1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина игра ризична игра?

Родион Ебигхаусен/ Симе Недевски18 август 2014

Кина ги заострува тензиите во Источнокинеското Море. Така барем гласи обвинувањето во годишниот извештај на јапонското министерство за одбрана. Но можностите за реакција на Јапонија се ограничени.

https://p.dw.com/p/1Cw18
Japan Militär
Фотографија: TORU YAMANAKA/AFP/Getty Images

Со години Народна Rепублика Кина ги засилува своите економски и воени активности пред својот брег. Овие активности во Источнокинеското Море Јапонија често ги доживува како провокација: Кога Кина во 2013. година прогласи „зона на противвоздушна одбрана“ над островите Сенкаку/Диаоји врз кои контрола сакаат да имаат и Јапонија и Кина, тоа предизвика жестоки протести во Токио и во Вашингтон. Воспоставувањето на „ зона на противвоздушна одбрана“, која во меѓународното право нема значење, стручњаците го оценија како чисто „симболична политика“. Кина имено со тоа сакаше само да ги нагласи своите барања за ставање под контрола на овие спорни острови.

Во актуелниот годишен извештај на јапонското Министерство за одбрана воспостaвувањето на „противвоздушна зона на одбрана“ е повторно силно критизирано. Во него се наведува дека Кина се обидела „едноставно да ја промени статус кво ситуацијата, и оти тоа би можело да доведе до ескалација и ненамерни последици во Источнокинеското Море“. „Јапонија е сериозно загрижена“, се наведува во извештајот.

Yasukuni Schrein Japan / Yasukuni-Schrein Shinzo Abe
Јапонскиот премиер Шинзо Абе (во средина) за време на спорната посета на храмот ЈасукуниФотографија: Reuters

Постепено влошување на состојбата

Јапонскиот конзервативен премиер Шинзо Абе, кој е на должност од декември 2012. година, води офанзивна и повремено провокативна политика кон Кина. Абе во декември 2013. година го посети храмот Јасукуни. На ова спомен место, подигнато за јапонските жртви во Втората светска војна, тој им одаде почит и на осудените за воени злосторства, кои ги сториле во Кина или во Кореја. Оваа посета во Кина наиде на остри критики. Билатералните разговори потоа се откажани. Настапи дипломатско ледено доба.

„Абе искористи разни пригоди во Азија да ја покаже својата политика насочена против Кина“, вели Александер Сакаки од Фондацијата за наука и политика од Берлин во разговорот за ДВ. Според зборовите на Сакаки, Абе во текот на Дијалогот Шангри-Ла во 2014. година, на азиската конференција за безбедност, создаде атмосфера против Кина, без директно да ја посочи Кина во својот говор. „Поради тоа во најмала рака и Јапонија е виновна што кинеско-јапонските односи се во криза“, вели Сакаки.

China Militärflugzeug SU-27 Archiv 2012
Кинески борбени авиони од типот СУ-27Фотографија: imago

Натпревар во вооружување

Се’ упатува на тоа, вели Сакаки, дека „Кина е закана број еден за Јапонија.“ Како што вели тој тоа така го гледа и поголемиот дел од населението. „Во Јапонија расте стравот од кинеска воена надмоќност во однос на Јапонија“, вели Сакаки.

Притоа ни Јапонија, ниту Кина, не сметаат на симболична политика и реторика. Кина во последните години драстично ги зголеми своите давачки за вооружување. Меѓународниот мировен институт од Стокхолм (СИПРИ) пресмета дека воените давачки на Кина во 2013. година пораснале за 7,4 проценти на 188 милијарди долари.

Јапонија, која своите воени давачки од 2002. до 2012. година ги редуцираше секоја година, во 2014. година усвои буџет за вооружување во висина од 48 милијарди долари. Станува збор за пораст во висина од 2,2 проценти. Меѓутоа, како што вели Сакаки, реакциите не биле големи. „Јапонија со својата економија која стагнира едноставно нема можност за вистински трка во вооружување“, вели Сакаки.