1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клубовите мора да штедат

7 август 2009

Фудбалот е неспорен спорт број еден во Германија. Но, тоа не значи и дека клубовите се растоварени од финансиски грижи.

https://p.dw.com/p/J5bU
БундеслигаФотографија: DW-Montage/picture-alliance/dpa/AP

Опаѓањето на приходите на клубовите врз основа на спонзорство се главната причина за загубите, утврди консалтинг-агенцијата „Ернст и Јанг“. Претпријатијата штедат кај трошоците за реклами на ленти или на дресовите од фудбалерите, или канат помалку гости во ложите од стадионите.

Ситуацијата ќе се влошува

Ситуацијата веројатно натамошно ќе се влоши во сезонава која штотуку започнува, вели Арнд Хофеман, автор на студијата. „Клубовите од друга страна се прилагодуваат на ситуацијата со тоа што истовремено ги намалуваат своите трошоци. Обид за штедење се прави пред се’ во делот на играчкиот персонал. Кај трансферите, мнозинството од клубовите се ориентираа кон играчи за кои не мораа да платат обесштетување, а се прави обид и кај платите на играчите во сезоната да се влезе со помал буџет“. Секој втор клуб смета на намалени приходи. Во минатата сезона Бајерн Минхен оствари најголеми приходи од медиумски извори - околу 28 милиони евра, Шалке и Хамбургер остварија по околу 25 милиони. На последно место е Хофенхајм, од лани нов член на прволигашкото друштво, со околу 13,3 милиони евра.

Symbolbild Fußball Bundesliga
Фотографија: picture-alliance / Pressefoto ULMER

Приходите од тој извор се релативно рамномерно распределени меѓу клубовите, што влијае и врз спортската конкурентност, смета Хофеман. „Сосем недвосмислено се покажува дека француската прва лига, како и Бундеслигата, се највозбудливи, најнеизвесни. Во Англија, но и во Италија и Шпанија исто така, имаме битно поеднострани натпреварувања. Таму, навистина, играат можеби поголеми ѕвезди, но на друга страна, исходот на средбата е речиси однапред познат“.

Германскиот систем прилагодлив во Европа?

Финансиската ситуација и на клубовите од француската прва лига е се’ уште вистински робустна. Во Англија, Шпанија или Италија, само неколку клубови се успешни, благодарение и на моќните инвеститори; конечно, спортската и финансиската ситуација многу силно зависат една од друга. Затоа пак, во Англија речиси четири петтини, а во Италија и Шпанија околу 70 проценти од клубовите се погодени од кризата. Една од причините е и што најдобро пласираните екипи профитираат од високите премии во европските натпреварувања, како на пример, Лигата на шампионите. Јазот меѓу клубовите станува се’ поголем.

Symbolbild zur Geschichte der Deutschen Fussball Bundesliga
Фотографија: DW

Во тој поглед, германскиот систем се докажа - медиумскиот маркетинг на Бундеслигата е централизиран, а приходите се делат релативно рамномерно меѓу клубовите од првата и од втората лига. Тоа може да биде пример за углед и за Европа, смета Арнд Хофеман од консалтинг-агенцијата „Ернст и Јанг“: „УЕФА го согледа проблемот, дека првенствата во некои лиги секогаш се се’ попредвидливи и таа веќе најави дека ќе биде формирана Комисија, која треба да воспостави финансиски фер-плеј меѓу клубовите, за повторно да се врати возбудливоста во натпреварувањето и гледачите повторно да доаѓаат во стадионите, без да знаат како ќе заврши средбата по 90 минути“.

Автор: Бригите Шолтес / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска