1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Се разбудија духовите од минатото

ЕМФ
19 април 2022

Mакедонскиот премиер Димитар Ковачевски, во видео обраќање по бурата која се крена околу клубот „Ванчо Михајлов” во Битола, вели дека целосно го разбира и чувствува гневот на граѓаните.

https://p.dw.com/p/4A7ZD
Nordmazedonien Politiker Dimitar Kovacevski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото поттикнувајќи го повторно говорот на омраза и недовербата против кои успешно се боревме. Оттука, целосно го разбирам и чувствувам гневот на граѓаните во изминатите денови“, вели македонскиот премиер Димитар Ковачевски во видео обраќање до граѓаните.

Премиерот нагласува дека државата ја стекнала „својата независност по Втората светска војна, во која граѓаните учествуваа во антифашистичката народно ослободителна војна. Антифашистичката определба на граѓаните е дел од нашиот национален идентитет со кој се гордееме во демократска Европа.“

„Македонските граѓани се определени за членство во ЕУ“, вели Ковачевски, „но провокации кои ги повредуваат нашите чувства како граѓани ја загрозуваат таа определба. Република Северна Македонија е суверена држава и имаме должност да го чуваме нашето достоинство. Имаме стратешка цел за влез во ЕУ, но достоинствено со својата национална гордост и посебност.“

Претседателот на македонската влада изразува увереност дека треба да се продолжи да се работи на зајакнување на дијалогот и унапоредување на односите меѓу двата народа до конечно решавање на спорот, но „за тоа да биде успешно, ниедна од страните не смее да прави чекори назад“: „Не смееме да дозволиме постојано враќање кон минатото и потези кои значат еднодневна политичка корист, а долгорочна штета на кревките односи кои ги градиме“, вели меѓу другото во своето видео обраќање премиерот Ковачевски.

- повеќе: По Ванчо, кој е следниот?

Обраќањето на Ковачевски доаѓа два дена по реакцијата на претседателот на државата Стево Пендаровски: „За жал, вчера во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока“, оцени Пендаровски.

- повеќе: Е, ова е нова бугарска административна окупација

На отворањето на клубот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов” во Битола, во текот на изминатиот викенд (16.040, присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова. Присутни беа и ексминистерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, како и ексминистерот Красимир Каракачанов.