1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киев пред тежок избор

Роман Гончаренко/сн11 мај 2016

Додека договореното во Минск, останува неисполнето, пред сѐ Украина запаѓа под притисок да дејствува. Во преден план на дипломатските напори стојат изборите во сепаратистичките области.

https://p.dw.com/p/1IlRm
Фотографија: DW/F. Warwick

Состаноците во т.н „Нормандиски состав“ се една од ретките константи во меѓународните настојувања мировниот процес во Украина да се изведе од ќорсокак. Министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Русија и Украина денеска се состануваат во Берлин за повторно да разговараат за ситуацијата во Украина. Ќе стане збор за две централни теми: безбедносната ситуација, односно дали се почитува примирјето и „модалитети за локалните избори“ на истокот на Украина.

По последниот состанок на министрите во Париз, шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмаер не можеше да го сокрие своето разочарување пред сѐ од начинот на кој Москва и Киев ги водат преговорите.

ОБСЕ: Ситуацијата се влошува

Мина повеќе од една година од 12 февруари 2015 кога во белоруската престолнина Минск, Украина и проруските сепаратисти од Доњецк и Луганск се договорија за каталог мерки со 13 точки. Договорот е наречен Минск 2, бидејќи првото примирје траеше само неколку месеци.

Ukraine Kiew Auseinandersetzungen an der Werchowna Rada
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Supinsky

Денешниот биланс изгледа вака: нема големи борбени дејствија, но нема ниту потполно примирје. Во некои места- како на пример поранешниот аеродром во Доњецк- се водат борби како договорот од Минск да е само безвредно парче хартија. Состојбата е влошена, констатираше во април Александер Хуг од ОБСЕ. Двете страни ги прекршуваат одредбите на договорот Минск 2, рече Хуг.

Реформата на Уставот како најголем проблем на Киев

Како главна точка за политичко решение, според Минск 2, важи реформата на уставот на Украина и локалните избори во сепаратистичките области. Реформата би требало да гарантира фактичка автономија во овие области.Тоа меѓудругото значи дека локалната управа ќе има влијание врз именувањето на судии и државни обвинители и оти т.н „народни милиции“ ќе бидат легализирани. Освен тоа со договорот Украина се обврзува на финансирање на сепаратистичките области. Но таа до денес не го прави тоа.

Уставната реформа веројатно е најголемиот проблем за Киев. Гласањето за првото читање на крајот од август минатат година беше засенето од насилни протести. Второто читање одамна требаше да се одржи, со цел реформата да стапи во сила , како што беше договорено до крајот на 2015 година. Сепак таа е поместена на неопределено време. Набљудувачите во Киев наведуваат дека во парламентот очигледно не постои неопходното мнозинство од 300 гласови.

Дилемата на Порошенко

САД веќе во минатите месеци јасно ставија до знаење дека Украина треба да го исполни својот дел од договорот од Минск, па дури и ако Русија не го стори тоа. Кога американскиот министер за надворешни работи Џон Кери во наредните недели ќе допатува во Киев, можно е и да ја повтори оваа порака.

Порошенко западна под притисок и се наоѓа пред дилема: доколку и натаму одолговлекува со усвојувањето на изборниот закон за сепаратистичките области, ризикува да ги разочара своите пријатели од Запад. Притоа Украина е упатена на финансиската помош од Западот.

Ukraine Rede von Petro Poroschenko
Фотографија: picture-alliance/dpa/TASS/M. Palinchak

Некои украински набљудувачи предупредуваат дека натамошното одолговлекување на украинска страна , меѓу другото, може да доведе и до делумно попуштање на економските санкции на Западот против Русија. Киев сака да го спречи тоа. Доколку Порошенко попушти под притисокот, би можел дополнително да страда неговиот ионака влошен имиџ во земјата.

Досега Украина поставуваше услови за одржување на изборите во сепаратистичките области, меѓу кои се целосно примирје и потполна слобода на движење за набљудувачите на ОБСЕ. ОБСЕ на овие избори би требало да одигра централна улога- не само во својство на набљудувач , туку и на тело кое гарантира сигурност за нивното одржување. Како таа миисја би требало да изгледа, досега не е јасно, и оваа тема би можела да се најде на дневниот ред на состанокот на министрите во Берлин. Сепаратистите неодамна своите избори ги поместија на 24 јули. Тој датум сепак не е конечен, рече Александер Сахарченко, лидер на самопрогласената „Народна република Доњецк“.