1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Короната повторно се шири во Кина

Јенс Јенсен
31 јули 2021

Раководството на Кина се обидува да го држи коронавирусот во шах-позиција со рестриктивни мерки и стратегија чија цел е „нула Ковид“. Но, во сликата на успехот се појавуваат пукнатини.

https://p.dw.com/p/3yM2D
China Corona Test
Фотографија: AFP via Getty Images

Ново проширување на коронавирусот во Кина - Националната здравствена комисија јави за 55 нови случаи, меѓу другото и во провинцијата Фуџијан и градот Чонгчинг, каде живеат околу седум милиони луѓе. Претходно имаше информации за инфицирани со Делта сојот во четири провинции и во главниот град Пекинг.

Околу 200 лица се имаат заразено во градот Нанџинг, во источна Кина. Таму на 20 јули позитивни на коронавирус беа девет хигиеничарки на меѓународниот аеродром. Сите се инфицирани со Делта сојот, јавија кинеските здравствени власти. Во провинцијата Џијангсу, чиј главен град е Нанџинг, има локдаун од кој се погодени стотици илјади луѓе. Сите 9,2 милиони жители во Нанџинг се тестирани по двапати.

Да останат дома мораат и околу 41.000 луѓе во населбата Чангпинг во Пекинг. Во кинескиот главен град се регистрирани први случаи на инфекција по шест месеци.

Повеќе:

Студија: Првите случаи на Ковид-19 во Кина датираат од октомври 2019

Збунетост во врска со ефикасноста на кинеските вакцини

Градот Жангџијаие, во провинцијата Хунан, поради неколку инфицирани лица, најверојатно во текот на театарска претстава, им наметна полициски час на сите 1,5 милиони жители, а затворени се сите туристички атракции.

Владата во Пекинг следи стратегија со цел „нула Ковид“ - доколку во некој град или провинција се појават мали кластери, тие подрачја се изолираат и се тестираат сите жители.

Бризбејн повторно во локдаун

Со остри мерки реагира и Австралија. Во Бризбејн е воведен строг полициски час. Заменикот премиер на сојузната држава Квинсленд, Стивен Мајлс, соопшти дека милиони жители на Бризбејн од денеска ќе мора да останат три дена дома. „Единствениот начин за победа над Делта сојот е да се реагира брзо“, образложи Мајлс.

Coronavirus - Proteste in Australien
Протести против локдаунот во БризбејнФотографија: Darren England/dpa/picture alliance

Претходно беа регистрирани вкупно седум случаи на заразени со Делта сојот, и тоа наставник, ученичка и нејзиното семејство. Властите се обидуваат да го откријат изворот на заразата.

Австралија се бори против коронавирусот со затворање на своите граници, брзо воведување локдауни во случаи на избивање на заразата и интензивно следење на контактите на заразените. Меѓутоа, досега во таа земја се целосно вакцинирани само околу 13% од населението.

Повеќе: По три децении економски подем, Ковид-19 ја турна Австралија во рецесија

Од пред еден месец, поради Делта сојот, се зголемува бројот на инфицирани. Сиднеј е веќе со недели во локдаун, но рестрикциите досега не го запреа ширењето на вирусот. Полицијата најавува поостри постапки кон луѓето кои не се придржуваат до рестрикциите и забраните за излегување.