Ковид-19 во Бразил: Плажите полни, болниците преполни
Во Бразил во последните 24 часа се регистрирани 1.283 смртни случаи поврзани со инфекција на коронавирусот, а забележани се уште 63.630 новоинфицирани, соопшти бразилското министерство за здравство.
Бразил, во кој се регистрирани над 220.000 смртни случаи, е на второто место во светот, веднаш по САД, по бројот на починати поради последици со инфекција на коронавирусот.
Според податоците на министерството за здравство на оваа јужноамериканска земја, од почетокот на пандемијата вкупно се заразени речиси 9 милиони луѓе.
Актуелниот висок број на нови инфекции во Бразил, според бројни научници веројатно се должи и на мутацијата на вирусот која е откриена во оваа земја.
Повеќе:
-Преку 20 милиони инфицирани со коронавирус во светот
-Фотографија на денот: Вакцинирање во Бразил
-Корона-рекорди во САД, Бразил и Индија
Според Светската здравствена организација, бразилската варијанта на коронавирусот досега е потврдена во вкупно 8 земји.
Бројот на земји и територии во кои, пак, е присутна новата варијанта на коронавирусот откриена во Велика Британија се зголеми на 70, односно 10 земји повеќе во однос на 12 јануари, соопшти СЗО.
Видот на коронавирусот кој е откриен во Јужна Африка, кој како и британскиот побрзо се шири отколку основниот САРС-КоВ-2, исто така, продолжува да се шири во другите земји и сега е присутен во 31 земја и територии, наведе СЗО.
Ширум светот во тек се истражувања кои треба да утврдат зошто сојот откриен во Велика Британија е позаразен.
СЗО наведе дека варијантите на коронавирусот кои се различни од основниот вирус со време се појавуваат поради различни мутации и додаде дека ова е нормална појава за вирусите.