Кинеска вселенска лабораторија ќе се урне на Земјата
28 март 2018Деловите од првата кинеска вселенска лабораторија „Тиангонг 1“ најверојатно ќе се урнат на Земјата во периодот од 31 март до 2 април, што значи токму за време на велигденското празнување. Европската вселенска агенција ЕСА јави дека делови нема да паднат на територија на Германија.
Кина ја лансираше „Тиангонг 1“ во вселената во 2011 година. Вселенската лабораторија оттогаш апсолвираше шест маневри на спојување со кинески вселенски бродови. Од 2016 година веќе нема контакт со лабораторијата.
Падот на деловите од вселенската лабораторија не може да се спореди со пад на метеорити, наглaсува експертот на ЕСА, Холгер Краг. Деловите паѓаат од височина од 30 километри со нормална брзина, па оттука нема да настанат кратери. „Веројатноста да се биде повреден од некој од деловите е мала како и да се биде погоден од гром два пати во иста година“, вели Краг.
Речиси се исклучува можноста делови од вселенската лабораторија, тешка 8,5 тони и долга 12 метри, да паднат врз Германија, Швајцарија или Австрија. Сепак, територијата на која е можно да паднат деловите е огромна. Краг зборува за појас од 43 степени јужно и 43 степени северно од Екваторот. Тоа значи, дека би можеле да бидат погодени сите континенти и сите океани. На 43 степен северно лежи, на пример, францускиот град Марсеј. Германија е надвор од таа зона.
Со оглед на тоа што територијата на којашто би можеле да паднат деловите од „Тиангонг 1“ (во превод Небесна палата, н.з.) опфаќа многу вода и пустини, прашање е дали по падот воопшто ќе бидат најдени деловите од лабораторијата. Краг претпоставува дека влезот во атмосферата на Земјата ќе го преживеат меѓу 1,5 и 3,5, тони од „Тиангонг 1“. Кога вселенската станица ќе падне на височина од 100 километри, поради густината на атмосферата на Земјата, за кратко време закочува. Објектот се распаѓа и во најголем дел гори поради настаната топлина од триењето. Преживуваат само деловите од титан и облагороден челик.