1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина им забрани на „женствени мажи“ да се појавуваат на ТВ

БГ /АП
3 септември 2021

Кинеската влада забрани феминизирани мажи на телевизија и им порача на медиумите да промовираат „револуционерна култура“, засилувајќи ја кампањата за построга контрола и наметнување официјален морал.

https://p.dw.com/p/3zp6d
China Peking all-girl "boy band", FFC-Acrush
Кинескиот „бој-бенд“ ФФЦ Акруш веќе нема да смее да се појавува на телевизија.Фотографија: Reuters/D. Sagolj

Претседателот Ши Џинпинг повика на „национално освежување“ со засилена контрола од Комунистичката партија на стопанството, образованието, културата и религијата. Компаниите и јавноста се под засилен притисок да застанат зад визијата за помоќна Кина и поздраво општество.
Владата веќе им го ограничи времето за онлајн игри на малолетниците и се обидува да го намали, според неа, нездравото внимание кое им се посветува на славни личности. 

Телевизиите мора „решително да им стават крај на феминизираните мажи и другата абнормална естетика“, соопшти ТВ регулаторот, користејќи притоа навредлив жаргон за феминизираните мажи „niang pao“ или во буквален превод „женствени пиштоли“. 
Тоа е одраз на официјалниот страв дека кинеските поп-ѕвезди, под влијание на елегантниот, женствен изглед на пејачи и актери од Јужна Кореја и Јапонија, не ги охрабруваат кинеските мажи да биде доволно мажествени. 

Chinesischer Star | Yi Fan Wu Kris Wu
Кинеската поп-ѕвезда Крис ВуФотографија: ChinaImages/ZUMA Press/imago images

Илјадници „исчезнаа“ од платформите 

Телевизиите треба да избегнуваат промоција на „вулгарни интернет ѕвезди“ и восхит за богатство и слава, соопшти регулаторот. Наместо тоа, програмата треба „енергично да ја промовира одличната кинеска традиционална култура, револуционерната култура и напредната социјалистичка култура“.
Комунистичката партија ја засилува контролата и на славните личности. Телевизиите треба да избегнуваат настапи кои „го нарушуваат јавниот ред“ или „го загубиле моралот“. Програми за деца на славните личности, исто така се забранети. 

China Präsident Xi Jinping bei China Central Television CCTV
Претседателот Си Џинпинг наложи „национално освежување“Фотографија: picture alliance/ZUMA Press/M. Zhancheng

Порталите и социјалните платформи веќе започнаа со имплементација на одлуките. Платформата Веибо суспендираше илјадници групи на обожаватели и вести за забава. Популарната актерка Жао Веи исчезна од сите стриминг сервиси без објаснување. Нејзиното име е повлечено и од потписите на филмовите и ТВ програмите.
Друга актерка, Женг Шуанг, минатата недела беше казнета со 46 милиони долари поради избегнување данок, како пример за другите славни личности да бидат позитивни модели.