го удвојат бројот на луѓе кои се погодено од акутни кризи со храна.“

И во западните земји одново и одново се поставува прашањето дали економските последици од корона-ограничувањата се посериозни од здравствените последици на самиот вирус, односно дали лекот е полош од болеста. Ова важи за многу земји од југот, смета Симоне Пот: „Целосниот карантин има фатални последици особено за милиони луѓе кои работат во неформалниот сектор. Тие за еден ден го загубија изворот на приход, локалните пазари мораше да се затворат и малите земјоделци повеќе не можеа да ги обработуваат своите полиња.“ Значи не е лесно да се одговори на прашањето што од ова е полошо за секоја земја.

Назад кон прашањето дали човештвото може да ја оствари целта, до 2030. година да го искорени гладот. „Не, за жал не сме на тој курс,“ резимира Симоне Пот.

„Генерално севкупниот развојот е охрабрувачки, но напредокот е спор. Ако ситуацијата со гладот во светот се развива како досега, во 2030. година 37 земји веројатно нема да достигнат ниско ниво на глад, според Индексот. Тоа значи дека тогаш околу 840 милиони луѓе би можеле да бидат неухранети. Ова не ги вклучува последиците и ефектите од корона-пандемијата.“