1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коалицијата „За подобра Македонија“ победник на изборите

2 јуни 2008

На предвремените парламентарни избори, што се одржаа вчера (1 јуни), според нецелосните резултати објавени од страна на Државната изборна комисија победник е коалицијата „За подобра Македонија“

https://p.dw.com/p/EAxw
Коалицијата на Груевски со најмногу гласовиФотографија: Macedonian Information Agency

Коалицијата предводена од премиерот Никола Груевски е победник на парламентарните избори во Македонија, засенети од насилни инциденти. По обработените повеќе од 50 проценти од гласовите од страна на Државната изборна комисија, уште во текот на ноќта Груевски ја прогласи коалицијата „За подобра Македонија“ за победник на предвремените парламентарни избори. Неговата партија освои повеќе од 60 мандати во парламентот, рече Груевски во Скопје.

„Ова е историска победа“ истакна Груевски. Тој изрази и жалење поради инцидентите на денот на изборите, кога беше убено едно лице, а повеќемина се повредени. Во 20 гласачки места во областите претежно населени од Албанци гласањето беше прекинато. Груевски побара на тие места да се повтори гласањето.

Државната изборна комисија исто така потврди дека коалицијата „За подобра Македонија“ со околу 48 проценти од гласовите е најсилна опција во парламентот. Опозиционите Социјалдемократи, кои ја предводат коалицијата за Европа „Сонце“ освоија околу 23 проценти гласови. Шефот на СДСМ и предводник на коалицијата „Сонце“ Радмила Шекеринска им честиташе на победниците и предупреди дека презеле голем товар и одговорност. Таа истакна дека поради жртвите на денот на изборите цената за овие избори е премногу висока.

Трета партија во парламентот е ДУИ со освоени 11 процетни гласови, следена од конкурентната албанска партија ДПА со освоени 10 проценти гласови. Учеството на изборите изнесува 58 проценти.