1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Киев го запре транзитот на руски гас преку регионот Луганск

СН/агенции
11 мај 2022

Војната се чини дека сега веќе има влијание и врз снабдувањето со гас во Европа. Украина затвора дел од клучниот гасовод за транзит на руски гас кон Европа.

https://p.dw.com/p/4B7C8
Ukraine I Gasverdichterstation im Dorf Mryn
Фотографија: Roman Pilipey/epa/picture alliance

Барањата за транзит на руски гас преку украинската станица „Сохрановка“ за 11 мај паднаа на нула, покажаа податоците на операторот на гасниот транспортен систем на Украина (ГТСОУ), по  вчерашното предупредувањето дека од денеска во седум часот наутро ќе ги стопира испораките преку трасата.

ГТСОУ вчера соопшти дека натамошниот транспорт на руски гас кон Европа преку станицата „Сохрановка“ и пограничната компресорска станица „Новопсков“, кои се наоѓаат во регионот Луганск, не е можен поради тоа што настапиле „околности на виша сила“. Како што соопшти ГТСОУ „околностите на виша сила“ се поради фактот што двете станици се под контрола на Русија, поради што дошло до „мешање на окупациските сили во техничките процеси“.

Компресорската станица „Новопсков“ руските сили ја заземаа набрзо по почетокот на инвазијата, а низ неа поминува речиси една третина од гасот кој се испорачува од Русија во Европа, што изнесува до 32,6 милиони кубни метри дневно.

Повеќе: Германија и рускиот гас – долг пат до енергетска независност

Компанијата соопшти и оти во „цел на исполнување на транзитните обврски кон европските партнери е можно привремено префрлање на недостапните капацитети од точката „Сохрановка“ во точката „Суџа“, која се наоѓа на територија која е под контрола на Украина“.

Дали спасот е во Казахстан?

Украина продолжи да биде главна транзитна рута за испорака на руски гас во Европа дури и откако Русија изврши инвазија на земјата на 24 февруари.

Рускиот енергетски концерн Газпром во реакцијата на на ова соопштение на ГТСОУ истакна дека Украина неоправдано го запира транзитот на гас преку станицата „Сохрановка“

„Гаспром доби известување од Украина дека ќе го запре транзитот на гас преку станицата „Сохрановка“ поради „виша сила“, но ние не гледаме препрека со таа насока за да продолжи транзитот кон европските потрошувачи“, изјави Сергеј Купријанов, претставник на Гаспром.

Тој наведе оти Украина предложила гасот да биде пренасочен на гасната станица „Суџа“, но нагласи дека тоа е технички невозможно да се стори.

„Бидејќи во дописот кој го добивме не е наведено за каква виша сила се работи, не гледаме препрека транзитот на гас да продолжи преку станицата 'Сохрановка'“, рече Купријанов.

Тој додаде и оти Газпром во целост ги исполнува сите обврски кон европските потрошувачи и испорачува гас во согласност со важечките договори, а услугите за транзитот се платени.